Поради падот на стандардот, сè помалку луѓе можат да си купат диплома

03.03.2016 16:08
Поради падот на стандардот, сè помалку луѓе можат да си купат диплома

Скопје, 3 март 2016

Лошата материјална состојба принудува сè поголем број граѓани да стигнат до факултетска диплома со напорна работа и повеќегодишно учење наместо со купување, дознаваат Пара вести врз основа на извештајот на Институтот за вреднување на квалитетот на дипломите од Добрејци.

Експертите велат дека падот на стандардот во последната деценија предизвикал крах на пазарот на дипломите за високо образование.

„Луѓето се принудени да дојдат до диплома како знаат и умеат, зашто немаат пари да ја купат. Некои студираат и по 5 години, одат на вежби, полагаат испити... Страшно е кога од своите пари не можете да си дозволите ни диплома од некој факултет без врска, чисто колку да кажете дека сте завршиле нешто кога ќе ве прашаат, туку морате да учите со месеци и години“, велат од овој Институт.

Граѓаните велат дека им е тешко кога гледаат дека побогатите меѓу нив на своите ѕидови имаат закачени дипломи од факултет кои тие можат само да сонуваат да ги купат.

„Штедев од онаа мала греотарина што ја заработувам секој месец и одвојував на страна, но тоа не е доволно ни за диплома од Факултетот за разонода во Мралино, а камо ли за нешто поскапо. Сега морам да учам за да бидам во државна квота на Правен. Којзнае колку време ќе ми треба за таа диплома, ако некогаш воопшто на добијам“, вели студентот Г.Н. од Скопје.

Според некои шпекулаци, голем број граѓани сепак не се откажуваат од својот сон и веќе имаат план каде ќе ја закачат дипломата и како да дојдат до неа, додека други планираат да ја чуваат во банка „за да не пропадне“.

Извор: www.njuz.net