Новиот Правопис го ослободи јазикот од некои стари правила и наметна нови

25.02.2016 04:13
Новиот Правопис го ослободи јазикот од некои стари правила и наметна нови

Минатата недела беше промовирано новото издание на Правописот на македонскиот јазик, поддржанo од Министерството за култура на РМ. Бидејќи од последното поминаа речиси 20 години, новото издание предизвика големо интересирање, имајќи ја предвид динамиката со која се развива светот, а со тоа и јазикот. Редакцијата ја сочинуваат проф. Живко Цветковски (претседател), Елка Јачева-Улчар, Снежана Веновска-Антевска и Симона Груевска-Маџоска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ и проф. Симон Саздов од Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Вкупниот број на автори и соработници е 48.

Сите поглавја на Правописот на македонскиот јазик претрпеле измени, дополнувања и објаснувања.

Во поглавјето За пишувањето на гласовите, на пример, се дозволува двојна форма кај филозофија/философија, нема едначење по звучност кај зборови со префиксите пост-, транс-, дис- (дисбаланс, постдипломски), потоа себство, а не сепство.

Има многу дополнувања кај употребата на голема буква, дадени се примери и решенија за некои дилеми. Со голема буква се пишуваат сите составни делови на имињата на небесните тела (Бодеева Галаксија, Мал Магеланов Облак, Сончев Систем), официјални и неофицијални имиња на држави: Југословенска Федерација, Турско (Османлиско) Царство, како е Европска Унија. Со сите големи букви се пишуваат и региони, котлини, долини (Битолски Регион, Скопска Котлина, Вардарска Долина), имиња на пештери, кањони, клисури (Дуова Пештера, Гранд Кањон, Демиркаписка Клисура), неофицијални имиња на градови: Градот на Светлината, Големото Јаболко и сл. Социјалните мрежи и компјутерските програми се пишуваат со голема почетна буква: Фејсбук (нема дилема веќе помеѓу Фејзбук и Фејсбук), но фејсбук-статус, Мајкрософт ворд итн.

Сложените хемиски соединенија досега се пишуваа слеано (метилалкохол, сулфурводород), а отсега оние на кои составните компоненти не им се поврзани со составна самогласка -о (хлороводород), ќе се пишуваат одвоено: сулфур диоксид, калиум цијанид.

Кај употребата на цртичка правилото е дека со цртичка се поврзуваат две именки тогаш кога членот се јавува кај втората (спомен-плоча), во спротивно не се поврзуваат со цртичка - земја членка (што многупати во практиката се среќаваше како земја-членка). Кај сложените именски споеви е забележливо дека се допушта и латинична скратеница (USB-приклучок), иако се дава предност на УСБ-приклучок. Се допушта и контакт-лице, контакт-телефон (освен телефон/лице за контакт), како и Би-би-си програма (освен програма на Би-би-си), НАТО-мисија (Мисијата на НАТО), што досега не беше најдобар избор.

Во делот кај правописните правила се внесе „белината“ како новост (односно празно место) и нејзините позиции кај интерпункциските и правописните знаци.

Има значителни дополнувања кај скратениците и скратувањата (проследено со многу примери). Во делот за транскрипција и транслитерација има збогатување со јазиците: босански, црногорски, старословенски, шведски, санскрит, каталонски и др.

Во делот за географските имиња исто така има значително збогатување со имињата на држави, нивните главни градови и жители, придавки и др. Новина е образувањето на женските форми со наставката – инка (Кинезинка, Иркинка, Данкинка, како и белкинка и црнкинка).

Последното поглавје наречено Додатоци е збогатено со поглавјето Оформување текст, а прикажани се и практични примери како се пишува молба или жалба. Тука се и поглавјата Арапски и римски знаци за бележење броеви, Мерни единици, потоа како се пишуваат хемиски елементи и соединенија. На крајот се прикажани и универзалните коректурни знаци.

Новиот Правопис на македонскиот јазик е чекор напред во заложбите за зачувување на нашиот јазик. Секако се очекува новиот правопис да поттикне многу дебати, ќе има „за“ и „против“ некои решенија, што е и очекувано, а и потребно бидејќи за јазикот секогаш има многу да се зборува. Но имајќи ја предвид потребата од едно вакво четиво во секој дом, во секое училиште и во најоддалечената библиотека во земјава, негативните реакции се однесуваат на неговата цена – 1.500 денари, како и на достапноста (засега може да се купи само во Институтот за македонски јазик). Ако сакаме писмена нација, тогаш барем една ваква алатка би требало да биде подостапна до обичниот граѓанин и за секој џеб, а не да претставува ексклузивност.

Дека интересот за Правописот е голем, покажуваат и коментарите на групата на Фејсбук „Пуздер правам... од македонскиот јазик“, со повеќе од 14.700 членови (во моментов), кои многу активно учествуваат во дискусиите за јазикот. Несомнено голема е желбата кај сите да го поседуваат ова скапоцено четиво, но цената ги спречува. Ова се некои од коментарите во групата: „Изгледа новиов македонски јазик е многу скап. Уште да го чувавме колку што е цената“, „Па нели е од национален интерес? Националниот интерес ќе го браниме со само 500 примероци, со цена од дури 1.500 денари?“, „Сметам дека Правописот треба да е бесплатно достапен на интернет (во јавен домен) и поддржан со современи информатички алатки“, „Правописот треба масовно да биде раширен - школи, книжарници, а не вака... 1.500 и само во Институтот“, а има и поблаги реакции: „Не навлегувам во однос на финансиите кој ги дава и кој ги зема, цената од 1.500 денари ја коментирам и ја оправдувам само од аспект на научниот труд и значајноста на делото. Ако може да се намали, јас немам ништо против“.

Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото