Тоа не е доволно!

29.02.2016 13:28
Тоа не е доволно!

 

(Во продолжение на текстот „Заблуда во перцепцијата“)

 

„Не дозволувајте да бидете живо топовско месо заради спас на кожата на Груевски и Ахмети!“, изјави г-динот Кекеновски како реакција на идејата да се гради 51-метарски крст во Бутел. Но, тоа не е доволно г-дине Кекеновски! И за овој случај, и воопшто, не е доволно. Не е доволно, со сите Ваши изјави, кои, секако, се најдобронамерни, разумно и со длабока загриженост срочени, со изјавите на г-дин Димитров и на другите совесни граѓани кои ги осудуваат делата на своите сопартијци, сегашни или некогашни, со граѓанското движење кое го покренавте, сето тоа не е доволно да се разбие криминалната структура на вашата партија. Велам „вашата партија“, бидејќи вие сè уште се чувствувате како дел од неа (?) и покрај тоа што тие ве отфрлија! Вашата партија метастазира длабоко во ткивото на општеството со широка палета недела. Мора да се пресече тоа болно ткиво, за да не се шири во иднина, да се пресече за да не биде пречка во нашето заздравување уште многу години понатаму. Бидејќи тие што си молчат во редовите на вашата партија, под мотото „сите се исти“ и „сите ќе бидат исти“, тие елементи се без морал и етика, (за чувство за естетика тука не станува ни збор). Тие елементи заедно со оваа врхушка треба да се соочат со своите дела, тие треба да се отсечат од новото здраво ткиво кое мора да почне да се развива на сред оваа ваша и наша рана. Во ставот „сите се исти“ се таи конформизам и корупција, опортунизам, несовесност, инертност, состојби-особини кои се граничат со патологија, во невидени размери. Не се сите исти, и вака и така не сме сите исти, еднакви пред законот и рамноправни, да, но не „исти“. Кога сите се исти нема плурализам, нема мноштвеност, разновидност, богатство на идеи, туку роботи и робови, сега дури не ни на идеологија, како што е случајот со таа ваша партија, туку на луѓе медиокритети и мафијаши, луѓе полни со омраза кон другите „неистите“ со нив. Да, велам, тоа е ваша рана, не е рана на целата заедница, бидејќи сега од таму се шири и гнои.

Мора да се направи рез, да се исече и да се отстрани тој рак, не смее повеќе да се толерираат тие кои зад лукративни мотиви си молчат, и покрај тоа што можеби не ја сакаат оваа власт, си молчат и така се дел од проблемот, во вторите, третите ешалони на оваа власт. Затоа, г-дине Кекеновски, не е доволно вие само со изјави да реагирате, така вербално, туку треба да почнете да градите здраво ткиво, нова структура, да го привлечете она нормалното што преостана таму, а оваа сегашна забегана структура да се препушти на сопствената пропаст. Бидејќи „...зборуваме за груевизам, но во која мера груевизмот е во суштина само една обична „македонштина на стероиди“? Неговите главни одлики (простотилак, лажење, насилство, непрофесионалност, коруптивност, шиканирање на неистомисленици, водење тефтерчиња и злопамтење, мислење дека „сè ти следува“ итн.) може да се сретнат насекаде низ македонското општество, вклучително и кај некои од декларираните антигруевисти. Искрено, сметам дека борбата со интернализираниот груевизам ќе трае двапати подолго од борбата со Грујо... Конечно, кога ќе падне Грујо (а се чини му е броено), дали ќе повторуваме „Грујо е крив“ едно 15-20 години, како што вмровците до денес викаат „Бранко е крив“?“ Ако не се направи ригорозна операција, „рез“, дали ќе има простор за структурна анализа, за системска перспектива, но и за сопствена лична одговорност? Не само на оние што молчеле и гласале за Грујо, туку и на оние што можеби и биле анти-Грујо, ама притоа ширеле омраза, демагогија, лажеле, краделе, манипулирале - во кругот на семејството, на работа, во заедницата, итн.“ (А. Вангели).

Слушнете ги младите што ви замеруваат, младите кои се зафаќаат со колосална задача и обврска да го обноват ова општество. Бидејќи вие од десно, како ново здраво ткиво треба да ги поддржувате младите од лево и во центарот и обратно. Така во широк распон, целото општество да се опфати со обнова.

Бидејќи идејата „сите се исти“ сега и тука во оваа 2016 година се окончува. Во иднина не смее „сите да бидат исти“, туку криминалците конечно да си одговараат за својот криминал, „неопределените“ користат услуги и привилегии од криминалци исто така да си одговараат, ако не пред јавноста, барем пред сопствената совест, а другите, „не-истите“, кои разликуваат добро од зло, кои се повредни и поспособни и имаат капацитет и визија за добри дела, да бидат признаена елита од сите и да им се овозможи да напредуваат, а со нив да напредува целото општество. Во тоа е разликата меѓу „истите“ и „не-истите“. На младите кои сега се зафаќаат со градење нова иднина треба да им обезбедиме здрави услови и здрав простор. Не да наследат контаминиран простор кој ќе ги задушува и следните десет години. Затоа уште еднаш ги повикувам сите посовесни и доблесни кои биле дел од ова партија да размислат што поконкретно треба да се направи за да се излекува таа голема рана која зјае како црна дупка и шири неподнослива реа во ова општество, за да се овозможат услови за младите да работат и нивниот труд да носи резултати. Овој повик не е упатен само кон вашата партија туку кон сите партии, сите мораат да создадат услови за помладите генерации да се изразат и да работат раководејќи се според своите сопствени принципи кои веќе со дело ги докажаа како хумани и прогресивни. Тие најдобро - бидејќи интуитивно а подеднакво разумно - знаат како треба да дејствуваат, тие се чисти, неоптоварени со последици од минати дела, и затоа имаат внатрешно чувство, сенс за тоа што е битно а што небитно, за што ние повозрасните веќе изгубивме смисла, сомелени од ова големо лудило.

Еден закон за образование возрасните не можат да донесат цела
година! Пуштете ги младите, тие за една седмица ќе се сложат и ќе го срочат!

Ако Вашата партија е демохристијанска, како што се декларира, моралот и доблеста треба да зрачат од неа. Така не е во нашата стварност. Вашата партија е со двоен морал, едно проповеда, друго спроведува во дело, затоа тие кои се со двоен морал и кои се поддржувачи на оваа власт треба да се остават во истиот воз, кој сега се движи со голема брзина за да удри во дебел ѕид, а другите кои не се со оваа власт, треба да заземат цврст став, да се изјаснат и да отстапат. Нема повеќе криење зад грмушки и „сите се исти“...

Еве сега, сите дуќани во Старата чаршија, исто така треба да бидат „исти“. Уште едно дело на некреативност, плиткост, глупост, непочитување на различноста, на автентичноста. Со еден збор, уште една катастрофа за сите. Чумата „Сите се исти“ во уште еден облик се шири, како насекаде во ова општество изминатите години...

ОкоБоли главаВицФото