1010 hPa
45 %
27 °C
Скопје - Пет, 04.10.2024 12:59
Долго време имав, како средство за заработка, една голема птица што ја покажував на јавни места. Народот се восхитуваше на моќта на нејзиниот полет, на изненадувачката вештина на нејзините движења. Плашејќи се да не ми избега, јас ги бев прицврстил мошне солидно врвките околу нејзините нозе за мојот појас и, кога таа ќе се кренеше во височина, јас ја тргав жестоко за да ја донесам поблиску до основните закони што владеат тука долу. (Каква е потребата да се крева толку високо кога јас, нејзиниот господар, останувам со нозете на земјата?)
Додека бадијалџиите се клештеа гледајќи како овој жител на облаците се прпелка во уличниот канал, јас го користев времето за да соберам наоколу некој грош. Но, откако ќе ја стресеше нечистотијата од крилата, таа одново полетуваше. Нерамноправен дуел!
Нејзините паѓања, одлично вежбање, ѝ ги засилуваа мускулите и кога таа ќе се најдеше в лет јас тогаш требаше да се свиткам и да ги вложам сите сили за да одолеам на нејзината сила. Требаше, додека за тоа уште имаше време, да му ја вратам слободата на тоа нескротливо суштество чиј благороден порив не прифаќаше повеќе да биде во моја служба. Но ние бевме премногу тесно врзани ‒ зар не сум ја одгледал со свои раце? ‒ за таквата можност да се појави во мојата или во нејзината свест и приказната имаше еден инаков крај. Силината на големата птица стана таква што ме повлече со себе, во небото што јас себично ѝ го одземав, натерувајќи ме да ги напуштам засекогаш моите приземни муштерии, нивните исклештени лица и нивните ситни грошеви.
Марсел Беали (Marcel Béalu, 1908-1993) Поет, раскажувач, романсиер. Поетски збирки: „Напишано во градот“, „Љубовта ми ја крие онаа што ја сакам“, „Од каде доаѓа погледот“. На кратките поетско-прозни форми им посветува особено внимание во книгите: „Сеќавања на сенката“, „Дневник на еден мртовец“, „Тајни гласници“, „ Приказни од полусон“. Романи: „Ноќно искуство“, „Одгледувалиште на јастреби“, „Прашецот на сонот“. Автор е на една обемна антологија на француската еротска поезија.
Превод: Влада Урошевиќ
Слика: Рене Магрит