1018 hPa
43 %
22 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 13:59
Според последните податоци за индексот на сиромаштија што се однесуваат за 2014 година, а кои ги објавува Државниот завод за статистика, дури 9,8 проценти од вработените, или околу 70.000 работници се сиромашни, а сиромашни се и 8,4 проценти од пензионерите, односно околу 25.000 возрасни граѓани.
Загрижувачки е што ниту новоотворените работни места не нудат повисоки плати што ќе придонесат за зголемување на животниот стандард на вработените. Ако се пролистаат огласите во Агенцијата за вработување, најчести плати се од 10.800 денари, 12.000, 13.500, а многу поретко, и тоа за високо образование од техничка струка, може да се најде вработување од над 30.000 денари. Кај странските инвеститори, како што неодамна официјално беше објавено од страна на Советот на странски инвеститори, просечната плата е 16.000 денари.
За да се обезбедат минимални услови за пристојна живејачка на едно четиричлено семејство, пак, според потрошувачката кошничка што ја пресметува Сојузот на синдикати на Македонија, неопходни се 32.233 денари. И тоа, при пресметката е земено дека семејството не поседува автомобил, има стан од 50 квадратни метри и употребува најевтини средства за хигиена.
Универзитетскиот професор Ванчо Узунов вели дека животниот стандард на населението не може да се промени преку ноќ, но мора да почне да се работи на тоа сега, за да по 5 до 10 години се постигне одреден напредок.
- Мерките треба да бидат насочени кон зголемување на продуктивноста на трудот, односно кон постигнување подобар учинок на работното место. Притоа, генералната политика е да се подобрат квалификациите и поголема техничка опременост на работните места. Владата може тоа да го стимулира со многу мерки, да влијае на развој на образованието и да ги поттикне компаниите да ја обноват својата технологија - вели Узунов.
Според економистите, мерките на Владата кои главно се насочени кон привлекување странски инвеститори, делумно имаат влијание врз зголемувањето на нивото на личната потрошувачка во земјата, но таму платите се ниски, така што новите генерации што го почнуваат својот работен век, не можат да ги покријат елементарните трошоци за пристојна живејачка.
Узунов објаснува дека е неопходно да се стимулираат инвестиции, но дека притоа не треба да се прави разлика меѓу домашните и странските инвеститори, а треба и да се наметнат услови што ќе предизвикаат поголем нето-ефект од странските компании што сега користат низа субвенции.
- Ако им се помогне на домашните инвеститори и тие може да донесат нова технологија, како што носат странците. Од друга страна, од странските компании би имале некаква придобивка ако тие се поврзат со домашните компании. Можеби Владата треба да размислува како услов да им постави, со текот на времето, сè поголем дел од суровините да ги набавуваат од нашите домашни компании. Вака, замислете, има случај работниците што работат на градежни работи на странска компанија да се послужуваат за појадок со бурек што таа компанија си го носи замрзнат од својата земја. „Џеваир холдинг“ гради на еден километар од цементарницата, а си носи цемент од Турција - вели Узунов.
Економистите се согласуваат дека само со пораст на бруто-домашниот производ и со порамномерен распоред на тој пораст, повеќе пари може да стигнат до граѓаните, а порастот на личната потрошувачка, пак, ќе предизвика нов пораст на бруто-домашниот производ.
Претседателот на Комисијата за економски развој на СДСМ, Драган Тевдовски, презентирајќи ја идејата за враќање на средната класа, посочи дека во оваа категорија може да се сместат само 25 отсто од граѓаните, многу мал дел се богати, а другите се сиромашни. Притоа, посочи Тевдовски, во средната класа се сметаат луѓето што од своите примања ќе ги подмират основните трошоци за живеjачка, но ќе им останат пари и за одмор и за непредвидени расходи.
Според стандардите на ЕУ за сиромашно се смета и она население кое не може да си дозволи да појде на одмор, или да поднесе ненадеен трошок, како, на пример, поправка на некој апарат за домаќинство.
Под прагот на сиромаштијата се 457.200 граѓани, меѓу нив многу деца
Последните податоци за индексот на сиромаштијата покажаа дека под прагот на сиромаштија, пресметан во согласност со препораките од ЕУ, во Македонија живеат 457.200 граѓани или 22,1 проценти од населението. Притоа, во сиромаштија живеат дури 25 проценти од семејствата со двајца возрасни и две деца. Она што особено загрижува, како што повеќепати истакнаа и граѓанските активисти, е детската сиромаштија. Статистичките податоци покажуваат дека дури 31,5 проценти од децата до 17 години се сиромашни.
Извор: Слободен печат
Инсталации на сликите: Isaac Cordal