Кога системот лаже (2)

20.02.2016 18:48
Кога системот лаже (2)

РАЗЛИКАТА МЕЃУ ОБИЧНАТА ЛАГА И ЛАГАТА КОЈА Е ТЕМЕЛ НА ПОЛИТИЧКИОТ СИСТЕМ

 

Општо е познато дека луѓето отсекогаш ја користеле лагата и во секојдневниот живот и во остварувањето на своите политички цели. Но, обичната лага, пишуваше Лешек Колаковски, не е особено интересна појава, ниту заслужува посебно истражување, доколку е чиста и обична лага, измислена за определени цели на некои индивидуи.

Да речеме, вели Колаковски, некаков министер рекол дека не спиел со некоја дама, а спиел; некаков претседател изјавил дека не знаел што неговите потчинети правеле, а знаел. Или, да земеме некои примери од обичните лаги кај нас: кога Груевски вели дека не преговара за името со Република Грција, а преговара; кога вели дека пратениците во Парламентот на Македонија „сами одлучиле за амнестија на лицата третирани со т.н. Хашки случаи“, без тој да им наредил така да сторат, а им наредил; кога Силвана Бонева вели дека нејзините синови, без да знае таа, купиле два стана во зградата до МВР (чија вредност, беше спомнато, изнесува околу 250-300 илјади евра), а секако знаела. Зашто, без нејзино знаење, и веројатно не само без нејзината „неинформираност“ тие не би припариле до таа зграда.

За ваквите лаги Колаковски вели дека се обични нус производи на политичкиот живот. Таквите лаги не ги загрижуваат луѓето. Дури, тој вели, дека обичната лага е и корисна бидејќи „нормалната политичка лага ја остава разликата помеѓу вистината и лагата во ненарушена состојба“.

Меѓутоа, кога лагата станува корен на политичкиот систем, тогаш ѓаволот ја однел шегата. Во таквото општество, според Колаковски, „лагата станува вистина или барем исчезнува разликата меѓу вистината и лагата во вообичаената смисла на зборот“. А Џорџ Орвел, кога ја опишува философијата што владеела во од него замислената тоталитарна „Истазија“ тоа го нарекува „негација на сопствената личност“, или „обожавање на смртта“.

ЗАПАД ПРОТИВ ЗАПАДОТ

Денешниот (за нас) Запад (ЕУ и САД), вовлечен во решавање на ујдурмите на македонскиот Наџиб Разак, знае до какво совршенство и сеопфатност стигнала лагата во тоталитарните системи. Малкумина во тие општества, особено во првите децении, можеа да направат разлика меѓу лагата и вистината. Затоа луѓето подеднакво умираа и од лагата и од вистината, зашто ретко кој можеше да погоди што е вистина, што е лага. Тоа укинување на разликата помеѓу лагата и вистината човештвото (вклучително и Западот) го плати со многу повеќе од стотина милиони човечки животи - ако се ограничиме само на убиените и умрените од глад во Русија за време на Сталин, на Мао Це Тунг и на жртвите на нацизмот. Слободниот Запад вложи многу во борбата против тие општества.

За жал, денес во срцето на Европа има многу знаци на воскреснување на идеологии и практики кои кокетираат со тоталитарните ужаси, преоблечени во ново руво. Има лидери на чело на некои држави членки на Унијата и лидери на земји претенденти да бидат членки - кои се гордеат со авторитарните методи на управување и силно кокетираат со тоталитарните сентименти; ним како да им годи ако бидат наречени деспоти; тие како да не се срамат од расистички испади; се обидуваат да реинкарнираат системи во кои тие настојуваат да ги контролираат сите организациони облици на животот и во кои основен стожер на нивниот опстанок на власт е институционализираната лага. Таквите лидери флагрантно ги кршат човекови права во нивните држави, се докажани арамии, а пристојните европски лидери се плашат да им го кажат тоа, па дури и отворено кокетираат со нив и ги прифаќаат како свои „камаради“. Изговорот е: „обезбедиле“ мнозинска поддршка во своите држави; наводно се важни во дадените околности од безбедносни причини; и разни други прикаски.

Е, па, драги Западњаци, кокетирањето и соработката со таквите бандити не оди заедно со битката за ширење на вашите „западни вредности“. Западните вредности така не се шират. Така се стеснуваат - и кај нас и кај вас дома. Тоа веќе се гледа од авион. Бегалската криза веќе откри нечии грди лица, а моделот на Орбан како да станува попопривлечен. Се обидувам да замислам какви ли се овие посакувани, од наша страна ЕУ и НАТО кои се плашат од некојси Груевски, некојси Ахмети, некојси Тачи во земјата Македонија со, на хартија, 2 милиони луѓе, а реално со многу помалку од тоа. Тие силни асоцијации кои му се нудат на човештвото како модел за живеење, наводно се плашеле од можна дестабилизација на Македонија која, пак, замислете, зависела од расположението на неколкуте спомнати бандити, за кои Западот има многу покомплетни досиеа отколку македонскиот народ. Замислете, од нив зависело дури и како ќе се решава бегалската криза во Европа!? Демек, без нив Европа не може да ја реши ниту бегалската криза. Каква бламажа?

Денес, на 19.02.16., вие од Западот ќе сте соопштеле дали Македонија ги исполнува условите за фер и демократски избори. Срамота! После сé што знаете во врска со главниот Апаш и неговите помошници (и пред Пржино и потоа, до сега), повторно ви требало проценка за да кажете дали се исполнети условите за фер и демократски избори? Повторно ќе откривате дали водата е мокра. Дали сте сериозни кога тоа го велите? Што мислите: „На која точка во овој момент се наоѓа лагата во Македонија на нејзината патека од ’обична лага’ (присутна во секое општество) - до нејзината ’тоталитарна апотеоза’ (најблиску остварена во сталинизмот, нацизмот и фашизмот)? Зарем не гледате дека кај нас сé станува лага. Имаме речиси заокружан систем што лаже, а не само поединци кои лажат. Зарем не гледате дека лажат сите институции под водство на оваа власт. Лажат мнозинството доминантни медиуми. Лаже државата во име на водството на партиите на власт, зашто тие водства се државата. Повторно имаме на дело олигархиски колективизм во смисла на дефиницијата на Троцки, само овој пат во услови на мешана сопственост.

Во нашиот случај, почитувани Западњаци, вистината прво треба да стигне преку судството. А него го нема. Без оттаму да се обзнани вистината и без доволно време вистински слободни медуими да им ја предочат вистината на граѓаните, нема слободно изразена волја на изборите. Специјалното обвинителство, гледате, не е доволно. Министерството за вистина (Минист) - кое прави сé да ја укине разликата меѓу лагата и вистината; Министерството за изобилство (Миниоб) - кое вложува огромни напори да ја банкротира земјата - делејќи куќи, станови, пензии, работни места; бесплатни патувања; субвенции за пријавено, а непроизведено производство; Министерството за љубов (Миниљуб), задолжено за ширење меѓуетничка и меѓучовечка омраза како и за редовно информирање на граѓаните за секојдневните заговори против Македонија кои доаѓаат од соседите и разни странски служби - гледате дека беспрекорно функционираат и после договорот од Пржино. Полицијата задолжена за мислата на луѓето и ’Одделението за документација’, гледате, кому и кога сакаат му соопштуваат некому дека има сторено некаков деликт , без тоа лице воопшто да знае дека има направено каков и да е деликт во животот, а судиите, како специјализирани џелати на Големиот брат, со помош на заштитени сведоци (од подземјето) реагираат токму тогаш и токму како што тој сака.

Кога Џорџ Орвел во „1984“ вели дека „севкупната историја станала палимпсет, од кој колку пати било потребно се гребел стариот текст и се запишувал нов“, па „после таквото исправање во никој случај не можело да се докаже дека бил можен некаков фалсификат“; или, кога преку неговиот главен лик, Винстон Смит, вели дека секојдневното исправање цифри во ’Министерството за изобилство’ „не е фалсификат, туку просто внесување на една бесмислица наместо друга“ и дека „статистичките податоци и во првобитните и во дотераните верзии биле чиста фантазија“, се прашувам: мислел ли овој овековечен гениј само на неговата „Океанија“, или и на вечната Македонија?

Затоа, почитувани претставници на САД и ЕУ, не ги разочарувајте искрените поддржувачи и споделувачи на вашите доминантни вредности. Јас не знам што денес (19.02.) ќе кажете - иако нешто препоставувам. Но сакам јасно да кажам: Македонија не е подготвена за фер и демократски избори: ниту на 24 април, ниту на 5 јуни. Ниту една земја не може да биде подготвена за фер и демократски избори, ако нив ги организираат и на нив учествуваат ретки примероци на арамии, фалсификатори, патолошки лажговци. Со нив нема ’договорена работа’; нема стар или нов закон којшто се подготвени да го почитуваат; не постои даден збор. Нивни правила се само правилата на насилство - прикриено или отворено. Зрнцата пречки коишто им ги вградивте во процесот наречен ’Пржино’ не ги попречуваат да продолжат: со единството на партијата и државата; со политичката корупција; со подјарменото и подмитеното новинарство; со касапење на правдата преку евтино купените џелати во она што тие самите го нарекуваат судство.

Имате ретка прилика кога мнозинството жители на Македонија не ве доживуваат како непожелни надворешни судии - освен корумпираната камарила и нивната партиска војска (не целата), на која не ѝ е дозволено да мисли, освен да извршува. Искористете ја таа ситуација, зголемете го вашиот кредибилитет во време кога сé повеќе се шири мислењето дека Европа не е кадарна да опстане на своите вредности, а САД се во сé поголема дефанзива пред другите претенденти за влијание во светот. И поверувајте им еднаш на оние што ви советуваат дека вредностите се ваше поуспешно оружје одошто воената сила.

Значи, нема фер избори додека не се испорача казната за злосторничката група која десет години во секој поглед ја ограбува Македонија и десет години - независно од тоа колкаво - сепак е камче во чевлите на Европа и Нато.

(крај)

Кон првиот дел

Слики: Guy Billout