1023 hPa
93 %
6 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 09:35
Програмата The Shelter Buddies Reading е спроведена во соработка со организацијата Хумано Општество во Мисури, со цел да се направи огромна разлика во животите на децата и животните. Мала е веројатноста дека некој ќе ги посвои повлечените и уплашени кучиња, па затоа за нив е важно да имаат можност да комуницираат со луѓе. Затоа, програмскиот директорот Џо Клепацки дошол до идеја децата да им читаат на кучињата.
„Оваа програма е идеална за срамежливите и исплашени кучиња, бидејќи на тој начин ќе се ослободат и ќе покажат интерес. Децата ги охрабруваат со третманот и вниманието кое им го посветуваат“ – изјавил Клепацки за порталот The Dodo. „Тоа што ги слушаат децата додека им читаат, навистина може да ги смири овие животни. Според реакциите кои имавме прилика да ги видиме кај кучињата, ефектот е неверојатен.“
Од минатиот Божиќ, децата на возраст од 6 до 15 години имале можност да се регистрираат за програмата за читање на интернет, и сега истата е понудена еднаш месечно. Потоа тие посетуваат десетчасовен курс кој им помага да го научат говорот на телото на кучето, за да можат да препознаат дали животното е под стрес или нервозно. Ако видат такво куче во куќичка, децата се охрабруваат да седнат покрај повлеченото куче и да му читаат.
Дури и поенергичните кучиња покажале интерес, бидејќи гласовите на децата имаат тенденција да ги релаксираат. Родителите можат да ги донесат децата во засолништето за кучиња во секое време, сè додека се надгледувани.
Што се однесува до децата, тие исто така имаат корист од оваа програма, но не само поради тоа што им помага да ги вежбаат и усовршат своите вештини за читање. „Овој проект им помага на децата да развијат сочувство кон животните. Тоа е мирна и тивка вежба. Тие го гледаат стравот кај овие животни, како и позитивниот ефект кој тие го имаат на нив“ – објаснува Клепацки.
„Програмата ги охрабрува децата да погледнат на работите од перспектива на животното. Им помага подобро да се поврзат со животните и луѓето во нивните животи.“
Клепацки се надева дека во иднина Shelter Buddies Reading Program ќе се прошири низ целото хумано општество и засолништата за животни во Мисури, па и во засолништата за мачки. Најдобрата работа од сето ова е дека оваа стратегија веќе им помогнала нe начитаните кученца да најдат свои домови.
Извор: The Dodo