Заблуда во перцепцијата

26.02.2016 03:08
Заблуда во перцепцијата

Значи, драги пријатели, увидов една голема заблуда во перцепцијата на нашата стварност. Каде и да се движам, низ „институцииве“ - евен, некни бев во УЈП - низ дуќани, низ разни места во градов Скопје, гледам, луѓе си пијат кафе и се сончаат, и фактички не се толку непријателски настроени едни против други, најмалку луѓето од различни етнички групи. Видов дека многу од нив имаат аверзија кон политиката, и, ете така, уште пред да сфатат дека политичкото треба да стане дел од нивната општа култура, го отфрлија. Тие уште долго време нема да се интересираат за политиката и за политичкото. Длабоко во себе имаат отпор кон „тие такви нешта“. Но, ќе гласаат! Сепак е направен еден чекор напред! Мислам дека нема да има многу неопределени на следните избори, кои ќе се случат еден светол ден, кога и да е, бидејќи сепак некоја опција која најмногу им паѓа во око ќе ја одберат.

Е сега, постои една посебна категорија луѓе – платениците. Тоа се најревносните партиски службеници на оваа власт. Тие се платеници по учинок, се концентрираат само на „списокот“ и добро се наградувани за таа работа зависно од рангот и местото во пирамидата!

Кутрите луѓе во нивните списоци, жртвите на оваа сурова, грозна био-политика!

Но, сега нешто друго ме повлече да седнам да пишувам. Имено, бев инспирирана од „објавувањето војна“ од новинарката Велиновска: „Радикална ситуација бара радикален одговор.“

Тврдам, ниту има радикална ситуација, ниту ќе има радикален одговор! Така „радикално“ е само во неколку вжештени глави. Па, нема, белки, народот да гине за неколку луди, вжештени глави! Не е ова глуп народ! Питом, мирољубив народ е, затоа опстанал толку векови досега и отсега натаму ќе си опстојува, како-така.

А кога нашиот Тричковски (од Отпорот, Resistance), се разбира, многу симпатично, така кажано: „Со радост, драги пријатели... Со мисла за слободата, за работи без кои самиот живот нема смисла, за нешта што се над целта да преживееме, не плашете се, лесно ќе ја препознаете исполнетоста од шансата да учествувате во оваа историска битка ...“ нè повикува, не можеме да го одбиеме, и во таа смисла треба и да се гине за својата татковина.

Но, меѓу овие две гинења, првото, негативно, одвратно и деструктивно, а, другото позитивно, и како чин на најголема љубов кон земјата и кон сè за што вреди да се живее, јас пак ќе се вратам на мојот увид, дека овие луѓе ама ич не се грижат за гинење, не се заинтересирани за тоа, бидејќи сепак има нешто позитивно во нивниот менталитет (покрај сите нивни мани и баш заради нив), го сакаат животот. Тие сакаат да живеат во мир и хармонија, не да гинат, дури не ни за највозвишените нешта!

Нештата никогаш не се такви какви што ни изгледаат на прв поглед. Не дека јас сега се занесувам, идеализирајќи ја нашата реалност, која бездруго е очајна, или се трудам да видам нешто што не постои.

Но, ако со позитивна енергија и љубов им се обраќаме на луѓето, истото го добиваме за возврат. Луѓето не се лоши, туку несреќата ги направила такви.

Има една друга работа, пак, која никако не можам да ја сфатам. Можеби ја немам неопходната проникнувачка способност за да ја сфатам. А можеби и самата ситуација е таква што не може да се сфати!

„Тој што ја вработил, тој сега нека ја бара!“, (за против-услуга кога ќе дојде моментот - изборите?) дослушнувам. Друг ден друга мисла допира до мене: „Не е точно дека се потребни само четири печати, туку пет!“ (што ли значи тоа? печати во членската книшка како трофеј за бројот на тие кутри души во списоците, со матичните и телефонски броеви, кои успеал да ги освои?) Такви некои реченици случајно дофаќам кога поминувам крај еден штаб, веднаш до влезот кадешто живеам, бидејќи луѓето стојат надвор и така си разговараат, штабот е малечка просторија, не ги собира сите внатре, сега секој ден сè побројни и сè поактивни!

Која е таа работа која не можам да ја разберам? Јас не разбирам како мислат господата Димитрови, Кекеновски, Димшоски, Ден Дончев, Лазаревик и многу други интелектуалци кои до пред некое време биле или сè уште се дел од или блиски до оваа партија, значи, не разбирам како тие луѓе резонираат со граѓанскиот концепт, кој секако треба да се развива, но како суштински да се оперира во овие судбински моменти за иднината на Македонија? Кога тој концепт многу бавно се развива кај нас! Бидејќи, во оваа библиска земја Македонија, времето тече со друг ритам! Во овој момент потребно е „поконкретно“ дејствување, драги пријатели! Таа структура во која се вгнезди злосторничко здружение не може да се разбие со „граѓански концепт“, таа структура-систем мора да заврши самата во себе, во својата автодеструкција, а фракција-фиданка на време да пркне од неа, како свежа структура со силен морален агенс. Не може таа десно позиционирана политичка структура да преживее така без лузни (Фрчковски), да е доволно само да се смени раководството, малку да се реформира и да продолжи да опстојува во политиката. Бидејќи, некој повеќе години вложувал голем труд и „со крв и пот“ и со „doing business 24/7“ стекнал огромно богатсво и моќ, и нема така лесно да се откаже од тоа свое „дело“, „да препушти“ друг некој да ја реформира или да прави што било друго со „неговата партија“, тој негов толку успешен бизнис. Таа партија, исто како и државата, е во сопственост на неколку луѓе, значи, во прашање е злосторничко здружување со незаситен апетит! Тука постои голем проблем и не знам дали инертноста или финасиите се во прашање, но, ако направиме споредба со раздвиженоста во албанските партии, веднаш ќе заклучиме дека Албанците се многу повитални и многу посмело и решително дејствуваат денес, додека Македонците се како парализирани!

Случајно, некој да не се надева дека оваа структура на ДПМНЕ - со сите нивни штабови и на криминален начин стекнато богатство и целокупното гласачко тело - само треба да ја наследи друго раководство? И толку? Па не одат така тие работи, драги пријатели!

П.С. Сега да се вратиме на граѓанскиот активизам. Дојде време судиите да се побунат. На Отпорот таму му е местото.
СЕКОЈ ДЕН ПРЕД СУД, ДО КРАЈ!

А, за конкретните акции што треба да се одвиваат во политичкиот простор десно, најдобро треба да знаат тие што се десно ориентирани. Целиот проблем сега е лоциран таму. Таму треба да се реши.

A не целата заедница да се втурнува во конфликтот „Патриоти наспроти предавници“, заради лудилото на неколку вжештени глави!

Цртежи: Татајана Миљовска, Од ликовен дневник, есен 2013

ОкоБоли главаВицФото