Почина македонската трансродова активистка Лора Фер

01.03.2016 19:43
Почина македонската трансродова активистка Лора Фер

Викендов во Канада почина Лора Фер, трансродова активистка родум од Македонија.

Лора Фер при нејзината неодамнешна посета на земјава имаше гостување во НОВА ТВ, каде разговараше со Билјана Секуловска за почитта и култивираноста кои се секојдневие во Канада, каде што живее, за разлика од Македонија од кадешто морала да се отсели поради примитивизмот и грубиот однос со кој се соочувала.

Редакцијата на Queer.mk стапи во контакт со Здружението за поддршка на сексуалните работници СТАР од каде инфомираат дека во саботата (27 февруари) безживотното тело на Лора Фер било пронајдено во хотел во Канада. Таа непосредно по нејзиното интервју ја напуштила Македонија на 15 февруари, а подоцна минатиот месец починала на 34-годишна возраст. Според сознанија со кои располагаат од невладината организација, телото на Лора Фер е испратено на обдукција и очекуваат повратни информации од канадските власти кои ќе ја расветлат нејзината смрт. Засега сите околности упатуваат на самоубиство бидејќи, како што велат, таа самата ја резервирала хотелската соба и нема записи дека примила посетители во неа.

„Активистка, жена, борец, инспирација. Толку многу можеме да кажеме за тебе (или можеби , премалку зборови за сета големина што беше). Твојата енергија и љубов беше мотивација за сите нас. Твојата храброст, посветеност и гласност во борбата за правата на сексуалните работници/чки, геј и трансродни лица, за сите различни, отфрлени, непризнаени остави печат и пример засекогаш. Со тебе започнавме многу заеднички борби: Првиот Марш на црвените чадори, првите јавни проговорувања за реалноста на сексуалните работници/чки, првите чекори и придвижувања на заедницата кон самоорганизирање и поддршка. Сѐ што работеше беше со посебна посвета и енергија. Се даваше себе си. Беше и ќе останеш инспирација. Беше и остана своја. Почивај во мир Лора.“, стои во некрологот од ХОПС – Опции за здрав живот Скопје.

Нејзините колеги од СТАР исто така се збогуваа со неа во објава на нивната веб-страница: „Сѐ започна со тебе драга! Нѐ охрабри, ни даде визија и кога знаеше дека можеме сами си замина. Тогаш замина за да леташ во животот, да леташ низ светов, да бидеш некаде пак главна! Недостасуваше неизмерно, те имаше, па те немаше, ама секогаш во вистинско време и секогаш со причина, секогаш за да нѐ потсетиш за вистинскиот активизам, за вистинската борба! Беше ли свесна колкава инспирација беше ти за нашата заедница? Знаеше ли дека нема никој да те замени? Ти за нас беше сето она што сакаме да го имаме и сето она што нас секогаш нѐ прави горди. Сега секоја помисла на тебе неподносливо боли. СТАР е твоето бебе, а ти за СТАР си неговата ѕвезда. Сакаме да знаеш дека ќе се грижиме за сите наши сестри, и нема да го заборавиме твојот силен активизам! Ќе се бориме силно за сѐ она што ти не стигна да се избориш. Ветуваме! Лепотице, што да ти кажеме, остана толку многу некажано – сигурно ни се смешкаш сега некаде од горе! Чао Лора!“.

„Со големо жалење, поддржувачите и припадниците на ЛГБТИ заедницата, ја примивме веста за заминувањето на нашата драга Лора Фер. Придонесот на ова сјајна личност допрва ќе се брои во борбата за еднаквост и право на избор на свој начин на живот, односно потрага по добриот начин на живот. Дополнително, субверзивните и субкултурните архиви на македонското општество ќе го паметат името на Лора. Лора Фер, за нас и за сите, пријатели и противници, ќе остане како потсетник, како материјалност на таа слоевитост на љубовта – од себе кон светот, од себе кон себе, од светот кон вечноста!“, велат од ЛГБТИ центарот за поддршка при Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија.

Подолу можете да го погледнете настапот на Лора Фер одржан во културниот центар „Точка“ во 2007 година.

Лора Фер на Окно:

Љубовта краси, омразата гнаси

„Пред да осудите или стигматизирате некој кој е поразличен од вас, најпрво запрашајте се зошто и кого судите, дали нè познавате навистина доволно добро, дали располагате со информации за трансродните лица. Не пример: дали знаете дека трансродните лица често се хетеросексуални? Дали знаете дека постојат луѓе кои поседуваат машки и женски родов идентитет? Дали знаете дека машките кои имаат женски манири и обратно не секогаш се геј? Дали знаете дека хомосексуалноста е една од трите главни сексуални ориентации? Дали знаете дека парадата на гордоста на ЛГБТ лицата е мерка по која се мери толерантноста на едно општество и држава? Дали знаете дека мерка за добра политика и грижа за населението во една држава е нејзиниот однос кон малцинските групи?“

Извор: Queer.mk / Окно

ОкоБоли главаВицФото