Ацо Станковски - човек опериран од ум на срце

02.03.2016 13:59
Ацо Станковски - човек опериран од ум на срце

Една од најперфидните и највалканите битанги на груевистичкиот режим изминативе десет години е сликарот Ацо Станковски - главниот чик за поттикнување на груевистичкиот кич, речиси кичма (по себе деформирана) на еден длабоко пореметен (искичмен) џуџест ум.

Притоа, настрана„лудилото“ (најчесто пресметано); настрана дури и хиперкорумпираноста на добро платениот ем „уметник“ ем идеолошки арбитар на (спрема културата) најдеструктивниот режим што Европа го видела од Хитлер навака; Станковски ќе остане запаметен пред сè по бескрупулозноста, по крволочноста, по неконтролираното ширење на говорот на омраза во своите најжестоки форми. Ќе остане запаметен, би рекле, како човек опериран од ум на срце.

Ако бубашвабата во кутија од кибрит е тамагочи за сиромашните, тогаш Ацо Станковски игра слична улога за Груевски („најголемиот македонски владател последниве илјада години“): ем бубашваба на конец („папет“, шарена тупаница што весело излетува од кутијата на кловнот) ем добро нагоен стаорец што прождира и заплашува.

Иако некои мислат дека Станковски е само wazahat (влажна брбушка, екскремент кој виси на крзното на овцата близу до опашот), не треба да се потцени неговата улога во брутализирањето на целокупната културна и медиумска сцена во Македонија. На сличен начин како што Јанко Јадибурек повикуваше да се сотре „збирштината од геј и атеисти“ што протестираше на главниот скопски плоштад, Ацо Станковски речиси без запирање шири омраза, лаги, примитивизам, кукувичлук, страв и, не на последно место, застрашувачки лош естетски и етички вкус (а лошиот вкус води во злочин, велеше Стендал).

Од тие причини, гледајќи ја деновиве одново разиграната режимска брбушка (заправо, подвижната грмушка која ги затскрива манијаците-напаѓачи), решив да потсетам на најгнасните изјави на овој сценограф-идеолог на груевизмот. Причините, значи, што одново ѝ обрнуваме внимание на брбушката-грмушка се и историски (да се запомни) и хигиенски.

Од рубриката „Боли глава“ на Окно издвоив десет репрезентативни изјави на Станковски само од последниве три години.


АЛЕКСАНДАР СТАНКОВСКИ (2012-2016)

Илјада години не сме имале таков политичар како него

Секако дека имам многу голема почит кон владетелот, кон г-динот Никола Груевски, за кого мислам дека е најдобриот политичар што се појавил на македонскиот терен од 45-та... најмалку од 45-та навака... Но ако се земе предвид дека ние ја загубивме државата со Самоила уште, претпоставувам дека од тој период, значи од 1014 година до денес, не сме имале таков политичар како него...

Радио Слободна Македонија, 28.02.16.

ГТЦ е еден вид архитектонски и градежнички монструм

Всушност, ГТЦ е еден вид архитектонски и градежнички монструм, резултат на еден политички тоталитаризам, кој многу лесно се гледа низ архитектурата како уметност, во огромна мера обусловена од тековниот политички дискурс. Но и покрај сите акомодации на комунистичката интелектуална и творечка тиранија, ГТЦ остана недоизграден, а и локацијата на која е поставен е повест полна со трагична деструкција.

Утрински весник, 09.11.15.

СК014 како Палмира

Омразата кон проектот „Скопје 2014“, кој ги исполнува лажните револуционери и авангардисти со неартикулиран гнев, е аналогна на омразата што припадниците на ИСИС ја имаат кон археолошкиот локалитет Палмира во Сирија, каде што џихадистите на современоста се легитимираа во целата своја игнорантност и малоумност низ процесот на уништувањето на артефактите, но и низ манијакалното убиство на стариот 82-годишен археолог и пасиониран поклоник на културните вредности на човештвото.

Утрински весник, 09.11.15.

Казната ќе ви биде страшна и сурова

А јас ќе им порачам за крај – готови сте. Вашата подмолност и злоба е повеќе за жалење, отколку за страв во овие времиња на разоткривање на вашите недела.

Со вашата игноранција и глупост воопшто не сфаќате со што си играте. Казната ќе ви биде страшна и сурова.

Кога пеколот ќе ги проголта вашите погани души, конечно ќе сфатите какви злодела, всушност, сте правеле и колку нечовечност сте емитирале во вашите ареали на влијание.

Можеби камшикот на нечестивиот кој во рацете на вашите демонски господари силно удира по животинските ви грбови и вашите дејанија ги обусловува со страшни и болни закани, сепак, вашата мизерна и бессловесна послушност станува инструментариум за општото ширење на злобната деструкција, а вие сте, секако, еден значаен дел од тој нечовечен систем.

И затоа ве чека страшната казна, која ќе го разнебити вашето царство, а вас ќе ве фрли во пеколот.

Република, 22.10.15.

Јасен избор

Денес изборот на електоратот во Република Македонија е едноставен и јасен. Ова секако не се должи на перфекцијата на курентните владетели, кај кои по добро спроведена анализа ќе видиме безброј неспретности, недоследности, корупција, глупост, суета, незнаење, ригидност, простотилак, некултура, популизам, лош вкус, лукративност, политиканство, авторитаризам, непотизам, провинцијализам и несвесност за современите општествено-политички текови, како и сомнителни демократски капацитети при водењето на нивните политики, но компаративно, такви какви што се, разликите се колосални и неспоредливи. Тоа се разликите кои ги гледаме помеѓу човекот и животните.

Република, 07.02.14.

Безмалку анимални личности во залудно борба против власта, т.е. вистината

Вистината не може да биде терапевт за болниот егоизам, уште помалку идеализиран швајцарски санаториум за разочараните индивидуи со скршени сништа. Можеби првата сеанса која би им ја препорачал на овие побеснети личности од константните и веќе неиздржливи конфликти со вистината, е да се откажат од својот навивачки самоинаугуриран инстинкт. (...) Но, нашите фрустрирани сонувачи за влијание што значи „пристоен“ живот, се просто изгубени во самореферентноста и секако, во манијакалниот порив, по што е можно поголем комфор на нивните, безмалку анимални личности.

Утрински весник, 03.12.13.

Пинг-понг со орангутани

„Забеганиот“ проект „Скопје 2014“ на тој начин стана стапица, во која се најдоа сите овие недоветни и невротични критичари во служба на „најелитистичката“ партија во Македонија (...) Нивна среќа е што македонскиот народ е благотрпелив, па уште не ги протерал на клоци од сцената што ја гнасат со своите злобни и немоќни манифестации на неподнослива глупост. Да се полемизира со нив е како да се игра пинг-понг со орангутани.

Утрински весник, 02.04.13.

Тешко е да бидеш совршен и трпелив

Во некои моменти на човека му доаѓа некакво сожалување над бедата во која тие се наоѓаат, во тоа потполно фијаско на нивниот човечки интегритет, но во следниот момент ќе ве расколебаат со нивната стравотна и непомирлива омраза, достојна на манијакални убијци. Тогаш сфаќате дека е тешко да бидете совршен и трпелив и да простувате по која било цена, во име на една возвишена вистина и стварност. Тие напаѓаат дури и кога се обидувате да ги извлечете од живата кал во која се наоѓаат. Тие гризат со своите песјаци, клоцаат и удираат со своите копита, бодат со своите рогови, а омразата бабри во нив. На крајот сето тоа еруптира во дијареја од простачка скрибоманија. Овие амбициозни и самопромовирани несреќници ги има во огромен број. Секој човек е уметник, критичар или мислител, но ова? Ова се легионите на нечастивиот, организирани во гнасна војска од експозитурите на човекомрзецот. Ајде во напад, Ајвани! Покажете го ѕверот што го носите во себе. Вашиот час дојде!

Утрински весник, 19.03.13.

„Западно Скопје“ - легло на ситни криминалци

Но, како тоа толку илјадници граѓани, родени како христијани, не почувствувале потреба да изградат храм? Зар тие не се раѓаат и умираат? Можеби сето ова се должи на еден антирелигиозен период, со предоминантна атеистичка идеологија, промовирана низ комунистичката догма, што владееше на овие простори речиси цел половина век, а како што гледаме, таа продолжува да владее во умовите на поголемиот дел од популацијата на западно Скопје, како носталгија и ресентиман, до ден денешен во една мимикриска форма. Овој простор, главно населен со припадници на црвената буржоазија, добро поминуваше во периодот на комунизмот, можеби не толку со финансиски бенефит, колку во контекстот на собирањето симболички капитал. (...) Сега, кога првите во општеството станаа последни (не по финансиите, туку по идеите), жално е да се гледа нивниот лажовен давеж и нивната интелектуална и културна агонија. Тие комунисти по убедување денес ги кријат симболите на нивната ступидна идеологија како ситни криминалци.

Утрински весник, 12.03.13.

Гигантската држава на македонскиот народ

Факт е дека единствен народ од регионот кој создал гигантска држава – суперсила од минатото е токму македонскиот народ, а ако еднаш сте биле способни за таков „подвиг“, зошто да не се повтори тоа во сегашноста или иднината.

Утрински весник, 30.10.12.

Слики: Свирачиња

 

СРОДНИ ТЕКСТОВИ

Кора за шупелка

Гомното на златната рипка

Дно под дното

Курбе му се прикажува на Станковски

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото