Бубашваби избегале од скопска болница поради лошите услови

05.03.2016 19:53
Бубашваби избегале од скопска болница поради лошите услови

Скопје, 5 март 2016

Доцна синоќа, дваесетина бубашваби, лути поради мизерните услови во скопската болница „Кој преживее ќе раскажува“, го напуштиле Одделението за премин на другиот свет и заминале во непознат правец.

Според информации на Пара вести, кои Министерството за здравство сè уште не ги потврди, бубашвабите си заминале поради лошите хигиенски услови.

„Во мојот живот сум видела сè и сешто, сум поминала низ многу болници и државни институции, но вакво нешто немам видено. Ова е премногу дури и за мене“, вели една бубашваба која сакаше да остане анонимна.

Нашата соговорничка се пожали дека храната била лоша и еднолична, а порциите толку мали, што не останувало ни трошка за бубашвабите. Но, капката што ја прелеала чашата сепак биле хигиенските услови.

„Во почетокот, сфативме дека собите и ходниците нередовно се чистат, што во прв момент ни одговараше. Но, кога и по два месеци престој во болницата сè уште никој немаше поминато со џогер, просто ни се згади“, вели анонимната соговорничка, на која не ѝ било потребно многу време да ги убеди своите цимерки да заминат на друго место.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото