Слепи за правда

04.03.2016 02:43
Слепи за правда

Застрашувачко е ова што се случува со правдата во Македонија. Важни, некои од нив и клучни, институции на државата прават сè што можат за целосно да ја оневозможат или, ако е тоа неизводливо, барем максимално да ја отежнат истрагата за тешки кривични дела. Веќе не може ни да се помисли, камоли да се зборува за елементарна правна сигурност на граѓаните, ако меѓу тие што се ставиле на страната на злото има и обвинителства и судови.

Специјалното јавно обвинителство соопшти дека Катастарот, УБК (петта управа), одделни сектори во МВР, Општина Битола, министерства, скопското и обвинителството за гонење организиран криминал - се институциите кои одбиле да соработуваат со него, иако на тоа се обврзани со закон! За Уставниот суд и за медиумската хајка против СЈО и да не зборуваме.

Единствено позагрижувачко од ова е сознанието дека спремноста да се прекрши законот, да се урива правниот систем, да се уништи личниот, професионалниот и институционалниот авторитет и, конечно, да се понижи државата е со цел да се заштитат група моќници и високи функционери во власта, опфатени под името злосторничко здружение и осомничени за тежок криминал и корупција. Затоа сега СЈО предлага измени во Кривичниот законик со кои ќе се воведе ново дело - попречување на правдата. Личи на последен обид да нè биде: правдата е бавна, ама доаѓа.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња