Научници нашле работа во Македонија

08.03.2016 15:20
Научници нашле работа во Македонија

Скопје, 8 март 2016

Истражувањето во кое тим научници се обидуваше да пронајде работа во Македонија траеше нецели шест години, а вчера дефинитивно е крунисано со успех.

Ова е едно од најважните откритија во модерната македонска наука и може да ги постави темелите врз чии основи ќе се вршат нови истражувања.

„Веднаш по завршувањето на дипломските студии одлучив да се посветам на научна работа. Менторите ми понудија да се занимавам со потрага по работа, што според многумина е најголем предизвик кој еден македонски научник може да го има пред себе“, раскажува Миле Мозговски, кој прв почнал да работи на овој експеримент.

Тој се посветил на изучување на теорија и сите стекнати знаења се обидел да ги примени во пракса.

„Попатно запознав уште неколку колеги кои, иако се стручњаци во други облассти, имаа иста цел. Ги здруживме силите, своето знаење, и го насочивме трудот кон целта, па на крај успеавме да најдеме работа. Во име на целиот тим би сакал да им се заблагодарам на сите кои нè поддржуваа за време на работата на ова истражување, а особено на нашите семејства кои цело време веруваа во нас. Намирницте и основните потрепштини за живот со кои нè снабдуваа во текот на работата беа фактор без кој ова откритие немаше да биде можно“, нагласи Миле, и додаде дека тие нашле работа во една обложувалница и ќе работат таму сè додека не им истече шестмесечниот договор.

Младите научници не се задржуваат на ова откритие, па веќе најавија нов експеримент. Тие ќе се обидат да откријат дали е можно да се живее во Македонија од сопствениот труд, а нивните родители, како што дознаваме, во своите банки веќе аплицирале за кредит со кој ќе го финансираат ова истражување.

Извор: www.njuz.net