МакеДокс Кино-викенд во Кино Фросина

03.03.2016 12:23
МакеДокс Кино-викенд(и)

Со оглед на тоа што живееме во реалност која станува пофиктивна и од самите играни филмови, документарниот филм станува сѐ поинтересен за љубителите на филмската уметност. Поради тоа, фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ одлучи да организира „МакеДокс Кино-викенд(и)“, кадешто на македонската публика ќе ѝ се даде можност уште еднаш да погледне некои од документарните филмови кои беа дел од програмата на фестивалот.

„МакеДокс“ ве кани да уживате пред филмското платно во Кино „Фросина“ - МКЦ со четири документарни филмови. Про-активен петок (04.03.2016) со „Секојдневен бунт” и „Секс за шуми“ од 20:00 и 22:00 ч. и гламурозна сабота (05.03.2016) со годинашните кандидати за Оскар - „Доаѓаме како пријатели” и „Погледот на тишината“ од 20:00 и 22:00 ч.

Во петок на програмата на „МакеДокс кино-викендот“ има филмови кои зборуваат за граѓанската активност, за социјалната ангажираност и за сѐ поголемото јакнење на граѓанинот како субјект, активен и одговорен за сѐ она што се случува околу него, како активен принцип во социјалната, општествената, па и еколошката сфера. Универзална тема, која веруваме дека нѐ засега сите нас, кои сакаме да живееме во еден поправеден, подобар и еколошки почист свет.

Саботата ја посветивме на гламурот, но не на оној формалниот и појавниот, туку на гламурозната атмосфера и чувството што го создаваат квалитетните документарни филмови кои раскажуваат, понекогаш, страшни, но вистинити приказни. Ќе бидат прикажани два документарни филма кои се најдоа во пократката листа за номинации за Оскар. Тоа се „Доаѓаме како пријатели“ на режисерот Хјуберт Саупер, кој во септември ни дојде како пријател во рамките на проектот „Докувизија“, што „МакеДокс“ го организираше заедно со регионалните дистрибутери и фестивали на документарни филмови, како и филмот „Погледот на тишината“ на режисерот Џошуа Опенхајмер, филм што влезе меѓу најдобрите пет според Американската академија за филмска уметност.

04.03.2016 (петок)
20:00 ч.– „Секојдневен бунт“
22:00 ч.– „Секс за шуми“

05.03.2016 (сабота)
20:00 ч.– „Доаѓаме како пријатели“
22:00 ч.– „Погледот на тишината“


СЕКОЈДНЕВЕН БУНТ/
EVERYDAY REBELLION

2013 118'
Австрија, Швајцарија, Германија

Сценарио:
The Riahi Brothers

Режисер:
The Riahi Brothers

Снимател:
Mario Minichmayr, The Riahi Brothers,
Dominik Spritzendorfer, Olivia Wimmer

Монтажа:
Nema Märki, David Arno Schwaiger

Toн:
Atanas Tcholakov, Abe Dolinger,
Hjati Bager-Jonathansson, Manuel Grandpierre,
Nils Kirchhof, William Franck

Продукција:
Filmproduktion & Fimservices GmbH

Копродукција:
Mira Film GmbH

Синопсис:
Што им е заедничко на њујоршкото „Окупирај го Волстрит“, протестите на шпанските „Незадоволни“ и Арапската пролет? Постои ли врска меѓу борбата на Иранското движење за демократија и ненасилниот бунт во Сирија или, пак, помеѓу украинските гологради активистки на „Фемен“ и една исламска култура како Египет? И што имаат Србија и Турција со сето ова? Филмот ги проучува последиците на современото и рапидно менливо општество каде што секојдневно се смислуваат нови форми на протест за да се предизвика моќта на диктатурите, а понекогаш и на глобалните коопорации. Давајќи им глас на сите оние коишто решаваат да се обидат ненасилно да го сменат насилниот систем, филмот ја качува на пиедестал креативноста на ненасилниот отпор и граѓанската
непослушност.

СЕКС ЗА ШУМИ/
FUCK FOR FOREST

2012 86'
Полска, Германија

Сценарио:
Michał Marczak, Łukasz Grudziński

Режисер:
Michał Marczak

Снимател:
Michał Marczak

Монтажа:
Dorota Wardȩszkiewicz

Музика:
Marcin Masecki

Продукција:
Mikołaj Pokromski, Michał Marczak

Копродукција:
Sarita Sharma, Artur Liebhart


Синопсис:
Сместена во Берлин, организацијата „Fuck For Forest“ е една од најнеобичните добротворни организации во светот. Водена од идејата дека сексот може да го промени светот, оваа невладина организација собира пари за еколошки цели преку продажба на домашно направени еротски филмови на интернет. Дени го открива овој неохипи свет на изобилство и радост, каде што сексуалната слобода станува едно со глобалниот алтруизам и ѝ се приклучува на акцијата. Од улиците на Берлин до длабоките шуми на Амазон, овие активисти ги здружуваат силите за да купат парче шума и да ги спасат домородците од болните апетити на Западот.

ДОАЃАМЕ КАКО ПРИЈАТЕЛИ/
WE COME AS FRIENDS

2014 110'
Франција, Австрија

Сценарио:
Hubert Sauper

Режисер:
Hubert Sauper

Снимател:
Hubert Sauper, Barney Broomfield, Xavier Liébard

Монтажа:
Hubert Sauper, Cathie Dambel, Denise Vindevogel

Музика:
Slim Twig

Тон:
Veronika Hlawatsch

Продукција:
Hubert Sauper (Adelante Films, Paris)

Копродукција:
KGP, Gabriele Kranzelbinder (Vienna)

Синопсис:
Ова е модерна одисеја, вртоглаво и само навидум фантастично патување во срцето на Африка, каде што децата или ги мажат или ги вооружуваат. Благодарение на малиот авион којшто режисерот сам го направил од лим и платно, пристигнуваме во Јужен Судан – земја со највисока стапка на мајчина смртност во светот, дом на 230 илјади бегалци... и очигледно, рај за странските инвеститори. Кинески нафтени работници, мировници на ООН, судански воени лидери и американски протестанти доаѓаат како пријатели во најмладата држава во светот, нестрпливи да поттикнат „соработка и развој“. Наградена на Берлинскиот филмски фестивал и на „Санденс“, оваа филмска приказна ни покажува дека империјализмот никогаш навистина не си заминал од Африка.

ПОГЛЕДОТ НА ТИШИНАТА/
THE LOOK OF SILENCE

2014 98'
Данска, Индонезија, Норвешка, Финска, Обединетото Кралство

Сценарио:
Joshua Oppenheimer

Режисер:
Joshua Oppenheimer

Снимател:
Lars Skree

Тон:
Henrik Garnov

Музика:
Seri Banang, Mana Tahan, E.Sambayon, Rege Rege

Продукција:
Signe Byrge Sørensen

Копродукција:
Piraya films AS, Making Movies Oy

Синопсис:
Преку кадрите од фантастичниот филм „Чинот на убивање“ на Опенхајмер, преживеаните членови на едно семејство дознаваат како бил убиен нивниот син за време на геноцидот во Индонезија во 1965 година, но и кој го убил. Камерата го следи најмладиот син, Ади, кој решава да ја прекине задушувачката магија на потчинетоста и теророт и прави нешто незамисливо во општеството каде што и понатаму власта е во рацете на убијците: тој се соочува со луѓето што го убиле брат му и додека им го проверува видот, бара од нив да ја признаат одговорноста за стореното. И така го прекинува 50-годишното владеење на тишината. Додека „Чинот на убивање“ ги открива последиците за сите кога секојдневната реалност се гради врз терор и лаги, „Погледот на тишината“ истражува што значи да се живее таквата реалност.


Билети:

Претпродажба - 100 ден. по вечер
На каса - 150 ден. за 2 филма
На каса - 100 ден. по филм