Немам ништо, но имам сè!

04.03.2016 10:30
Немам ништо, но имам се!

Јарославскиот автопат ја поврзува Москва со Северна Русија и понатаму со пристаништето Архангелск. Кога ќе се тргне по патот, пејзажот главно е идентичен, шумите со брези се менуваат со иглолисните шуми, па така во круг. Внимателниот набљудувач некаде околу 106 километар ќе воочи нешто што потполно излегува од пејзажот. Неколку десетици метри од оградата, на ливадата, се наѕира некаква чудна неправилна искривена градба. Неколку вкрстени колци, набиени во земјата, а од нив висат дискови. Потсетува на новогодишна елка, но Новата година е далеку.

Оној што ќе застане, неизбежно ќе забележи дека и купот даски и гранки кои стојат пред „елката“ претставуваат капија. Или барем личат на неа. Околу импровизираната капија не постои никаква ограда, ако се изземе онаа државната, од автопатот. Тоа е почетокот на царството на Јуриј. Овој човек, кој упорно одбива да го каже своето презиме, бил успешен московски адвокат. Таа работа во еден од најскапите градови на светот носи огромна заработка, особено затоа што Јуриј посебно се обучил за застапување големи фирми, кои главно работеле во странство.

Слободата на ливадата

Огромната адвокатска заработка со себе ги носела сите соодветни поволности, сето она што можеле да го набават парите или барем изгледало дека тоа е сè. Менување автомобил кога и да посакал, кога ќе се појавел некој нов модел, излегувања во најскапите ресторани, однесување кое одамна е опишано како „пијан руски гроф“. Нашиот Јуриј живеел онака како што живеел, уживал за сите пари и со сета сила, сè додека во еден момент не сфатил дека сепак немал сè, нешто му недостасувало.

По долготрајно размислување каде запнал, зошто веќе не му било интересно да троши баснословни количества пари на разни занимации, сфатил дека токму таквиот начин на живот го гуши. Нема слобода. Со други зборови, го задавила вратоврската. Потоа, решил голем дел од својот имот да го подари и да се одметне в шума.

За разлика од она што вообичаено се подразбира под одметнување, овој руски десперадо не понел пушка, не ограбувал и не бил ајдук. Едноставно, сакал да види дали е способен да преживее во природа, дали може да најде смисла во животот кој не се потпира премногу на цивилизациските достигнувања.

Така, тргнал по Јарославскиот пат, и на оној 106 километар видел ливада околу која се простира шума. Му се видела како совршено место за нов почеток. За секој случај, не е премногу далеку од градот, бидејќи тогаш не знаел што сè може да очекува. Се вратил во градот и во катастарот проверил да не е нечија полјана, да не му се случи во некој момент да го разбудат булдожери или некои фини момци, градени како трокрилен ормар, во црни јакни и со некои чудни намери кон неговата маленкост. Не премногу пријателски, се подразбира. Како новооткриен човек од природа, сепак повеќе сакал рацете и нозете да му останат на местото каде што ги предвидела мајката природа.

Кога во катастарот му потврдиле дека ливадата е државна, се вратил. Блиската шума, која исто така му била двор, му пружила изобилство материјали за градба, па набрзо никнал шатор, односно типи, вигвам. Се одлучил за овој индијански начин на градба бидејќи тоа било единственото што дотогаш го видел, не дека филмовите немале влијание. А, и сè уште бил неискусен да се обиде со некои посложени облици. Првиот шатор никнал во октомври 2011 година, и тоа бил почетокот на одметничкиот или испосничкиот живот, зависно од тоа како се набљудуваат работите.

Кога можел Робинзон...

Овој типи издржал до јануари 2012 година, кога изгорел сосема случајно. Зимата била студена, а домаќинот запалил малку поголем оган, за да се загрее како што треба. Топлината го опуштила, па го заспала, а набрзо и многу успешно го разбудил чад и уште поголема топлина. Сето тоа доаѓало од шаторот кој се нашол во пламен. Можел само да истрча надвор и да гледа како домот му заминува во чадот. И тоа, најбуквално.

Можеби после ова некој би се откажал, би се вратил во Москва и кај својот „мерцедес“, но не и нашиот испосник. Изградил уште еден шатор, овојпат од малку посилна граѓа, но сфатил дека тоа е само привремено решение. Се присетил дека своевремено ги читал делата на Толкин, им се воодушевувал на „Хобитот“ и „Господарот на прстените“, а Хобитите живеат в земја, куќите им наликуваат на земјанки. Кога можат Хобитите, зошто да не може и тој?

И, така живее Јуриј, и со сета сила ја копа земјанката. Тогаш некако се присетил дека во војската, кога немале што да прават, до бесвест ги терале да копаат ровови и земјанки. Најпосле, видел некаква корист од војничкиот живот, го применил искуството што го стекнал таму, па најпосле, земјанката испаднала како некаква чудна мешавина од хобитска куќичка, воена земјанка и традиционална руска архитектура. Сè е направено од дрвени трупци, ѕидовите се обложени со нив, а бидејќи дрвото е одличен изолатор, особено кога е вкопано метро-две во земјата, барем немал никаков проблем околу греењето, и ладењето во лето. Топлината се задржувала внатре, не морал да троши многу дрва за ложење, па може да се каже дека куќата била она што денес се нарекува „енергетски ефикасна“.

Кога го решил прашањето за крупните работи, архитектурата и самата градба, можел да се посвети на внатрешното уредување. Сè што му било потребно од мебел правел сам. Така, масите и столиците исто така се направени од трупци, грубо изделкани и поврзани со дрвени клинци. Креветот, исто така, а душек глуми една дебела сламеница наполнета со трева искосена околу куќата. Ормарите ги правел од исфрлени воени кутии за муниција, кои се покажале многу практични, можат многу да издржат и овозможуваат многу простор, онака наредени една врз друга.

Најважните работи од домаќинството, водата и струјата, од самиот почеток ги решил на робинзонски начин. Додуша, само водата, додека струјата е производ на модерната технологија. Водата ја спровел од блискиот извор преку изделкани трупци, а за да добие струја самиот направил генератор на сончева енергија. А, што ќе му е струја, кога веќе живее како испосник? Добро, не сосема како испосник. Како човек да се откаже од музиката? А, за да се пушти музика, најлесно е да се вклучи компјутерот. Помалку кабасто од грамофоните и музичките столбови, секако.

Затоа, генераторот е неопходен. А, и не е лошо да се има некоја светилка, за да може да се чита. И тоа било сè што одметнатиот испосник барал од цивилизациските достигнувања.

Земаш-даваш

Денес, кога патник-намерник ќе наиде на имотот, го дочекува голем црвен бакелитен телефон, закачен на дрвената стреа. Стар, со жица, не мобилен. Над телефонот има табла на која пишува дека се работи за интерфон, бидејќи на другиот крај од жицата има ист таков телефон, но во собата. Тој интерфон само докажува колку патниците-намерници се секогаш добредојдени во царството на Јуриј.

Главно, човекот може да се најави на интерфонот, да помине низ капијата и да продолжи кон земјанката. Ќе помине покрај знак од штица на кој пишува дека е забрането да се гази тревата, кој повеќе или помалку е вишок, со оглед на тоа дека никому нормален нема да му падне на ум да чекори во трева од половина метар, во која може да се намножи сешто. Кога гостинот ќе пријде до земјанката, се вклучуваат сензори за движење, потоа преку звучникот поставен на покривот и низ дивината се развлекува глас од некој глумец кој го чита Хомер.

Гостинот...

Одметникот е многу љубезен домаќин. Ако ве наведе патот, неизбежно ќе бидете послужени со кафе или чај. Човекот сака гости, а и ја следи својата филозофија, која вели дека тој патува без напуштање на својот шатор, а кога веќе целиот свет се врти, го посетува без да посети кого било. По чајот, следува гозба, се разбира, вегетаријанска. Домаќинот зад собата засадил цела бавча зеленчук и разни растенија за јадење, а чува и една коза, заради млеко.

Кога ќе се погледне повнимателно, се гледаат портрети на руските писатели закачени на ѕидовите од земјанката. Ова го објаснува и Хомер од разгласот, а во типи шаторот, кој не е срушен, се наоѓа истоимената библиотека. Таа работи на принципот „земаш една, даваш една“, читај „посетителот може да ја земе која било книга ако остави некоја друга“. Пред библиотеката, од тревата ѕирка нешто бело. Тоа е бистата на Сократ. Сократ, затоа што Јуриј не можел да го најде Хомер, но полека, има време.

Во разговорот, човекот што ја отфрлил цивилизацијата, а не таа него, открива сè во една реченица. На чудењето како може да живее така, одговара со филозофски мир:

- Немам ништо, но имам сè. Имам слобода.
И, што му треба повеќе?!

Извор: http://politikin-zabavnik.co.rs