1010 hPa
45 %
27 °C
Скопје - Пет, 04.10.2024 12:59
Ветрот виеше меѓу чемпресите. Професорот Ван Гунт, со мала црна чантичка во десната рака, додека левата му служеше да го задржи цилиндерот пред налетите на луњата, мачно се пробиваше напред. Некаде почна да завива пес а Месечината стана црвена.
‒ Идеално време за вампири, промрморе професорот.
Ја стисна посилно рачката од чантата. Вампирите нема да го исплашат. Во текот на својот живот тој имаше толку од нив уништено што не би можело да ги има уште многу.
Една величествена градба се појави пред него. Би можело да се помисли дека е напуштена кога слабо светло не би се наѕирало низ едниот од прозорците.
Ван Гунт ја пушти еден миг шапката за да чукне на портата. По едно чекање што се чинеше бесконечно, се слушна шум на синџири и вратата се отвори чкрипејќи.
Еден мошне стар човек со суров изглед стоеше на прагот.
‒ Ќе му укажете ли гостопримство на еден патник што се загубил, праша Ван Гунт.
Старецот се согласи мрморејќи.
‒ Ќе ве однесам во вашата соба.
Минувајќи низ салонот во кој гламјите што гореа во каминот фрлаа чудни одблесоци, Ван Гунт ги забележа каталозите ставени врз масата.
‒ Вие сте филателист?
Старецот затрепери.
‒ Колку што помалку се зборува за некои работи, толку подобро.
Тие не изговорија повеќе ниту еден збор сè додека професорот не се смести во една соба што беше студена како мразарник, но удобна. Ван Гунт веднаш заспа. Го рабуди ужасен крик.
Без да губи време во облекување, тој се стрча кон салонот.
Осветлен со одблесоците на наполу згаснатиот оган, старецот лежеше на подот. Ван Гунт забележа со ужас дека несреќникот повеќе нема ни капка крв во себе. Две рани на неговиот врат покажуваа како тоа се случило.
‒ Вампир, речиси крикна професорот.
Тој се наведна и зеде една марка која беше падната од албумот. Нејзината назапченост беше пореметена со два чудовишни запца, остри и крваво-црвени. Сликата на марката претставуваше човек со нездрав и суров изглед.
Грофот Дракула!
Ван Гунт побара во својата чантичка која од претпазливост ја беше зел со себе. Оттаму извади една дрвена чепкалка за заби со која ја продупчи марката на местото каде што би требало да стои срцето.
Ликот на грофот Дракула стана нејасен, потоа наполно исчезна.
Професорот си ја зеде колекцијата марки и, штом веќе беше тука, не го заборави ни сребрениот прибор за јадење.
Ролан Топор (Roland Topor, 1938-1997) Карикатурист, прозен автор. Како карикатурист, познат по својот црн хумор. Романи: „Жоко си го слави роденденот“, „Сенишниот станар“. Неговите кратки прозни текстови се собрани во книгата „Четири ружи за Луција“. Како илустратор мошне успешно соработува со Жак Стернберг.
Превод: Влада Урошевиќ
Слика: Brian Luong