Парите, богот на стоката

23.02.2016 10:52
Парите, богот на стоката

Да не комплицираме: да, има смисла да се укине готовината. Дури и од хигиенски причини. Истражувањето на Унивезитетот во Њујорк идентификувало 3 000 бактериски слоеви само на една банкнота американски долар – а попрецизно можеле да утврдат потекло само на 20 проценти нечовечка ДНК на неа. Секако дека нашле и кокаин.

Сето тоа едвај им е на ум на економистите кои во последните неколку недели ја подгреваа дискусијата за тоа, дали треба да се укине готовината. На пример, таква мерка заговара некогашниот главен економист од Меѓународниот монетарен фонд, Кенет Рогоф, и германскиот економски мудрец, Питер Бофингер – што доведе до негодување и јавни осуди на готовината, да го издвоиме само шефот на Сојузната германска банка, Јенс Вајдман. Германците делуваат особено поврзани за готовината. Според анкетите, три четвртини од Германците се против повлекувањето на кованиците и банкнотите од прометот.

Другите земји се веќе понапредни по тоа прашање. И тоа, не само во САД, каде безготовинското плаќање е многу пораширено. Да се сетиме само на филмот Големиот Лебовски во чие средиште се наоѓа ликот „Дуд“, истиот оној Лебовски кој во почетната сцена во супермаркетот плаќа млеко за коктел со чек на 69 американски центи без покритие.

Шведска е првата европска земја која воведе хартиени пари во средината на 17 век и денес се смета за предводник за нивно укинување – таму дури и во црквите кружи уред за читање картички наместо садови за милостина. Данската централна банка најави дека од следната година веќе нема да печати нови банкноти. Во Италија и Франција воспоставени се горните граници, така што веќе нема да смеат да се плаќаат износи повисоки од 1 000 евра во готово.

Кои досега изнесени аргументи би биле оние што ќе ја укинат готовината? Без готовина би можело да „пресуши мочуриштето“ на работењето на таканаречениот организиран криминал. Каков аргумент. Улогата на готовината во „матните бизниси“ може да се покаже со примерот од банкнотата од 500 евра. Едвај некој некогаш ја видел а камо ли да ја има в раце, но и покрај тоа светло виолетовите банкноти според ЕЦБ (Европска централна банка) се околу една третина од готовината која кружи во Еврозоната, имено во циркулација се наоѓаат околу 600 милиони банкноти од 500 евра. Исто така, таа банкнота се нарекува душек; најпосле, нејзината висока вредност е идеална за оние случаи, кога не сакаме да го положиме својот имот во рацете на банките. На тој начин, гласи следниот аргумент, укинувањето на готовината би подразбирало заштеда на време и трошок. Банкнотите и кованиците веќе нема да мораат скапо да се печатат или коваат, а на благајните веќе нема да мораме мачно да претураме во паричникот.

Таквите аргументи не се толку убедливи. Криминалните работи со добивки во милијарди се можни и преку банкарска сметка, а тоа своевремено го докажа и Дојче Банк. Исто така, денес постојат замени за парите како криптовалутата Биткоин и другите облици плаќање. Во тие области на неформална економија, еврото и онака не е од особено значење. Така, на пример, сомалиските пирати примаат само американски долари, а никако евра.

И самата борба против избегнувањето плаќање даноци во моментов не изгледа безнадежна, затоа што парите во готово се ставаат на сигурно од фискусот. На тој начин, „парите-душек“ многу повеќе служат за купување скапи уметнички слики и недвижности, отколку како средство за чување вредност. А, оној кој одвреме-навреме ќе наврати во супермаркет знае колку долго знае да биде плаќањето со дебитна картичка. Во позадината на дискусијата за гореспоменатите аргументи, еден друг – кој го наведуваат Рогоф и Бофингер – особено добива тежина: без готовина монетарната политика на централните банки би можела да прави подобри проценки, особено по прашањето на каматната политика. Зошто? Политиката на ниски каматни стапки на ЕЦБ би требало да ги направи кредитите евтини и на тој начин да ѝ вдахне живот на економијата. Но, сепак, тоа не се случува. Претпријатијата, на кои итно им треба кредит, и покрај тоа не добиваат пари – бидејќи тоа е премногу ризично за банките. Никој не може да им вети на банките дека повторно ќе ги видат тие пари. Другите претпријатија не сакаат да земаат кредити. Додуша прават профит, но проширувањето на нивното производство финансирано од кредити, се смета за премногу ризично – шансите за добивка во моментов сè уште не се толку розови. Затоа, парите остануваат во банките или се одлеваат на финансиските пазари.

Ако и понатаму се обидуваме да ја оживееме економијата преку монетарната политика, каматата ќе мора да биде негативна. Тоа, пак, би можело да доведе парите да се подигнат од банките. Помило им е криењето неколку банкноти од 500 евра под душекот, отколку девалвацијата на заштеденото. Кога не би имало душек-пари или дури и готови пари како такви, тоа не би било можно.

Што воопшто се парите?

Нешто слично спроведувале владите во пресрет на кризата 1929 година, барем во САД: додека канцеларот на германското царство Хајнрих Брининг се обидувал да се бори против кризата со диктатот на штедењето и на тој начин ја влошил, американскиот претседател Френклин Рузвелт забранил поседување повеќе од пет унци злато, тогашни душек-пари, и така ја ослободил ликвидноста потребна за спроведувањето на New Deal-от. Сепак, постојат и спротивни мислења: кај готовината е сеедно кој ја издава или прима банкнотата бидејќи односот на актерите е завршен со замената на банкнотата, кога се работи за кредитни пари, не е само од клучна важност да се знае кој е испраќачот, а кој примачот на плаќањето (и дали се работи за банкарска сметка која не го носи името на својот сопственик), туку тие пари и понатаму ќе постојат како кредитен однос – а бонитетот игра голема улога, што го прави нужно поседувањето дополнителни информации за доверителот (кредитни рејтинзи, податоци за бонитет и слично). Економистот Мартин Шубик тоа го формулирал на следниот начин: готовите пари не оставаат хартиена трага.

Обврзувањето на една сметка исто така нуди влезна точка за државен надзор, што предизвикува повлекување потези од (нео)либералите до Пиратите. Всушност, на тој начин парите одеднаш повторно почнуваат да оставаат трага – најпосле, готовината е и прашање за веродостојноста и намерите на личноста, нејзината „положба“ во светот. За едни, предлогот да се укине готовината е врв на неолибералниот напад, а за други, напад на либералните принципи на пазарната економија. Таа противречност веќе упатува дека проблемот е пофундаментален, имено дека доведува во прашање што всушност се парите. Понатаму, она што ги разликува готовите пари од депозитните, парите во банка – тоа што тие, строго гледано, не се пари.

Основа за тоа дека готовината воопшто може да се укине е фактот дека додека парите стојат во банка, се создаваат депозитните пари. Парите сега се наоѓаат во книгите на банките, заради што се создаваат побарувања од банките. Парите привидно се зголемени двојно. Банката е должник и има обврска кон сопственикот на сметката, доверителот. Навистина, гледајќи во екранот, кај онлајн банкарството, се добива впечаток дека имаме волку или толку пари, но, сепак, де факто нив ги има банката. Според тоа, парите на сметките се одреден облик пари: без разлика дали се кредитни или депозитни пари. Ние имаме само едно барање кон банката.

Исто така, депозитните пари не се пари. Тоа може да се согледа во тоа што сите побарувања и обврски се порамнети едни со други и дека салдото изнесува нула. Ветувањето за плаќање е подмирено со пари, но не е пари; тоа може само да врши улога на пари, додуша во облик на кредитни пари, а претходно како вообичаен трговски кредит. Денес преовладуваат депозитните пари, додека размената ја познаваме само од историските книги и црно-белите филмови.

Значи, кога Личноста А ќе ѝ назначи на Личноста Б некоја сума, ветувањето за плаќање на Банката Икс на Личноста А преминува кон Банката Ипсилон, која сега е обврзана кон Личноста В. Тој однос не се менува од основата кога плаќаме со дебитна картичка или ги користиме сервисите за посредување при онлајн плаќањето.

Депозитните пари се ризична работа како што се покажа во изминатите години – и покрај гарантирањето на улогите. За тоа доволно зборува фактот што Ангела Меркел во 2008 година мораше да застане пред камерите со однапред внимателно подготвен текст кој гласеше „штедните влогови се сигурни“. А, во Грција која му се заканува на Берлин со Грексит (Grexit), многу луѓе ги повлекуваат своите пари и банкарскиот систем зависи од итниот фонд на ЕЦБ. И покрај мастилото пролеано за време на кризата на прашањето за парите и капитализмот, за едноставно разбирање на секојдневието, едноставните прашања, како разликувањето на парите и депозитните пари, остануваат покриени во темнината. И во дискусијата за готовите пари повеќе точки останаа непокриени.

Прво, не се работи за парите, туку како од парите може да се создадат уште пари. Од кризата, моторот на растот во Европа трокира, а не помагаат ни ниските каматни стапки. Парите не стануваат капитал, и покрај сè, капиталот не е само голема парична сума, туку пари што се оплодуваат. Кризата за оплодување на парите мора да биде решена на ниво на монетарната политика. Токму во таа грмушка лежи зајакот: монетарната политика ги достигна своите граници.

Второ, во дискусијата за готовите пари доаѓа до израз она што Маркс го нарекол фетиш на капиталот: имено, предвидување дека одредена парична сума привидно добива природна тенденција да се зголемува, само затоа што се работи за пари. Но, парите можат да се умножат само ако играат улога на капитал, ако можат да се акумулираат и ако се одвива експлоатацијата на работната сила. Експлоатирањето, пак, се исплатува за капиталот само тогаш кога се смее профитот, кога трошоците се ниски за поединечниот капитал. Во тоа припаѓаат, со надниците – кои благодарение на црвено-зелените (Германија) и Тројката (Евро-периферијата) веќе се значително намалени – и каматните стапки.

Така доаѓаме до третата точка; имено, се претпоставува дека кованиците и хартијата се сигурни во споредба со жиралните/депозитните пари, така да се каже, според природата на нештата. Таа недоверба се темели на длабоко вкоренетиот ресантиман кон банките, финансиската алхемија и емисијата кредитни пари, а покрај тоа, многумина потфрлиле во објаснувањето што всушност прават тука.

Парите се извлекуваат

Довербата во хартиените пари сепак не била голема отсекогаш. По Француската револуција важела заканата со смртна казна за дискредитирачкиот извештај за хартиената валута кој го издала револуционерната влада. Значи, довербата во хартиените пари ни е наметната, пред сè, таа е повеќе спонтана реакција.

Готовината, кованиците и банкнотите, жиралните пари – сето тоа се облици пари. Повеќето од сето тоа едноставно го нарекуваме пари, при што се заматува разликата помеѓу кредитите, обвските за плаќање и парите. Маркс се обидел да воведе ред во таа збрка прашувајќи се зошто воопшто е потребен обликот на парите.

Според него, парите се реификувана инстанца на поопштествувањето, бидејќи непосредно вредат како вредност, тие се непосреден егзистенцијален облик на вредноста. Еден специфичен општествен однос изгледа природен. Тоа го изведува Маркс во Капиталот. Во првото издание на Капиталот од 1867 година, Маркс наведува корисен пример и во овој случај: „Тоа би било како како покрај и освен лавовите, тигрите, зајаците и сите други реални животни, кои категоризирани во различни родови, видови, подвидови, семејства итн., го сочинуваат животинското царство, исто така да постои животно кое е индивидуална инкарнација на целото животинско царство.“

Идејата е налудничава. Дури кога потрошувачкиот свет може да се постави во однос со парите, „животното“ навистина е тука, стоката може да се однесува една кон друга како вредност. Само со пари стоките можат, независно од својата употребна вредност, да го истакнат своето обележје како вредности и да го носат како целина. Тоа не значи дека парите секогаш мораат да бидат хартиени (или воопшто пари) – па и самите хартиени пари се капиталистичка иновација која успеала да се избори за своето место под сонцето дури по долгата борба против златото и кованите пари.

Она, пак, што е потребно е знак за вредност, непосреден начин на постоење на вредноста, нешто кон што сè може и мора да се однесува како парите, за нивните стоки да можат да се постават во однос едни кон други. Ако државата не успее да ги наметне парите како „единствено законско средство за плаќање“, кое важи за сите, ќе дојде до враќање на други „пари“. Значи, ниту едни пари веќе не ги обединуваат сите фукции. Едни пребегнале во злато, за имотот да се одведе на сигурно, се предале во благајна па не можат да фигурираат ни како пари ни како капитал. Мораме да пронајдеме нови стандарди за вредност за кредитните договори и парите кои би можеле да играат улога на средства во оптек, бидејќи веќе никој не прифаќа обврска за плаќање. Економската кохезија на општеството се распаѓа.

„Money makes the world go round“, пееше некогаш Лајза Минели; пред сè, парите се занемарена величина на капиталистичката економија. И покрај тоа: важи и обратното. Како што секогаш со право истакнуваше социологот Хајнер Гансман, секоја дискусија за парите, исто така, бара разбирање на капитализмот – и на тој начин воедно нè оспособува и нас за подобра критика на моменталните односи.

Извор: http://www.zarez.hr

ОкоБоли главаВицФото