Честит Осми март! Нека честиткава боли!

08.03.2016 13:58
Честит Осми март! Нека честиткава боли!

Ах, еве го денот кога сите „добронамерни“, просветлени, високо образовани морализатори ќе ни кажат и покажат дека жените пак пак и пак секоја година не научија како се празнува 8 Март. Дека жените (кои и да се тие) се приглупи, неосвестени, замолчени. Дека ете баш тие жени не знаат дека денес не треба да одат со шефот во кафана, не треба да прифаќаат карминчиња, не треба да си ги облекуваат најновите штикли.

А тоа се оние жени кои сме ги убедиле дека мораат да го посветат целиот свој живот, единствениот кој го имаме, на другите, онака најпонизно и со насмевка. Тоа се оние жени на кои им кажале дека имаат тело за да раѓаат деца, дека имаат тело за да задоволат други, дека имаат тело кое подобро никогаш самите да не си го допрат. Тоа се оние жени чиј животен сон го сведоа на попусти и распродажби. Тоа се оние жени кои вчера вечер чекале да помине 22.00 за на евтина струја да исперат, испеглаат и зготват за утре. Тоа се оние жени кои понекогаш работат и по три смени во текстилните фабрики. Тоа се оние жени кои седативите ги нарекуваат со деминутиви небаре им се деца: лексилиумче, дијазепамче, апауринче, хелексче. Тоа се оние жени кои не пијат ракија од сабајле за циркулација туку навечер за да ја победат несоницата предизвикана од премор и стрес.

Нема 8 Март без силно феминистичко движење, независни и силни синдикати, јасна политичка и идеолошка позиционираност, еманципација, солидарност и емпатија. За тоа се потребни посветеност и оптимизам. Сè друго, простете, е само поза. И во таков манир, кармините и кафаните ми делуваат дека се неминовна издишка и пауза од секојдневието кое ни ја шмука и последната жива клетка.

ЧЕСТИТ 8 МАРТ! Нека честиткава боли.

Извор: Фејсбук профилот на авторката

ОкоБоли главаВицФото