За кошмарите

28.04.2010 11:05
За кошмарите

Кошмарите и соништата од дамнешни времиња се предмет на интерес и толкувања на различните сонувачи и врачеви, а во поново време и на психолозите.

Губење на саканата личност, бекства од чудовишта кои ве бркаат, паѓање на косата или забите, паѓање на испит, доцнење на важен состанок – се чести теми на ноќните мори, па со векови се доживуваат како своевидни симболи или предвидување на иднината.

За некои луѓе заминувањето на спиење е налик на влез во застрашувачката зона на самракот. За да им помогнат на лицата кои често имаат лоши соништа, научниците се обидоа да расветлат што се крие зад вознемирувачките соништа.

Тим стручњаци од Германија спроведе истражување врз повеќе од 2000 мажи и жени, а резултатите покажаа дека женските и машките кошмари се разликуваат. Мажите почесто сонуваат насилство и судири, а жените губења и сексуални напади. Истражувањето е претставено во списанието European Archives of Psychiatry and Clinical Neuroscience.

Петте најчести теми во ноќните мори се паѓањето, прогонувањето, чувството на парализираност, доцнењето и смртта на саканата личност, како и губењето на косата или забите, но стручњаците веруваат дека тие главно не се директно поврзани со реалниот живот, туку претставуваат одраз на чувствата и грижите на спијачот.

Околу 48% од учесниците во истражувањето изјавиле дека никогаш немале кошмари. Десетина проценти рекле дека само неколкупати годишно имаат ноќни мори, а секој десетти испитаник одговорил дека има кошмари еднаш во две недели.

Со анализа на кошмарите, научниците дојдода до заклучокот дека губењето на косата или забите почесто го сонуваат жените, и дека тој сон може да со протолкува како страв од стареење, односно, губење на привлечноста. Паѓањето од огромна височина исто така повеќе е женски сон, а се поврзува со заљубувањето или прекинот на врската.

Чувството на парализираност подеднакво го сонуваат обата пола, а се поврзува со чувството на заробеност во врската. Падот на испит исто така е карактеристичен за обата пола, а обично се толкува како знак за недостаток на самодоверба. Автомобилската или авионската несреќа е машки сон кој обично значи страв од губењето контрола.

„Чудовиштето кое нè прогонува би можело да се поврзе со проблемот или задачата која сакаме да ја избегнеме“, објаснува д-р Мајкл Шредл од Меѓународното здружение за проучување на соништата (International Association for the Study of Dreams).

Кошмарите почесто ги измачуваат жените од мажите, а спијачот најдобро ќе ги запамети ако се разбуди среде сон.

Извор: port.ba

ОкоБоли главаВицФото