Черешна се од корен корнеше, медиум се од партија делеше

25.02.2016 12:24
Черешна се од корен корнеше, медиум се од партија делеше

Според една од најцитираните референци кога е во прашање политичката инструментализација и клиентелизмот, делото Comparing Media Systems – Three Models of Media and Politics на Даниел Халин и на Паоло Манчини од 2004 година, клиентелизмот е деформација во општественото организирање кога пристапот до економските и до политичките ресурси го контролираат таканаречените патрони, односно моќници. Тие патрони им овозможуваат пристап до економските или политичките придобивки само на своите клиенти, односно на поединци, компании или организации што им се повинуваат само ним, само нив ги поддржуваат и ним им стојат на располагање во политичката борба против опонентите.

Следствено, клиентелизмот е спротивност од моделите на општествена организираност и на општествена функционалност, во кои пристапот до ресурсите се темели врз принципите на универзални демократски критериуми и врз принципот на еднаков пристап на сите граѓани и на нивните организации.

Во споменатата анализа на Хамил и на Манчини, двајцата научници класифицирајќи го степенот на клиентелизам на медиумите, утврдиле три модели според системот на медиумските карактеристики и според односите на медиумите со политичките центри на моќ.

МЕДИТЕРАНСКИ МОДЕЛ НА КЛИЕНТЕЛИСТИЧКИ МЕДИУМИ

Според класификацијата, земјите од Јужна Европа се сместени во моделот наречен медитерански или поларизирачко-плуралистички модел. Еве ги генералните карактеристики на тој модел:

-Мали тиражи на печатените медиуми;
-Mедиуми ориентирани кон политичките елити;
-Изразено нагласен политички паралелизам;
-Нагласено влијание, однсоно контрола, врз јавните радиодифузни сервиси;
-Низок степен на професионални стандарди;
-Медиуми податливи на политичка инструментализација;
-Силен државен интервенционизам;
-Владино субвенционирање во медиумите;
-Цензура;
-Висок степен на регулација, низок степен на саморегулација.

Дали ви се познати овие карактеристики? Тие безгрешно ја оцртуваат ситуацијата во Македонија.

За да нема недоразбирања до тука, можеме без ниту трошка сомневање да дефинираме дека политичката инструментализација на општествените ресурси, меѓу кои составен дел е и медиумскиот систем, е составен дел на клиентелизмот. Оттаму, произлегува дека клиентелизмот е комплексна структура на управување и на организирање.

Но, што помага или кои се дел од условите за создавање политички клиентелизам во медиумскиот систем?

Како прво, тоа се:

-Дисконтиуитетот, односно отсуството на автономна новинарска професија, односно новинарската професија кај нас, во поголем обем, е апсолутно адвокатска, односно застапничка;
-Целосно девастиран јавен радиодифузен систем, како и целосна политизација и инструментализација на радуиодифузните регулаторни тела;
-Целосно нејасна, нетранспарентна сопственичка структура на приватните медиуми што е основна причина за спрега меѓу медиумските и политичките тајкуни;

Една од последиците на оваа состојба, односно на спрегата како резултат на политичкиот клиентелизам меѓу политичките центри на моќ и медиумите е таканаречениот политички паралелизам, односно создавањето медиумска реалност. Таа медиумска реалност треба со силата на медиумите клиенти, да ја замени објективната реалност и да дизајнира стварност по мерка на политичките моќници.

Друг начин на воспоставување клиентелистички однос меѓу медиумите и политичките центри на моќ е контролата на кадровската политика во јавните медиуми, а преку сопствениците на медиумите, и во приватните.

На водечките директорски или уреднички места се поставуваат политички лојални послушници кои треба да спроведуваат „уредувачка политика“ која нема да создава опструкции во реализацијата на бизнис-интересите и на зделките на сопствениците на медиумите, на кои тој бизнис не им е единствен. Многу често, тој е само алатка за да се придобие бизнис-партнерството со власта.

ИЗЛЕЗ – РЕФОРМИ БЕЗ ОТСТАПКИ

Кризата во медиумскиот систем е облечена во одората на политичката инструментализација која произлегува од воспоставениот однос на клиентелизам. Затоа тешко оди разделбата. Ама таа е неминовна.

Кои се излезните стратегии од оваа крајно заплеткана ситуација? Ако сè остане по старо, на тие што не сакаат да бидат клиенти на политичките патрони им останува само една опција – да се развиваат и да напредуваат во некое друго општество, во кое луѓето кои се создадени еднакви, така и се третираат, при што секој има еднакви права на живот, слобода и на потрага по среќа.

Во таа смисла, доколку сакаме да бидеме оптимисти, иако тоа е многу тешко, претстојните реформи кои се организираат и осмислуваат за да се спроведат и да го излечат болниот политички систем во Република Македонија, треба, како што е предвидено, со ист жар и енергија да се аплицираат и на медиумскиот систем.

Без отстапки и без компромиси.

Треба да ни биде јасно дека не постои магично стапче со чија помош утре ќе се разбудиме во нова, посакувана реалност, откако со едно „абракадабра“ ќе исчезнат политичката инструментализација на медиумите и клиентелистичкиот статус на медиумските компании и уредници.

Низ еден долготраен процес на кој ќе му претходи внимателно подготвена и прифатена законска регулатива, треба да почне инсталацијата на висока етичка професионализација на журналистичката дејност и на медиумскиот бизнис. Уште еден важен фактор треба да му претходи на овој процес, а тоа е создавањето општество во кое новинарството и медиумската индустрија ќе се ослободат од прангите на политичките субјекти.

Во еден таков амбиент треба да преовлада свеста дека новинарите и медиумите им служат единствено на граѓаните и на јавниот интерес, а не на специфичните интереси на различните центри на моќ. Новинарите, под менторство на уредниците, во својата работа треба да ги следат стандардите на професијата, а не да ги следат инструкциите што се наметнати надвор од редакцијата и да не се идентификуваат со партикуларни, односно партиски интереси, погледи и ставови.

КОАЛИЦИЈА МЕЃУ СИТЕ ЗАИНТЕРЕСИРАНИ ЗА ЗАШТИТА НА ЈАВНИОТ ИНТЕРЕС

Едноставно, новинарството и медиумската индустрија во Република Македонија се исправени пред предизвикот да му се спротивстават на сегашниот систем, кој со политичката инструментализација и во клиентелистичка спрега, создава медиумска реалност, односно лажна стварност.

Следниот чекор во процесот за извлекување од оваа состојба е широката коалиција меѓу граѓаните и граѓанските организации со оние новинари, редакции, новинарски организации и политички структури кои се залагаат за деклиентелизмот и деинструментализацијата. Целта на таквата коалиција би била изградба на противсистем, односно новинарството и медиумската индустрија да ги добијат автентичните карактеристики, каде што негативните појави ќе бидат минато.

Ќе биде добредојдено ако една ваква иницијатива прифатат барем, или, колку што е можно поголем број медиуми и медиумски професионалци зашто, да бидеме реални, удобната позиција во скутот на политичките моќници, ќе остане и понатаму посакувана позиција за оној другиот – останатиот дел од квазимедиумите.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото