Зошто не присуствував на доделувањето на Оскарите

02.03.2016 13:45
Зошто не присуствував на доделувањето на Оскарите

Јас сум првата трансродова изведувачка која досега била номинирана за Оскар и за тоа сум благодарна на музичарите кои ме предложија. (Во почетокот на 1970-тите години исто така беше номинирана транс композиторката Анџела Морли, која беше прекрасна зад сцената). Кога слушнав за номинацијата бев во Азија. Брзо се упатив дома за да се подготвам во случај да побараат некаков музички настап од номинираните. Добив телефонски повици со честитки од многумина. Една недела подоцна, Сем Смит, Лејди Гага и Д Викнд беа најавени меѓу изведувачите на оскаровската вечер, како и други изведувачи кои „допрва ќе бидат најавени“. Збунета, седнав и чекав. Дали некој ќе ме контактира? Но не добив никаков повик. Сите ме прашуваа дали ќе настапам.

Како што изминуваа неделите мојата напнатост растеше. Сфатив дека позитивната импликација што беше искажана со номинацијата всушност е повлечена. Продуцентите се решија за настап на изведувачи кои се комерцијално подобни. Песната „Simple Song #3“ од композиторот Дејвид Ланг, во изведба на корејскиот сопран Суми Џо исто така не беше вклучена меѓу изведбите таа вечер.

Натписите во Вараети, Дејли Телеграф, Пичфорк, Стереогам итн. беа понижувачки. Честитките од претходните изданија сега беа помрачени од натписите во кои бев именувана како една од двајцата музичари кои биле „исечени“ од Академијата заради „недостиг на време“. Во следната реченица веќе пишуваа дека Дејв Грол, кој не беше номиниран во ниту една категорија, е меѓу музичарите кои ќе настапат таа вечер.

Сите ми порачаа дека сепак треба да присуствувам, дека прошетката по црвениот тепих сепак ќе биде „од полза за мојата кариера.“

Минатата вечер пробав да се присилам себеси да се качам на авион за Лос Анџелес за да присуствувам на настанот, но чувствата на срам и гнев ме кутнаа и не успеав. Си помислив како би се чувствувала меѓу сите холивудски ѕвезди, како и меѓу оние похрабрите кои натажено ќе ми пристапат со сочувство. Го почувствував бодежот на срамот што ме потсети на потврдувањето кое ми го врачи Америка во минатото за мојата неадекватност како транс лице. Се свртев и се вратив од аеродромот дома.

Како сол на жива рана, следното утро на веб страницата на Оскарите меѓу другите тривијални вести беше додадено дека сум трансродово лице.

Да бидам јасна – знам дека не бев исклучена од настапот директно затоа што сум трансродова. Не бев поканета да настапувам затоа што сум релативно непозната во САД, изведувам песна за екоцидот (уништувањето на екосистемот) која нема да придонесе кон поголемо внимание во поглед на рекламниот простор. Не е до мене да ги изберам изведувачите таа вечер и знам дека немам автоматско право да настапам.

Сепак, доколку ја следите трагата ќе биде невозможно да се игнорира вистината. Како и глобалното затоплување, не е доволен еден изолиран настан, туку неколку настани во текот на годините со кои се создава систем кој ме поткопува, првин како женско дете, а подоцна како андрогина транс жена. Тоа е системот на општествено угнетување и одземени можности за транс лицата со кој американскиот капитализам ги уништува нашите соништа и колективниот дух.

Во моите 20-ти и 30-ти години ми беше кажано дека таква како мене не може да создаде кариера во музиката, мислење кое беше повторувано од безброј „професионалци“ во музичката индустрија и пазар. За среќа, дел од колегите музичари, како Лу Рид, се застапија за мене и добив пристап и покрај најлошите намери на другите. Во тој поглед се сметам за една од најсреќните на светот.

Да се каже вистината, најдобро што можам, претставува дива и безгрижна возбуда за мене; Нина Симон тоа би го нарекла „благодет“. За волја на вистината, не сум создадена за слава или за вашето задоволство. Како трансродов изведувач моето место е надвор од мејнстримот. Со задоволство ја платив цената затоа што ја кажувам вистината пркосно пред очите на омразата и идиотизмот.

На 35 години ја добив наградата Меркури во Обединетото Кралство. Сите номинирани изведувачи беа поканети да настапат таа вечер. Ме спасија од заборавот и ме славеа, што покрена серија на настани кои ми го променија животот засекогаш.

Десет години подоцна, имам настапувано пред милиони лица на најубавите сцени во светот, почнувајќи од Кралската Опера во Лондон, до шупа полна со Абориџинки – старешини во пустината во Западна Австралија. Постигнав голем дел од моите сништа. Соработував со музичари и изведувачи кои длабоко ги ценам. Се застапувам за феминизмот, еко-свесноста и за транс лицата повеќе од 2 децении. Ми беше одобрена платформа за да земам учество во културната дебата.

Заработката од целиот свет ја носев во Њујорк и ги плаќав даноците. Пари кои владата на САД ги потроши за Гвантамо, бомби-дронови, надгледување, смртни казни, затвор за укажувачите на вистината (whistleblowers), спасување на банките и помагање на корпорациите.

Во САД сѐ е поврзано со парите: тие што ги имаат и другите што ги немаат. Политиките за идентитетот често се употребуваат за да ни го одвлечат вниманието од виралната култура на извлекување на пари. Кога не се обидуваме да извлечеме пари од природата, тогаш ги извлекуваме од работничката и средната класа.

Затоа решив да не присуствувам на доделувањето на Оскарите оваа година. Нема да дозволам да ме прелажат на покорност со неколку добро произведени балади за прикладно расположение. Ќе се обидат да ве убедат дека се загрижени за вас со тоа што ќе ве подлажат со политиките за идентитет и лажни морални проблеми. Не заборавајте дека голем дел од овие славни личности се всушност трофеи на милијардерските корпорации чија единствена намера е со манипулација да ја добијат вашата согласност и последната пара. Платени се да ни го одземат вниманието со мала танцова точка додека Рим гори. Ова се последните денови на големата американска измама спонзорирана од Ексон Мобиле, Волмарт, Амазон, Гугл и Филип Морис. Америка, земја која повеќе не е присутна само во сопствените физички граници, тежнее кон поголема моќ и контрола. Сакам во целост да ја искористам сопствената полезност и да се застапам за биодиверзитет и потрага по човечкото достоинство во рамките на мојата сфера на влијание.

Извор: coalition.org.mk
Превод: Јулија Мицова