1023 hPa
100 %
7 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 23:59
Извештајот на Светска банка за пензискиот систем само потврди дека тој е пред тотален крах и дека му е потребна здрава и коренита реформа, која нема да се води според дневно-политичките и популистички потреби туку ќе биде конзистентна стратегија што ќе доведе до стабилно и трајно финансирање и функционирање на системот. Ова се првите коментари на експерти и економски аналитичари за последниот извештај на Светска банка за фискалната одржливост на пензискиот систем.
Професорот Мирољуб Шукаров вели дека она што го соопштува Светска банка во овој извештај не е нешто случајно, ниту пак неочекувано, бидејќи и во земјава подолг период се инсистира на промени во овој систем, бидејќи тој е крајно неодржлив.
- За да спречиме крах на овој систем, кон што веќе се оди, треба да се направи коренита реформа, во чие дизајнирање би дале свој придонес сите заинтересирани, од пензионерите, преку научната и стручна јавност, па сè до владината администрација. Нагласувам, не Владата, туку администрацијата. Притоа, на решението треба да му се даде стратешко значење, кое не би било привилегија на спроведување на една политичка гарнитура која ќе го спроведува во кус рок и според дневно-политички потреби, туку перманентно ќе се реализира - објаснува Шукаров.
Првите резултати од една таква, сеопфатна реформа на пензискиот систем, вели Шукаров, би биле видливи за десетина години, но системот би бил поставен на здрава основа.
Според економскиот аналитичар Слободан Најдовски, Светска банка многу доцна и доста благо укажува на вистинската состојба на пензискиот систем, кој веќе е крахиран поради политиките на актуелната власт, кои доведоа до намалување на стапката за пензиско осигурување, поради давањето привилегии за странските инвеститори и за работодавачите, предвременото пензионирање работници, нереалното зголемување на пензиите и низа други потези.
- Пензискиот фонд е веќе крахиран. На тоа укажува податокот што државата мора да дополнува близу 50 отсто од потребните пари за да можат редовно да се исплаќаат пензиите. Состојбата е алармантна и ако продолжи ова темпо на погрешни политики, може да се очекува за една деценија фондот да не може да исплаќа пензии - вели Најдовски.
Според него, излезот од ваквата состојба мора да се бара во болни резови, пред сè за пензионерите, сегашните и идните.
- Излезот од оваа состојба е обезбедување на стабилен раст на економијата од 7, 8 и повеќе проценти, што би довело до повисоки плати, повеќе пари во Фондот и повисоки пензии. Но, ова решение во наши услови не е можно, па реформата на пензискиот систем , поради лошите политики на сегашната власт, би морала да оди кон крајно непопуларните постапки за пензионерите: зголемување на стапката на придонеси, зголемување на границата за одење во пензија, или, во краен случај, намалување на пензиите. Ова е сè поизвесно, иако ниту една политичка партија во предизборие не сака да признае дека за остри резови во пензискиот систем мора да се разговара што побрзо - вели Најдовски.
Светска банка во последниот извештај за земјава оцени дека пензискиот систем во земјава е фискално неодржлив на среден рок. Според банката, дефицитот во пензискиот буџет ќе се продлабочува, како што ќе растат трошоците за пензиите и бројот на пензионери. Во анализата се проценува дека пензискиот дефицит може да достигне 10,5 отсто од домашниот бруто производ (БДП) до 2.030 година.Тоа ќе се случи дури и да се обезбедат високи стапки на раст. Пензискиот долг пак се предвидува да остане над 40 отсто од БДП, што е висока стапка споредено со меѓународните стандарди и ќе претставува големо оптоварување за идните генерации.
Придонесите во вториот пензиски столб недоволни
Светска банка анализира дека придонесот кон вториот столб е премал за да даде принос кој ќе овозможи компензирање на намалените бенефити од столбот на генерациска солидарност за учесниците во повеќе столбови. Во анализата на пензискиот систем, Банката посочува дека трошоците за пензии, во 2014 година зафаќаа 9,6 отсто од БДП. Зголемувањето на пензиите изминатите години, како и намалувањето на стапката на придонеси кои се уплаќаат во пензискиот систем, дополнително ја усложнуваат состојбата.
Како резултат на овие промени, оценува Светска банка, од 2007 година досега се забележува зголемување на пензискиот дефицит од 2,9 отсто во 2007 година, на 4,5 отсто во 2013 година. Во овој период пензиските приходи се намалија од 5,9 отсто на 5,7 отсто како удел во БДП. И покрај постојаното зголемување на пензиите во изминатите години, стапката на ризик од изложеност на сиромаштија кај постарите лица се зголеми од 18,5 отсто во 2010 година, на 22,3 отсто во 2012 година.
Очекувањата на Светска банка се дека бројот на пензионери до 2030 ќе се зголеми за уште 50.000, односно ќе достигне 355.000, па од сегашните 740 милиони евра, за исплата на пензии ќе бидат потребни над 1 милијарда евра.
Извор: Слободен печат
На сликите: Парчиња сечено чоколадо од јапонскиот бренд Bourbon