1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Ништо од ова немаше да се случи да не ја сретневме Ирена во ресторанот таа вечер. Тоа, и да не бев под такво влијание на мојата менторка која веќе со месеци ми кажуваше дека треба да си најдам љубовник. „Што си вака светната? Многу добро изгледаш. Да не си фати конечно љубовник?“, ми велеше кога ќе се сретневме на кафе. Или: „Секоја успешна жена мора да има љубовник!“ Тоа ме збунуваше, зашто ваквите разговори обично беа проследени со информации за нејзиниот сопруг: каде биле заедно на викенд или што ѝ купил. И често му се јавуваше додека бевме заедно и љубовно му гугаше кога мислеше дека не ја слушам.
„Време ти е за љубовник, те гледам јас“, ми велеше. Почнав да се прашувам зошто така ми зборува. Прво си помислив дека можеби самата таа е незадоволна од својот брак. Ама освен муабетот за љубовниците, други сигнали дека е незадоволна немаше. Па затоа си помислив дека најверојатно нешто не е во ред со мене штом менторката инсистира да имам љубовник. Изгледа се гледа дека ми треба повеќе секс, си реков. Дури пиевме кафе, во кафулето влезе еден многу убаво облечен маж со бујна, бела коса. „Сањо, ма“, рече менторката и ме фати за рака, „овој по твој вкус е“. Не беше баш по мој вкус, но еве да речеме дека беше згоден.
„Добро, а како тоа да си најдам љубовник?“, ја прашав еднаш божем на шега, бидејќи и таа божем на шега ми велеше да си најдам љубовник. Да ја прашав дали таа некогаш имала некого друг во животот, сигурно немаше да ми признае. Немаше да ми каже ниту да, ниту не – доволно јасно ги имаше поставено границите меѓу нас. Таа прашува, јас одговарам. „Кога се сака, сè се може“, ми одговори.
Не можев да замислам како е да имаш љубовник. Никогаш во животот не го имав изневерено Бобан. Немав ни помислено на тоа. Никогаш немав запознаено маж што ми се допаѓал како што ми се допадна Бобан. Со него секогаш ми било меко, топло и пријатно. Никогаш не сме се скарале и секогаш за сè ми пружа поддршка. Ние сме среќно четиричлено семејство. Е сега, да, во последно време ретко водиме љубов. Можеби еднаш месечно. Ама искрено, не чувствувам некоја потреба за тоа. Со Бобан сме веќе дваесет и две години заедно и можеби тоа сме го надминале. Сепак, ми се случува некогаш кога ќе има секси сцена со некој глумец што ми се допаѓа – само глумци ми се допаѓаат, не вистински луѓе – нешто да ме заскокотка како порано. Последниот пат кога ми се случи тоа, си реков дека можеби треба да го искористам моментот. Ми беше срам да признаам дека еротска сцена од филм ме возбудила, па сакав да се обидам да го изведам тоа суптилно. Се свртев кон Бобан, ама тој беше заспан на каучот.
Многу ѝ се лутам на менторката што ми ја всади таа идеја во главата. Ако таа смета дека треба да имам љубовник, а таа е префинета, умна, добродушна госпоѓа на која ѝ нема рамна, тогаш можеби нешто навистина не е в ред со мене. Цел живот ги слушам нејзините совети и досега никојпат не сум погрешила. Освен последниов пат.
Сепак, не е крива менторката за сè. Крива е и Ирена, тоа ужасно суштество. Се појави во ресторанот „Три фазана“ каде што бевме собрани од директорот на институтот за да го прославиме Осми март. Ресторанот беше полн, една група свиреше традиционална музика и сите беа весели. Сè што јадевме и пиевме беше на сметка на нашите колеги од посилниот пол. И од тоа Ирена направи скандал кога си одеше. Шовинистичко било тоа, се бунеше и фрли пари на масата за да си ја плати ракијата што ја пиеше, бидејќи испи повеќе од едно бокалче.
На таков начин уште повеќе сме ги подредувале жените. Еден ден сме им обрнувале внимание, сме им плаќале пијачки и сме им давале цвеќе, а другото време жените биле робови. Самото вакво однесување подразбирало нееднаквост, што се косело со првобитниот концепт на Осми март, држеше предавање таа. „Што е Ирена, никој не ти даде цвеќе денес?“, почнаа да ја зафркаваат мажите. „Или нешто друго не си добила одамна, а?“, продолжуваа. Ирена збесна и си замина. Тоа многу ми направи мерак. Требаше и јас да речам нешто: „Ако се правиш феминистка, што си дошла на ваква забава?“ Можеби ќе ѝ го кажам тоа некој друг ден.
А за чудо, кога се појави, изгледаше поубаво од обично. Беше дотерана, што за неа е исклучок. Обично на работа доаѓа со фармерки и патики, што мене ми се чини недозволиво за еден млад професионалец – па за каков било професионалец, впрочем. Едноставно, така на работа не се доаѓа. Никогаш не сум ја видела да носи сако, а за штикли да не разговараме. Ноктите ѝ се секогаш несредени. Веројатно не знае што е тоа маникир, а за педикир не сакам ни да знам. Исто така, мислам дека погрешно се гордее со тоа што не си ја чешла косата. Природно ѝ е виткана и никогаш не ја пегла и не ѝ прави фризури. Шминка речиси воопшто не става, иако тоа би можело многу да ја разубави. Носи накит – некои обетки од дрво или белегзии од камен, кои секако се евтини. На неа не сум видела ништо скапо. А би можела да биде многу симпатична. Има слаби нозе, цицлеста е, има и газе. Не е дебела, има убав, темен тен, големи усни и зелени очи. Кога би се нашминкала и дотерала, сигурно би можела да биде симпатична – за ова сме си коментирале и со другите колешки и колеги.
На долгата маса во ресторанот „Три фазана“ се погоди да седам до Тони. Тони ми е колега неколку години постар од мене. Имаме завршено во иста гимназија и на ист факултет, каде што едно време беше асистент, а сега работиме заедно и разговорот добро ни оди. Посебно што и Тони е женет и има едно дете. Со Тони веднаш ја измеркавме Ирена кога влезе. Додека се поздравуваше со другите колеги, го искоментиравме нејзиниот изглед. „Види го ти Иренчето“, рече Тони. „Да не ѝ се случува нешто?“, ми упати ѓаволски поглед и двајцата се закикотевме. Ирена носеше црн фустан што се закопчуваше на средина и ѝ стигаше до колениците. Не носеше штикли, ама фустанот оставаше впечаток бидејќи добро ѝ ги оцртуваше облините. Носеше зелени камени обетки во облик на солзи, зелено чантиче и зелени чевли. Се беше потрудила. Не ми беше јасно зошто – нели е феминистка. Имаше празно место до мене, па тука седна.
Тони веќе имаше пивнато од ракијата и како џентлмен ми сипаше и мене секојпат кога чашата малку ќе ми се подиспразнеше. И на Ирена ѝ сипа ракија.
„Многу добро изгледаш, Ирена“, ѝ реков јас. „Фала“, рече таа и почна да си го грицка нокотот од палецот. Да носеше кармин, сигурно ќе си го размачкаше. „Да, одлично, освежено, привлечно. Да те видиме и тебе малку“, се смешкаше Тони, „да видиме што имаш да понудиш. Ха-ха-ха“.
Ирена продолжи со грицкањето. „Благодарам“, рече откако од уста извади едно кожинче. Колку грозно, си помислив.
„Да не одиш после некаде со дечкото?“, ја прашав, бидејќи знаев дека има дечко веќе долго време. „Ќе излеземе најверојатно после, да“, ми одговори. „Пфффф, дечко“, рече Тони. „Уште ли со дечковци на ваши години?“
Ирена се токмеше да каже нешто, но Тони ја прекина.
„Колку години имаш сега? 31? И заврши со магистерски и докторати – што чекаш?“, Тони игриво ја буцна по рамото и ѝ намигна. „Да, што не се земете?“, ја прашав јас. Навистина ме интересираше. Не можев да сфатам зошто луѓето го прават тоа, живеат диво. Си мислев дека можеби едниот од нив не сака брак, зашто сака да почека да не му се падне нешто подобро од тоа што го има во моментот.
Ирена ги крена рамениците. „Нема потреба. Заедно живееме со години. Исто е ко да сме во брак“. „А не, извини“, рече Тони. „Брак си е брак. Договор си е договор. Вака немаш доверба“. „Ајде, одамна не сме заиграле на свадба“, се замешав јас. „Ма не мора свадба, едно бајадерче донеси ни и ние ќе се веселиме!“, викна Тони и ја крена чашката со ракија за да наздрави со нас. Тројцата се чукнавме со чашите. Ирена неволно го стори тоа. „Знаеш што ми се јаде многу?“, ми рече Тони наеднаш и се потфати за мевот со едната рака, а со другата се истегна. Беше светнат во очите, од ракијата. „Џигерчиња“. Наеднаш и мене ми се пријадоа џигерчиња. „Уф, како би си к’снала и јас“, му признав. „Ама лукот –“ „Остај ти лук, тоа нека му мислат немажените“, рече и насмеано ја погледна Ирена.
Настана непријатна тишина бидејќи Ирена не се насмевна.
„Ама добро, најсериозно. Тој дечко ти што чека? Ќе ти пројде возот, еееј! Нема да можеш да затрудниш!“, рече Тони.
Ирена се обиде нешто да каже, ама изгледаше несигурно, па ја прекинав оти наеднаш, можеби поради ракијата, ме заплисна голема среќа што сум мајка и професионалец. Згора на тоа, што сум отмена и добро негувана жена. Ирена ја почувствував како ученичка на која треба да ѝ дадам животен совет, како што мојата менторка ми даваше животни совети мене.
„Најбитна работа на светот е да имаш деца. Јас првото на 27 го родив, и сега ми е многу криво што порано не сум го направила тоа“. „Да. Мене ми е криво што само едно дете имам. Нема поголемо богатство од децата“, рече Тони и ме погледна со разбирање. „Ништо во животот нема да те исполни како што ќе те исполни детето“, продолжив јас, оти некако бев инспирирана. „Жена што не е мајка е нереализирана жена“, реков и помислив на мојата немажена тетка што боледуваше од хипохондрија.
„Што не им се качувате на глава за ова на моите постари колешки?“, наеднаш прозбори Ирена. Зборовите несмасно ѝ се истркалаа од уста. „За нив веќе нема надеж. По 36-7 години имаат и немажени останаа. Зарем сакаш да те гледаме тебе така како што ти ги гледаш сега нив?“, ѝ рече Тони. И тој ја гледаше како мене, со загриженост. На почетокот се шегуваше, но сега сфатив дека и јас и Тони го правиме ова од грижа и од одговорност спрема нашата млада колешка со многу потенцијал да биде и убава и општествено успешна жена. „Како ги гледам јас сега нив?“, Ирена се намршти и една остра брчка ѝ се појави меѓу веѓите. Одеднаш изгледаше многу постаро.
Тони го стиши гласот и се наведна накај Ирена. Фрли поглед кон другите гости на масата да види да не нè слушаат. Но виолинистот и гитаристот од групата што настапуваше се имаа симнато од малата бина и им свиреа на увце на две пензионерки од институтот, па сите гледаа во нив и плескаа со рацете. „Не ја гледаш Ема колку е исфрустрирана затоа што ѝ помина времето за деца и за маж?“ Ема се караше со сите и цело време тераше правди. Дури и по министерства трчаше да се расправа. Личеше на лезбијка. „Да“, потврдив. „И Невенка. Исто“. Невенка веќе тераше накај 40.
„Па нели Невенка има дечко?“ праша Ирена. „Има еден. Тој истиот што ѝ е одамна, ако мислиш на него. Еден така, крупен. Ми се чини дека е доктор на гастро. Значи добар е. Ама знаеш, втора реколта. Тоа ти е. Гледам сега некои мои другарки исто мораат со втора реколта да се гледаат. И со трета. Ама тоа ти е тоа“. Си замислив колку би било ужасно да се разведам и да морам да се сведам и јас на тоа: да се гледам со разведени мажи што имаат деца. „Да, и после на мажите им е супер. Ќе си најде некое младо пиле да си има до себе, да му го чува детето. Ти текнува на Мирјана?“, ме праша Тони. „Цел живот го гледаше детето на мажот ѝ и еве ја сега, 45 години има и нема свое дете. Може ќе мора да посвојува“.
И двајцата ја погледнавме Ирена. Молчеше и нервозно си ја чепкаше главата кај тилот, како да корне нешто. Колку грозно, си помислив. Вакви работи не смее да прави во јавност. Во тој момент пристигнаа џигерчињата. Тони им се израдува и џентлеменски прво мене ми стави неколку парчиња во чинијата, и така насмеан, се обиде да ѝ стави и неколку на Ирена, во исто време сакајќи да го заврши разговорот: „Значи, се договоривме. Свадба и дете под итно“, рече и ѝ намигна со крената виљушка на која закачено висеше едно поголемо џигерче.
Ирена му ја бутна виљушката и месото падна на чаршафот. „А што те боли тебе кур дали јас ќе раѓам деца или не?“, избувна наеднаш. Тони сè уште стоеше со виљушката благо крената. Ирена зборуваше придушено, со стиснати заби. „Може да не ми се мешате во пичката како што јас не се мешам во вашите полови органи?“
Толку беше простачко тоа што го кажа, што немавме време да реагираме. Такви зборови никогаш не сум слушнала во јавност. Посебно не од женско.
„Ама еве на пример, вие двајца. Сте се усмрделе во вашите бракови и сега сите пробувате да ги ставите во вашата смрдена чорба. Се занимавате само со туѓи приватни животи и солите памет за морал и за деца, а сигурно зад грб се опињате еден со друг. Кај ќе одите вие двајца после ова, а? Мислите не ве гледам што правите? Џигерчиња-мигерчиња. Море мрш!“, рече Ирена и стана. Отиде на другата страна од масата и седна со пензионерките каде што набрзо го направи скандалот околу славењето Осми март и си отиде од прославата.
„Што беше ова“, ми рече Тони по испадот на Ирена. „Младиве усул немаат. Немаат никакво чувство за авторитет“, ја повторив реченицата што често ми ја кажуваше менторката. Рацете ми се тресеа. Не само поради вулгарноста на Ирена. Како да кажа нешто за мене што не го знаев, нешто многу интимно за кое не сум била свесна.
„Неверојатно“, рече Тони и си касна од џигерчето. „Ммм, ама е добро“, мласкаше и воздивнуваше низ нос. За миг загриженоста на лицето му се смени во задоволство, а потоа како да се созема, па повторно се врати на темата. „Ова беше непристојно и нема да помине туку-така“. „Да, за ова треба да има реперкусии“, реков и се прашав што сакам да кажам со тоа. „Не треба веќе да соработуваме со неа, во право си“. „Па и јас и ти одамна не сме соработувале на некој проект“.
Штом го изустив тоа, повторно се прашав зошто го кажав. Нешто од тоа што го кажа Ирена ме пецна, а и ракијата малку ме имаше зашеметено. Од што не знаев што да правам, и јас бутнав едно џигерче в уста. Вкусно беше.
Уште малку ја озборувавме Ирена и ги дојадовме џигерчињата. Тони постојано ми сипаше ракија во чашката. Додека се обидувавме сериозно да зборуваме за проектот на кој би можеле да соработуваме во иднина и се присеќававме на првиот проект на кој работевме заедно пред повеќе од десет години, неговото лице ми стануваше сè поубаво и поубаво. Се прашував дали и тој мене така ме гледа. Забележав дека се исправив и дека си ги местам шишките секојпат кога ќе ме погледне.
„Сладок дечко е Тони“, ми зборуваше еднаш менторката. „Има нешто... неандерталско во лицето“, рече тогаш ѓаволесто, „ама пак е симпатичен. Телото му е малку смешно. Си забеле- жала колку му се тенки ноџињата?“
Го гледав „неандерталското“ во лицето на Тони и сфаќав дека неговото испакнато чело над очите ми е всушност привлечно. Веѓите му беа густи и темни и му ги засенуваа очите што вечерта ми личеа како две сјајни сафирчиња. Секојпат кога ќе ме погледнеше, острото синило како шило ме бодеше некаде под душникот.
Се замислив и за „ноџињата“. Тони беше висок, и навистина малку чудно граден, но се гледаше дека како млад бил згоден, пред да му се створи појасот од сало кој му даваше облик на дијамант. Имаше и месната испакнатина каде што му почнуваше задниот дел од вратот, поради која оставаше впечаток на грбавост, а следствено и блага несигурност во себе. Нозете му беа долги, тенки, вретенести – речиси женски – затоа менторката ги нарече така како што ги нарече. Но имаше силни раце и огромни дланки со влакна под зглобовите на прстите. Од четвртиот прст на десната рака му блескаше златната бурма. Се загледав во неа. Од сиот прибор расфрлен на масата, низ народната музика што стануваше сè погласна и погласна, низ џагорот на запиените гости и орото од полнички жени што почна несигурно да се клати околу нас, бурмата заглушувачки и заслепувачки блескаше.
„Извини“, ми се приближи Тони до увото и со устата ми допре прамен од косата, „жена ми пак ме бара по телефон. Ќе морам да ѝ кренам“. „Ало!“, почна да вика во телефонот, држејќи си ја устата покриена со раката од која му блештеше бурмата. „На прослава сум! Што сакаш!“, викаше. „Не знам кога ќе се вратам!“, а потоа го исклучи телефонот и демонстративно го фрли на масата.
Пак ми се приближи. Му го осетив топлиот здив во школката на увото и задниот дел од вратот благо ми се наежи. „Извини“, ми рече, „ама не знам што да правам со жена ми. Многу го дрви“, се оттргна од мене и со израз на самосожалување натегна од ракијата. „А што е, ти се јавува често кога си излезен?“, овојпат јас му се приближив и го душнав местото каде што си беше ставил парфем. „Це-ло вре-ме“, го акцентираше секој слог со ококорени очи, и забите му блескаа. Забележав дека му се вештачки оти неприродно му беа споени со непцата. Пак ми се приближи. „Знаеш, нема што да прави со себе. Опседната е со домот. По цели денови само чисти и се бави со тоа што ќе јадеме јас и ќерка ми. Според неа, јас сум недомаќин. Многу често сум излегувал, сум трошел пари, сум частел наоколу по кафани. Не сум помагал низ куќата и сум ѝ го отежнувал животот. Понекогаш дури ме нарекува и пијаница“, се насмеа и ми наздрави. И двајцата пивнавме од ракијата.
„А многу ли пиеш?“, се осмелив да го прашам. „И колку често излегуваш?“ „Ма какво пиење, какво излегување. Два-трипати неделно со другарите во кафана. Ама секое излегување е вакво. Кога ќе се вратиш. Што пиеше. Колку пари потроши“, ја кривеше устата и го повишуваше гласот кога ја имитираше жена му. Потоа се тргна малку од мене и со раката на која му беше бурмата ги спои палецот со горните четири прста, правејќи гестикулација за некој што многу брбори. „Бла бла бла бла!“, викна гласно. „Цело време ми се јавува и сè ми усерува!“, викна уште погласно. Нежно го фатив за рамото. „Не се нервирај“, му реков. „По- сесивна си е. Не заборавај дека сепак си исклучителен човек“, ми излетаа зборовите од уста.
Навален со едниот лакот на масата, ме погледна со подзамижани очи. Сакаше и чекаше уште.
„Не заборавај дека си врвен интелектуалец. Згора на тоа, ти си одговорен сопруг и прекрасен татко“, реков, иако не бев сигурна дали е тоа така. „Секоја жена би била среќна да е со тебе“, се фатив наеднаш како кажувам и осетив како крв ми надоаѓа во лицето. „Е сега, претеруваш“, ми рече и како сиот да набабри. Малку дури го помрдна столчето за да дојде поблиску до мене. Градите му се надуја. Лицето му се осветли. „Од кај па јас врвен интелектуалец?“ „Ти?“, реков, небаре зачудено. „Па ти си еден од најпочитуваните стручњаци во твојата област во земјава. Ретко кој има такви темелни познавања како твоите“, го повторив тоа што ми го имаше кажувано менторката. „Не бе, сега стварно преувеличуваш“, одмавна тој со раката и посегна во џебот од сакото, вадејќи цигара. „Мислиш дека така ми се чини затоа што мажот ми е цајкан?“ Шегите за тоа дека мажот ми е цајкан можев во секоја прилика да ги искористам, и тогаш луѓето секогаш се смееја и мислеа дека сум забавна.
„Духовита си“, ми рече тој откако се насмеа. „Тоа е реткост кај жените“. Нешто ми се поткрена во душата. Гордост, си помислив. „Ајде дојди со мене на цигара. Овде станува бучно и задушливо, едвај те слушам“. „Па баш би запалила и јас една. Имаш?“, одеднаш многу ми се припуши, иако со години немав запалено. Последен пат кога пушев беше пред да се роди ќерката, на одмор со Бобан, мојот сопруг, во Херцег Нови, кога всушност и го зачнавме детето.
Излеговме надвор и застанавме под една стреа во најоддалечениот дел од дворот на ресторанот, каде што имаше и дрвена клупичка. Од внатре се слушаше пеење и солирање на хармоника. Седнавме на клупата и колковите ни се допреа. Ми подаде цигара и ми ја запали со една од оние запалки што имаат голем пламен и мирисаат на бензинска пумпа. Стручно ја отвори и ја затвори запалката, како што јас умеам да правам со ладало. Малку ми се тресеа прстите додека ми ја палеше цигарата. Се осетив како да сум на романтичен состанок, што ми се немаше случено од младоста.
„И така ти викам“, продолжи тој, оти изгледа му годеше муабетот. И јас сакав да продолжиме да зборуваме за интимни работи. „Не ми е баш лесно, сепак“. „Секој си има проблеми. И тоа е нормално“. Потегнав од цигарата и малку ми се слоши, но го прикрив тоа. Решив дека нема да вдишувам толку силно. Тој молчеше и пушеше, држејќи ја цигарата со палецот и показалецот. „Твојот цајкан, како?“, праша и игриво ми се поднасмеа. „Изиграва цајкан по дома?“ „Не“, реков и, од што се возбудив од прашањето, повторно пресилно потегнав од цигарата и пак ми се смати во главата. „Тој е тој што излегува кај нас. Ама јас не го гњавам и не го прашувам кај е. Знае и да се задржи на работа. А после да се дружи со пријателите. Којзнае кај оди и што прави“. Си ги погледнав чевлите. Тенките стапала ми се видоа прекрасни во нив, и добив сила да продолжам да кажувам работи што можеби и не треба да ги кажувам, што можеби и ги преувеличив.
„Искрено, тоа не ми пречи. Откако пораснаа децата конечно сфатив што значи тоа да имаш мир и спокој. Тој ќе излезе навечер, а јас ќе си пуштам телевизија и си гледам серии. Некогаш гледам со саати и така се одмарам. Ми се допаѓаат тие моменти на самотија. Самотијата е луксуз“, повторив уште една фраза од менторката. „Јас не би те оставал сама, извини вака“, рече Тони и потегна од цигарата. Се слушна горењето на тутунот и потоа неговиот здив кога го испушташе чадот. „Ваква жена како тебе е реткост“. „Ајде сега, не претерувај“, сега мене ми беше ред да се срамам. „Не, искрено ти зборувам“, се сврте кон мене и ме погледна, а погледот му беше замислен, како да ме гледаше од далеку. Во тој миг музиката во ресторанот престана. Се слушна аплауз и џагор. „Изгледа е фајронт“, реков. „Кој ќе се поздравува сега со сите“, воздивнав. „Дај брзо да киднеме. Со кола си?“ „Не, мажот ми ја има колата вечерва“. „Јас ќе те однесам, тогаш“.
Знаев дека е малку пијан, ама инстинктот ми кажа да ќутам и да го оставам да вози. Тргнавме накај паркингот. По пат молчевме и си ги слушавме чекорите, одејќи еден до друг. Ми беше жал што ќе си одиме. Не сакав вечерта да заврши и посакував да се допреме со Тони. Копнеев да ме бакне и да ме обвие со рацете, и воопшто не ми беше срам што тоа го посакував. Кога влеговме во колата, чувството уште повеќе ми се засили, затоа што во тој миг тоа беше нашето интимно место, нашиот привремен дом. Внатре тлееше мирисот на неговиот парфем и аеросол од лаванда. Ја запали колата и моторот почна да преде. Се вклучија светлата од контролната табла и ни ги осветлија лицата како тивок пламен од камин. Се вклучи радиото и се слушна една песна од Владо Јаневски. Покрај мене ќе светнеш ко светулка во мрак... пееше тој, а мене ми идеше да се растопам и никогаш да не излезам од колата. Не сакав ни да тргнеме. Сакав сето тоа да трае засекогаш. Во тој миг телефонот повторно му заѕвони. Жена му.
„Ааа, овојпат не“, рече и го исклучи телефонот. „Ми снемало батерија. Разбираш?“, рече мотајќи го воланот и не гледајќи ме в очи. Ми се виде уште помажествен од претходно.
Тони изгледаше замислено додека возеше. Кришум го подгледнував со крајчето на окото. Неколку пати зеде здив како да ќе кажува нешто, па се откажа. И најпосле рече дека крстот на Водно многу силно светел таа ноќ. „Да, убав е“, искоментирав, не знаејќи дали да признаам дека ми се допаѓа. Имаше некои луѓе во институтот што го мразеа тој крст, и пред нив беше опасно да се признае дека ти се допаѓа. Тогаш Тони додаде:
„Немаше крст кога јас и ти бевме таму на твојата апсолвентска“. „Леле колку се напивме тогаш. Ти беше асистент, јас студентка. Не беше професионално, ама многу убаво си поминавме. Па ние колку бевме среќни што и некој асистент ни се придружил“. „Па не беше некоја голема разлика меѓу нас. Јас имав 29, ти 22. И плус, не ти предавав“. „Знам“, реков, сосема излишно. „Ама точно знаев која си“.
Не знаев што да кажам. Добив мала тахикардија. „Сакаш да одиме на уште по една цигара на видиковецот? Баш е убава ноќта“, ме праша. Кимнав со главата. „Па да ти кажам, ич не ми се оди дома“, го охрабрив. „Само тебе да не те кара жена ти“. „Остај ја неа“, рече и сврте лево кон Водно.
Застанавме на паркингот кај видиковецот. Излегов од колата и внимателно тргнав кон оградата од каде што имаше поубав поглед кон градот. Како што чекорев, бев свесна за мојата вита става, за моите грациозни стапала во чевлите со високи потпетици, за моите долги нозе и напрчен задник. Одев бавно кон оградата, лежерно нишкајќи со колковите. Верував дека Тони, кој бавно чекореше зад мене, ме посматра. Го чувствував како големо диво животно што кришум ме демне, и цело тело ми се накостреши.
Градот беше потонат во смог што низ светлината на полната месечина изгледаше како разредено млеко. Треперењето на светилките од колите и од становите едвај се пробиваше низ маглата.
„Има полна месечина“, забележав, но Тони ништо не одговори. Затоа продолжив да зборувам. „Толку животи, толку приказни течат низ градот, приказни што не ги знаеме“, реков разнежнето. Намерно го направив тоа. Сакав да му покажам дека сум во кревко расположение и дека сум паметна. Но тој само потврди дека е така и си ги стави рацете в џеб. Потоа малку како да се поткрена на прсти и пак се врати на место. „Баш овде бевме тогаш, на твојата апсолвентска. Ех колку години поминаа..“. „Времето тече како река, а ние како камчиња стоиме в место. И времето нè аби без ние тоа да го знаеме“, продолжив јас, овојпат со нешто што го кажуваше баба ми кога беше жива, кога ќе испиеше премногу узо за време на ручекот. Бидејќи тој не знаеше како да се надоврзе, додадов нешто на кое знаев дека ќе се фати: „Остаревме“. „Иста си како и тогаш“, ми рече и се сврте кон мене, потпирајќи се со едниот лакот на оградата. „Отсекогаш беше најубава и остана најубава“.
Не знам од каде ја добив храброста да го погледнам директно в очи. И тој ме гледаше. Со показалецот си ги потапка усните, давајќи ми сигнал да го бакнам. Му се приближив и го направив тоа. Додека го бакнував, во главата ми беснееше бура од мисли. Во најголемиот дел беа поврзани со тоа дека првпат го изневерувам мажот. Но што е најбитно, не ми беше гајле што го правам тоа. Додека усните ми ги допираа усните на Тони, си мислев на врската што ја имав со Марјан пред да се омажам за Бобан. Марјан ми ја одзеде невиноста и со него имав по два-три оргазми додека водевме љубов, чин кој долго траеше. Но врската ни траеше кратко бидејќи ми раскина по неколку месеци, што многу ме повреди. Во Бобан бев вљубена, но водењето љубов со него не ме исполнуваше докрај – буквално. По списанијата се зборуваше дека било до техниката, а не до големината, па дури и другарките истото ми го велеа, ама до ден денес ми е срам да признаам дека сепак, сите изминати години сум копнеела по нешто поголемо, нешто како тоа на Марјан. Ме интересираше дали некогаш ќе можам да ги доживеам сите тие работи за кои зборуваа жените во сериите, во списанијата, а што не ги доживеав докрај со Бобан. Мојот љубовен живот со Бобан беше топол, ама досаден до тој степен што понекогаш избегнував да легнам со него кога ќе ме викнеше в кревет, со тоа што многу долго ги миев садовите. Толку долго, што на крај Бобан ќе заспиеше и немаше да морам да водам љубов со него и да се правам дека ми е убаво, затоа што Бобан сепак беше внимателен и добар со мене и ми беше жал да му покажувам незаинтересираност, па морав да глумам. Бобан инсистираше да купиме машина за миење садови, но му реков дека такво нешто не доаѓа предвид бидејќи не само што многу троши струја, туку и недоволно добро ги мие садовите – што не беше точно.
Здивот на Тони беше топол и тежок, како неговиот парфем. Брзо откако ни се допреа усните ми ја отвори устата со јазикот. На вкус беше горчлив, како цигарите што ги пушеше. Се исправи, ме опфати со рацете за половина и ми го пушти јазикот длабоко во устата. Повеќе од глава повисок од мене, морав вратот да го свиткам наназад. Буричкаше и буричкаше со јазикот низ мојата уста како да бара нешто. Не бев сигурна дека ми е убав неговиот бакнеж, но во него барем имаше страст каква што одамна не бев осетила. Го испружив и јас јазикот и бакнежот почна да ни заличува на борба. Забите ни се чукнуваа еден од друг и сè околу устата ми беше лигаво. Рацете почнаа да му шараат по мојот грб и наскоро ми се најдоа врз полутките на задникот. Со двете раце почна ритмично и цврсто да ми го масира. Ми ја излижа брадата и вратот и потоа ми се најде кај увото. „Сања, Сања“, мрмореше, сега веќе штипејќи ми го задникот. Се припи до мене и осетив нешто тврдо кај папокот. Не бев сигурна дали е токата од ременот или нешто друго. Наеднаш почна да ми ја откопчува кошулата. Ми ја извади едната града и почна да ја лиже и да ја шмука. „Колку си убава“, шепкаше помеѓу бакнежите, што многу ми годеше, оти одамна никој така ми немаше зборувано.
Осетив како полека почна да ме бутка на лево, каде што беше паркирана колата. „Дај да одиме на друго место, тука е светло“, ми рече, ме повлече за рака. Со слободната рака фатив да си ја закопчувам кошулата. „Немој“, ми рече кога влеговме во колата. Уште еднаш ми ја извади едната града и пак почна да ми ја шмука. Потоа ја запали колата и тргнавме. Значи тоа е тоа, си мислев. Вака изгледало неверството. Кола, темница, алкохол. Среќа што сум депилирана, си помислив, инаку немаше да се соблечам.
Тони бавно возеше по главниот пат. Скршна по едно забутано земјено патче, застана, па излезе во рикверц. „Не беше ова“. Сакав да го прашам од каде ги знае овие места, ама се сопрев.
Конечно застана недалеку од главниот пат. Беше како мала чистинка со големо дрво напред и грмушки околу нас. Излезе од колата и седна на задното седиште. Толку брзо го направи тоа што ме збуни. „Што чекаш?“, ме праша. „Доаѓај ваму. Пошироко е“. Беше толку неспонтано, толку рутинско, што се разочарав и желбата физички да го изневерам сопругот со него ми спласна. Но послушно седнав на задното седиште бидејќи веќе дотука бев стигнала и немаше смисла да се враќам назад.
Опушти се, си повторував. Така ми зборуваше Марјан првите пати кога водевме љубов. Уживај, си велев. Не правиш ништо лошо. Сите го прават ова, дури и менторката, си повторував додека Тони ме лижеше по вратот и по градите. Ги отворив очите и почнав да посматрам што ми прави. Моите гради во неговите снажни дланки изгледаа како превртени шолјички за кафе. Гласно воздивнав. Бобан никогаш не ме стискаше така. Кога ќе размислам, беше премногу нежен. Се однесуваше со моето тело како да сум порцеланска биста. Ме легнуваше на кревет и долго ме галеше, бакнувајќи ме толку нежно, што беше како пеперутки да ти лазат по кожата. А Тони набрзина ми ги скина хулахопките и успеа да ми ги соблече гаќите и да ми го насука здолништето до папокот. Не знаев што ми се случува – ме гризеше, штипеше и толку силно ми буткаше прсти внатре што ме болеше. Наеднаш престана и почна да си ги раскопчува панталоните. Ги симна до колена. „Стави го малку во уста“, ми рече.
Беше полумлитав. Со едната рака почна да го тегне, а со другата ми ја држеше главата, да не можам да му ја кренам од скутот. Ги клацкаше колковите лево-десно и ми ја полнеше устата. Уште ми рече „пази на забите“, што беше невозможно со неговото постојано мрдање. Добивав нагони за повраќање и носот почна да ми тече ама не можев да се мрднам од што силно ми ја држеше главата. Се обидував да бидам женствена, да не испуштам звуци како да гровтам, и да не шмркам, но тој тоа не ми го дозволуваше, со неговите диви движења во кои имаше сè повеќе и повеќе очај. Одеднаш осетив како почна малку да зацврснува и тоа ми даде верба, па повеќе се внесов во чинот. И тогаш со левото уво слушнав како цревата гласно и долго му закркорија. На почетокот звучеше како далечен гром, но се истегна во тенок цвилеж. Штом се случи тоа Тони престана толку да мрда, и веднаш повторно омлитави. Кога осети дека омекнал, пак почна да рита и да се тегне и да ми ја бутка главата надолу, така што одново ги осетив истите нагони за повраќање. Се случи истото: гласен, долг, речиси музички цвилеж на цревата, по што следеше пауза и, наеднаш, тежок и влажен смрдеж што ме заплисна точно во лице. Нагонот за повраќање ми се засили и осетив како храната што ја јадевме во „Три фазана“ ми се качува нагоре низ гркланот. Ја затворив устата и со полни образи посегнав кон вратата на колата, преку скутот на Тони, ама не стигнав да ја отворам на време. Го испрскав прозорецот и раката на која ја носев бурмата. Џигерчиња, магданос, ракија, вода, лук: чувствував како сè ми излегува низ носот и устата. „Што направи ма“,ми рече Тони наместо да ми помогне. „Тргни се малку“, подвикна и почна да ме бутка, да се обидува да се измолкне од под мене, но се заплетка бидејќи панталоните му беа слечени до под колена. Успеа да се довлечка на другиот крај на задното седиште и да се тргне од мене најдалеку што може. Клекната на колена врз седиштето, со главата надвор од колата, не можев да престанам да повраќам. Таман ќе помислев дека е готово, ќе се исправев и ќе ја кренев главата, и повторно ќе го осетев мирисот што ме заплисна во лице и вкусот на џигерчињата некаде над желудникот, па ќе добиев нагон и ќе почнев да се грчам и да исфрлам киселини од стомакот. Тони ништо не ми зборуваше. Не ме ни пипкаше, како да му е гад од мене. Не ни помислив дека може и нему да му е лошо дури не почна тивко да офка. Го слушав како се поместува. Се свртев наназад и го видов превиткан, со главата меѓу колена. Наеднаш ја отвори вратата и се обиде да излезе, ама заборави дека панталоните му се спуштени и падна до колата. Се слушна тап удар врз земјата и гласен прдеж. Боже, си реков, од ова полошо нема. Ама имало. Тони стана и се обиде истовремено и да трча, и да си ги крене панталоните. И тогаш ми се причини дека ноџињата му се навистина смешни, како на штркче што се учи да оди. Истрча до големото дрво и се потпре врз него. Почна и тој да повраќа. Ќе се напнеше да поврати, и ќе испуштеше еден грлен звук, како да крева многу тежок товар, а веднаш по тој звук ќе прднеше кратко и обилно. Тоа го повтори неколку пати, но не успеа да поврати. Потоа наеднаш се скри зад грмушката. Пак ги слушнав истите звуци, ама иако беше висок, а грмушката беше ниска, него не можев да го видам. Истрчав натаму и пред грмушката застанав оти ме заплисна остар мирис и го слушнав Тони како едвај ми вели „Бегај!“ Стоев таму и ги слушав звуците на гргорење, течење, офкање. И тогаш нешто силно ми светна на крајчето на окото. Се завртев и ме заслепи светлина од батерија. Еден човек се приближуваше кон мене во темницата и ми светкаше во очи. Откако ми го виде лицето, почна да ми светка надолу по телото. Бев раскопчана, едната града ми беше надвор од прслукот, здолништето ми беше извртено и не носев хулахопки. „Добровечер“, ми рече полицаецот приближувајќи ми се. „Имате некаков проблем?“ Не можев да му го видам лицето. Се молев да не го знам. Тони во тој момент се исправи од зад грмушката, и како понижен витез застана до мене.
„Што барате овде“, рече полицаецот, не како прашање, туку како обвинување.
„Имаме тровање“, рече Тони. „Сте пиеле“, рече полицаецот, овојпат повеќе како прашање. „Не, јадевме џигерчиња“, рече Тони. „Бевме во ресторан“, се вмешав јас. „Легитимации, ве молам“, отсечно рече полицаецот. Се молев да слушнам нешто човечко во неговиот глас. „Сега, сега, во автомобилот се“, рече Тони и потрчка кон колата. Беше понизен и тоа ми се виде гадно. Тргнав по него, вртејќи си го здолништето. Полицаецот отиде по Тони, кој ја отвори вратата од возачкото седиште за да ја извади дозволата од колата. „У пичку материну, што е ова“, викна зад него полицаецот кога згазна во моите повраќаници. „Уф, многу се извинувам. Многу лошо, многу лошо тровање“, рече Тони. „Не јадете во ‘Три фазана’, утре ќе ги пријавам. Вакво нешто не ми се случило досега“, тревожно зборуваше Тони и му ја туткаше дозволата на полицаецот в рака додека тој си светеше во чевелот. „Извинете, сакате марамче?“, му реков и со едната рака му дадов пакетче влажни марамчиња што ги извадив од чантата. „Ве молам и двајцата покажете ми лични карти“, полицаецот продолжи професионално да се однесува, и покрај тоа што згазна во мојата блуеница.
Си мислев да го излажам дека немам никаква легитимација. Само да не ми го види презимето. Беше темно и имав бели дамки пред очи од светлината на батеријата, па не можев убаво да му го видам лицето. Беше млад, а мажот ми не се дружеше толку со помладите. А и полиција е широк поим, се понадевав. Може нема да му текне.
„И Вие, госпоѓо“, ми рече кога виде дека не мрдам. Ја стискав чантата в раце. Некако решив да му ја покажам. Оти ако не му ја покажев, можеше и во станица да ме одведе, каде што беше уште поопасно. „Знаете ли колку е казна за ова што го правите“, пак рече полицаецот како да нè обвинува, гледајќи ја возачката дозвола на Тони.
„За кое?“, рече Тони. „Повраќање на Водно?“ „Сакаш да дуваш или ќе продолжиш да се правиш паметен?“, викна полицаецот и му светна на Тони со батеријата в очи. Немаше многу логика во тоа што го кажа, си реков. Потоа пак ја впери кон картичките што ги држеше в рака. Ја погледна мојата и замолчи. „Спанаќоска“, рече. „Спанаќоска“, повтори. И ми светна со батеријата в лице. Пред да ми ја впери во очи, видов како устата му се искриви надолу во мала насмевка. Жената на шефот се ебе, повраќа и сере на Водно, си замислував како им кажува следниот ден на колегите. Да го видиш и типот каков е што ја ебе жената на шефот. Посран мајмун, буквално! Ха-ха- ха, му се смеат сите на сопругот зад грб. „Повелете“, рече и ни ги врати личните карти. „Не доаѓајте другпат овде. И не јадете во ‘Три фазана’. И мојот баџанак еднаш се отру од ќебапчиња таму“. Се заврте и исчезна во темницата. Некаде подолу слушнавме палење на мотор. Не знам како не сме го чуле кога доаѓал.
Влеговме во колата, секој на своето седиште. „Дај од тие марамчињата“, ми рече Тони и почна да се брише по лицето, вратот, рацете. Се бришев и јас, ама смрдеата продолжи да лебди меѓу нас. Веќе немаше ништо од неговиот парфем и мирисот на лаванда. Ја запали колата и се вклучи контролната табла и радиото, но овојпат се слушна шиштење, и индикаторот дека бензинот е при крај почна да титка. „Е, да нè остави на сред Водно нема, не се секирај“, ми рече Тони и се обиде да се насмее, ама ништо не ми беше смешно.
Пак го гледав додека возеше. Што сум видела во него, си велев. Од профил уште повеќе личи на неандерталец. Дури и косичето му е смешно – со ретките шишки високо исечени, како мајка му да го стрижела по дома. Видов дека прстите му се како колбавчиња, и дека му се неприродно кратки во однос на остатокот од телото. Гледајќи го така седнат, сфатив дека торзото му е прекратко, и дека со долгите раце и со салото околу појасот личи на пајак. Што ли сум видела во него, се прашував. Не е ни некој интелектуалец, си реков. Ете го колку години работи, ниедна пообемна студија не успеа да извади. Сè се вади на некои меѓународни проекти од кои на крај нема никаков резултат. Ме облеа бес кон менторката и кон Ирена, која најмногу ме наведе да мислам дека Тони ми се допаѓа, со тоа што ме наведе да мислам дека јас му се допаѓам нему. Одамна на никој не му се имам допаднато, си мислев. Ми падна жал за себе и погледот ми се замати од што се насолзив. Сега и Бобан кога ќе дознае, нема да ме сака веќе, си велев, жежејќи од грижа на совест однатре. Сакав Тони да исчезне засекогаш. Не се споредува со Бобан, мојот сакан, најсакан сопруг, љубовта на мојот живот, си мислев.
Стасавме пред мојата зграда. Тони се сврте кон мене и погледна во рачната кочница. Почна да ѝ го стиска копчето додека зборуваше: „Ова... знаеш... нека остане вака“. Каква глупост, си помислив. Да не мисли дека сега ќе се фалам во колективот колку добар љубовник е?, си мислев. „И, утре ќе се јавам во ресторанот. Од џигерчињата е“.
Дури кога влегов во светлиот влез на нашата зграда сфатив колку сум изблуена и засмрдена. Влегов дома. За среќа, Бобан спиеше.
Извор: Мојот маж, Или-Или, Скопје, 2015.
Слики: Tamara Muller