Да се одврати урокливото око

24.02.2016 01:05
Да се одврати урокливото око

Љубоморното око и љубоморното уво, се чини, се полесно препознатливи и помоќни симболи отколку што претпоставуваме. Да го разгледаме урокот, нечистата сила за која се зборува, која се привикува и против која постои заштита во многу култури. Латинскиот термин е поврзан со зборот invidia и исто така со fascinum и facinatio (да се потсетиме на зборот fascination или дури и на fascinator во англискиот јазик), додека во старогрчкиот името било baskania или baskanon.*

Овие изрази истовремено можат да означуваат и љубомора. Урокливото око имало востановени карактеристики во грчко-римскиот свет. Во уредените и натпреварувачки општества што го опкружувале Средоземјето, никогаш не сте знаеле кој ви посакува зло. Имало смисла човек да се штити со амајлии и други магиски предмети.

Во таа традиција е и мозаикот од II век, од Сирија, која тогаш му припаѓала на Римското царство. Окото во средиштето на мозаикот е урокливото око, а ликовите околу него служат за да ја ослабнат моќта на ова љубоморно око. Се претпоставува дека мозаикот бил поставен на истакнато место внатре во куќата и дека намерата била да се одбијат непријателските намери и магии кои би можеле да го преминат прагот - за да се предупредат љубоморните гости кои тука би можеле да посакаат зла среќа или нешто полошо на семејството што тука живее. Таквото урокливо око овде не би имало учинок. Иако ова урокливо око изгледа сосема мирно, неговата моќ е очигледна од мноштвото оружја поставени против него: копје, трозабец, змија, шкорпија, стонога, птица, пес, мачка и пенис против уроци (една од моќите на урокливото око била уништување на мажевноста) извртен назад меѓу нозете на џуџето со рогови кое носи вкрстени стапови. На грчки е испишано: „И ти“. Дури и случајниот минувач е предупреден.

_______________________________________________

*Fascination - занес, опчинетост. Fascinator - женски украс за коса или шешир, се состои од пердуви, цвеќе или перли; се прицврстува на чешел или шнола. Baskania - волшепство, магија, урок. Baskanos - оној што врши магиски чин, волшебник. - Заб. прев.

На сликата: Мозаик кој го прикажува урокливото око; Антиохија, почеток на II век. Мозаикот се наоѓа во турскиот Hatay arkeoloji müzesi.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото