1017 hPa
37 %
28 °C
Скопје - Чет, 18.06.2026 18:59

Вториот дел од т.н. „Ѓаволовиот речник на Флобер“. Се појавил како додаток на недовршениот роман на Флобер „Bouvard et Pécuchet“ (Бувар и Пекише) во списанието La Nouvelle Revue. Иронија, цинизам, црн хумор и остроумност за сечиј вкус.
ЛЕБ. Никој не знае колкава нечистотија содржи тој.
ЛИБЕРТАЛИЈАНИЗАМ. Се наоѓа само во големите градови.
ЛИЦЕ. Огледало на душата. Според тоа, душата на некои луѓе мора да е неверојатно грда.
ЛИТЕРАТУРА. Безделништво и разонода.
ЛУКСУЗ. Падот на сите големи земји.
МАКАРОНИ. Ако се подготвуваат на италијански начин, се служат со исечени прсти.
МАМЕЊЕ. Не претставува нечесност; попрво е доказ за умешност и политичка независност.
МАТЕРИЈАЛИЗАМ. Изговорете го зборот со ужас во гласот, нагласувајќи го секој слог.
МЕДИЦИНА. Кога здравјето ви е добро, исмевајте ја.
МЕСЕЧИНА. Предизвикува меланхолија. Можно е да е населена.
МЕТАФОРИ. Секогаш премногу во сечија песна. Секогаш премногу во сечие пишување.
МРАВКА. Пример кој треба да се цитира во присуство на трошаџиите. Сугерира на идејата за штедилници.
МРЗЕЛИВОСТ. Производ на топлата клима.
МУЗИЧАРИ. Карактеристика на вистинскиот музичар е да компонира никаква музика, да свири никаков инструмент и да ги презира виртуозите.
НЕОЛОГИЗМИ. Уништувањето на францускиот јазик.
ОБВРСКИ. Барај ги од другите, избегнувај ги самиот. Другите имаат обврски кон нас, а не ние кон нив.
ОБИЧАИ. Бунете се против нив, и обидувајте се да ги избегнувате.
ОПТИМИСТ. Синоним за имбецил.
ОСУДЕНИЦИ. Сите се вешти со рацете. Нашите затвори се полни со генијалци.
ОЏАК. Секогаш чади. Центар на сите разговори за системот на греење.

ПАРИЗ. Големата курва. Рај за жените, пекол за коњите.
ПЕС. Специјално создаден за зачувување на животот на господарот; најдобриот пријател на човекот.
ПЕШТЕРА. Вообичаени живеалишта на разбојниците. Секогаш полни со змии.
ПИВО. Немојте да пиете пиво ако сакате да не настинете.
ПОЕЗИЈА. Сосем бескорисна; застарена.
ПОЕТ. Помпезен збор за будала, мечтател.
ПОЗНАТИ ЛИЧНОСТИ. Грижете се за најмалите детали од нивните приватни животи за да можете да им се потсмевате.
ПОЛИЦИЈА. Секогаш греши.
ПРОЗА. Полесна за пишување од стиховите.
РАДОСТ. Мајка на забавата и игрите. Никогаш не ги споменувајте нејзините ќерки.
РАЗГОВОР. Политиката и религијата мора да се држат настрана од нив.
РАСПЕТИЕ. Изгледа фино над некој кревет – или на губилиштето.
РИМА. Никогаш во склад со Разумот.
РОДНИНИ. Секогаш досадни. Сиромашните држете ги на растојание.
РОМАНИ. Ги расипуваат масите. Помалку се неморални кога излегуваат во фељтони отколку кога излегуваат целосно во книга. Треба да се дозволат само историските романи, бидејќи тие нè учат историја. Некои романи се пишувани со скалпел. Други, пак, се наоѓаат на врвот на игла.
РУСОКОСИ. Секогаш попривлечни од црнокосите. (види ЦРНОКОСИ)

СИФИЛИС. Секој го има, повеќе или помалку.
СЛОБОДНА ТРГОВИЈА. Причина за сите деловни проблеми.
СОБАРКИ. Поубави од нивните господарки. Научи ги сите нивни тајни и издавај ги. Секогаш упропастени од синовите во куќата.
СОНИШТА. Сите големи идеи кои никој не ги разбира.
СМЕТКИ. Секогаш превисоки.
СТАН (ергенски). Секогаш во неред, со расфрлани женски парчиња облека. Мириса на застоен чад од цигари. Едно пребарување низ него ќе открие многу зачудувачки нешта.
СТАР. Секогаш „предвреме остарен“.
СТОМАК. Речете „меше“ во присуство на дами.
СТОПАН. Човештвото е поделено на два дела: стопани и кираџии.
СТРАВ. Дава крилја.
СТУД. Поздраво нешто од жештина.
СТУДЕНТИ ПО МЕДИЦИНА. Спијат до трупови. Некои и ги јадат.
ТАНЦ. Луѓето повеќе не танцуваат, туку само чекорат наоколу.
ТЕЛО. Кога би знаеле од што е составено нашето тело, никогаш не би се помрднале.
ЌЕЛАВОСТ. Секогаш „предвремена“, предизвикана од ексцесите во младоста или – поради занимавање со големите мисли.
УБИЕЦ. Секогаш кукавица, дури и кога настапува со смелост и храброст. Сепак, заслужува помал прекор од паликуќите.
УДОБНОСТ. Најценетото откритие на модерните времиња.
УЖИВАЊЕ. Непристоен збор.
УМЕТНИЦИ. Сите се шарлатани. Да живее нивната незаинтересираност. Изразувајте изненаденост ако се облекуваат како сите останати. Заработуваат големи пари и веднаш ги трошат. Жените на уметниците по непишано правило се курви. Она што уметникот не може да го прави се нарекува работа.
УМЕТНОСТ. Најкраткиот пат до осиромашувањето. Каква е користа од неа кога машините можат побрзо и подобро да ги направат истите работи?
УСТАВНИ ЗАКОНИ. Тие нè убиваат. Под нив не е возможна ниедна влада.

ФАБРИКА. Опасно соседство.
ФИЛОЗОФИЈА. Секогаш да и’ се кикотите.
ФЛЕГМАТИЧНОСТ. Добра форма. Придонесува да изгледате како Англичанец. Доаѓа со непоколебливоста.
ХИГИЕНА. Мора да се одржува. Штити од болести, освен во случаи кога ги предизвикува.
ХРИСТИЈАНСТВО. Ги ослободи робовите.
ЦЕНЗУРА. „Кажи што сакаш, тоа е добра работа“.
ЦИГАРИ. Оние што се продаваат под капата на државниот монопол секогаш се рекламираат како „вистинско уживање“; всушност, најдобри се оние криумчарените.
ЦРВЕНОКОСИ. (види РУСОКОСИ и ЦРНОКОСИ)
ЦРНОКОСИ. Попривлечни од русокосите. (види РУСОКОСИ)
ЧЕСТИТАЊА. Секогаш се „од сесрце“, „искрени“ и сл.
ШАХ. Симбол за воените тактики. Сите големи генерали се одлични шахисти. Пресериозен за игра, премногу бесмислен за наука.
ШТЕДИЛНИЦИ. Само ги охрабруваат службениците да крадат.
Извор: scribd.com
Цртежи: ALCO
Првиот дел од Речникот можете да го најдете на овој линк.
!КЛИШОТЕКА!
Испратено на 20 јуни 2010 од Еден Збор:!КЛИШОТЕКА!