Полуписателите

01.03.2016 03:21
Полуписателите

Тарашкав по своите архиви. Содржат, главно, исписи од дела на учени луѓе. Меѓу нив има многу од славни писатели-мислители. Додека тарашкав, налетав на работа што не ја барав. Убав демант на тоа што го вели Тиресиас во „Цар Едип“ на Софокле, ремек-дело на античката литература.

Тиресиас вели: „Може да се најде само тоа што се бара“. Во тој неупадлив коментар се крие моторот на трагедијата на Софокле. Ни кажува дека тоа што го бараме надвор од нас, во светот, се крие во самите нас. Затоа што и ние сме - свет. Убиецот, на пример, не е надвор туку внатре, во самите нас. Кажано со јазик на модерната антропологија, нема добри на една и зли луѓе на друга страна. Душата на секој човек е ангел и ѓавол истовремено. Само прашање на склоности и на околности е кој ќе дојде на власт во таа душа: ангелот или ѓаволот.

Записот на кој налетав во својата лична архива е извадок од есеј на Џорџ Орвел, авторот на славниот роман „1984“. Во записот се вели: „Ако утре, на земјата, се врати Шекспир и ако се открие дека неговата омилена забава била да силува девојчиња по патнички вагони, не мора да му кажеме да продолжи под изговор дека може да напише нов 'Крал Лир'“.

Tака вели Џорџ Орвел. Ама, нашиот Уставен суд не вели така. Тој суд вели сега дека секој педофил заслужува помилување, не само Шекспир; само затоа што, тој Шекспир, би можел да напише некој нов „Крал Лир“. Нашиот Уставен суд не ги дели педофилите на големи и мали. На талентирани, полуталенти и јок-таленти. Сите педофили се еднакви во очите на нашиот Уставен суд. Затоа, како и Карл Маркс пред толку години (1848), може да подвикне: „Педофили од сите земји, обединете се! Навалете во наша Македонија, Александрова и библиска! Носиме закон за помилување на педофилите од сите бои, сорти и формати! И за оние кои сториле фалсификат на избори, патем!“

Каква врска има тоа со нашите писатели тука и сега, hic et nunc? Директна врска нема. Затоа што, меѓу тие писатели, нема ниеден Шекспир. Или, барем, јас не умеам да го видам. Но затоа, пак, има голема, цврста, индиректна врска. Има цврста врска затоа што Орвел зборува не само за големи писатели. Тој зборува за писателите воопшто: големи, средни и мали.

Мнозинството од тие писатели е составено од осредни, mediocre, полу или псевдо-писатели. А такво е секое мнозинство, во сите сфери на животот. Тоа што важи за Шекспир како писател од голем формат, важи за секој полу, medocre-писател од полуформат. Не само на Шекспир од формат, туку и на полуписател од полуформат не мора да му се каже да продолжи со неговата забава „да силува девојчиња по патнички вагони“ во надеж дека, кон крајот на животот, ќе го напише неговото ремек-дело од рангот на „Крал Лир“.

Е, сега, со право ќе прашате: „Каде вие гледате патнички вагон?“ во кој наш, полуписател, се забавува така што „силува девојчиња“? Може да се спореди децениската автократија на Груевски со локомотива што влече долга низа сточни вагони. Во тие сточни вагони, како некогашните на Хитлер што носеа Евреи во Треблинка и Аушвиц, е натоварен неговиот „суверен народ“ чија волја, со години, ја фалсификува за да се одржи на власт. Не може, во еден од тие вагони, да не се наоѓаат нашите полу-писатели, hic et nunc. Со таа разлика што не се работи за сточен вагон. Станува збор за пристоен, дури тапациран патнички вагон.

Туку, да го замениме јазикот на алегоријата со јазикот на стварноста.

Побарав нешто податоци од Милован Стефановски, лустриран писател што беше претседател на Друштвото на писателите на Македонија. Не одам во ДПМ уште од времето кога, во неговата управа, почнаа да се вртат полуписателите Раде Силјан и Веле Смилевски. Оттогаш па досега, значи едно 15 години, тие си ги менуваат функциите во ДПМ како Медведев и Путин во Русија. Не треба да потсетувам дека, тие двајца видни полуписатели, се власта во ДПМ. Таа власт е продолжена рака на политичката власт. Раката ѝ помага на власта да се кити со „писатели“. Китењето го плаќа на директен или индиректен начин. Како? Со места во „органи“ на власта со - писатели; во комисии што контролираат „предговори“ за изданијата на власта; во жирија за наградите од – власта и многу, многу други славини врзани за државниот буџет. Тие славини Бети Канчевска ги отвора за своите полу-писатели „лакеи“ (Митрев). Ги затвора за другите – предавници.

Никаде ги нема македонските писатели во јавниот живот. Особено кога треба да се крене глас против насилна власт. Тие се уплашени. Тие немаат став, речe пред некој ден Лидија Димковска во интервју со Билјана Илиќ. Мислам дека изуми да подвлече дека големото мнозинство е составено од полуписатели со нивните икони Смилевски и Силјан. Кога мнозинство се кротки полуписатели со полуформат тие, по природата на нештата, можат да имаат само полустав. Тој полуписател со полустав е погоден за секоја власт во секое време. Колку да потсетиме: во времето на Баге Стефановски како министер за култура истите фаци се плеткаа како кутриња околу неговите нозе. Како што сега се плеткаат околу нозете на Канческа. Сè тече, само тие не мрднуваат од власта во ДПМ!

Извор: Плусинфо
Слики: Dieter Van Der Ougstraete

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Балкан / Култура / Теорија / Историја
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото