Полу-уметност

03.03.2016 02:32
Полу-уметност

1.

Вангелов говори за „полу-писателите“ и „лакеите“, а Димковска вели дека македонскиот писател „Го убија погрешните (културни) политики, го убија мегаломанските проекти на Министерството за култура, го убија клановските поделби на политичка основа, го уби стравот дека ќе изгуби нешто што и нема ако крене глас, ако заземе став, ако побара поголем простор за дишење, ако посака слобода“. И дека „Секој автор, секој уметник живее во некое време, реално или имагинарно и во таа временска рамка, втемелена во еден или повеќе простори, секој уметник пројавува или би требало да има став кон светот во којшто живее“.

Нашите уметници немаат став ни кон просторот, уште помалку кон времето. А светот не ги интересира. Живеат вон него. Освен, се разбира, ако како нивен „став“, сосема легитимен (но дали и нормален?), се земе оној на славниот ни Ацо Станковски – Сарајлија, кој има „… многу голема почит кон ВЛАДЕТЕЛОТ, кон г-динот Никола Груевски, за кого мислам дека е најдобриот политичар што се појавил на македонскиот терен од 45-та… најмалку од 45-та навака, но ако се земе предвид дека ние ја загубивме државата со Самоила уште, претпоставувам дека од тој период, значи од 1014 година до денес, не сме имале таков политичар како него…“! Не знаеме од каде и како тој го знае Самоила, но знаеме дека навистина мисли на оној, неговиот идол кому така милозвучно му го кажува името и презимето, кој се шепуреше низ државава цели десет години. Само што тој беше сè друго само не „г-дин“. Ниту пак може да биде.

Но, уште повелелепно звучи она „ВЛАДЕТЕЛОТ“ како парадигматичен исказ / став на македонскиот уметник денес кон власта. Со големи букви, голем наклон, најчесто клекнат на колена …! Тоа е уметноста на нашето време, тоа е уметникот на нашето совремие!!!

2.

Се разбира, не се само тие – писателите и ликовњаците. Додека светот инсистира на уметност на своето време, на творештво што ќе ги изрази сите неправди и грижи на денешнината, што ќе им покаже малку човечко лице на сите црнила што нè опкружуваат, нашите уметници уживаат во балонот што им го изгради ВЛАДЕТЕЛОТ. Среде безочната девастација на планетата Земја, низ катаклизмичните поплави бегалци заради ужасните воени конфликти, на педа од геноцидни акции или диктаторски режими што одамна ни се населија и дома, нашиве траљаво блебетаат низ некаква салонска „уметност“ како онаа од средината на деветнаесеттиот век. А барем да го имаа и нивното мајсторство, туку овие нашиве размавтале метли и кофи, чекани и длета... замајани во националистичкиот кожурец што убаво ги грее. До нив не допира буквално ништо – ни однадвор ни одвнатре! Не ги тангира ни смрт ни раѓање, ни болест ни радост, ни криза ни диктатура. Битно ВЛАДЕТЕЛОТ да е добар и да дава пари. Нивни, ама сеедно, барем дава. И селективно. Ако дојде некој друг тие можеби не ќе играат во првиот тим?

Но кога барем би можеле ова што го гледаме низ нашите културни институции да го наречеме полу-уметност. Дури не е ни тоа, зашто половичноста допушта мечтаење дека другата половина може да донесе нешто подобро, дека токму во таа друга половина се крие некој актуелен концепт или идеја, нешто што малку ќе нè размрда и ќе покаже дека и ние имаме современа уметност. И нека едната половина биде јад и беда, шунд и кич, пренемагање и ментална онанија, онаа другата половина би останала надеж, светло на крајот на тунелот.

Ама не, ним им е поважно дека после нашето (одамна познато) откривање на Америка и дешифрирањето на каменот од Розета, еве сега сме ја создале и Русија. И кој е како нас! Какви дебили. Не посраа само една пристојна уметност, еден пристоен град, туку цела една држава!

Што чекаат, дозвола од ВЛАДЕТЕЛОТ дека смеат да творат, дека уметноста смее да гледа и околу себе, а не само назад во Антиката, или во Самоила?

3.

На само 400 километри на север, писателот Филип Давид, среде церемонија на доделување на награда за најдобра книга, се оградува од присуството на претседателот на неговата држава бидејќи не се согласува со неговата политика. Кај нас не се почнува претстава, не се почнува изложба или каков и да е друг јавен настан ако „г-динот“ или Хорхе не се пристигнати. А згора Сарајлија на Хорхета му ги објаснува своите дела. Типичен современ перформанс: „Како да се објасни уметноста на мртов фикус?“! Филхармоничарине седум години ги з…….т со градбата на нивната зграда и никој уста не отвора?! Ама затоа секој фолк фестивал носи во ветер по стотина илјади евра на име награди. Досега инкасирале сигурно барем толку колку што треба за реновирање на Универзална сала. Ама што фајда кога министерката ни за (не)култура се пали на фолк, а сигурно и „г-динот“!

И тоа ли ќе биде обележјето на културата, на уметноста на оваа декада? Стиропорни фасади врз идиотски објекти, „полу-писатели“ и уметници квази-историчари и политиканти од најниско ниво, фолкери и разноразни циркуски хохштаплери на првата линија на македонската уметност и култура? Затоа и ќе ни подметнуваат факсимили за оригинали, кич за уметност, плеј-бек за изведба во живо, гемишти наместо претстави... Нашиве слепци не ги интересира ништо под капава небеска освен нивниот џеб!

 

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Robert C. Jackson

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото