Во маглата

08.03.2016 16:40

Во маглата низ која се судруваат чашите со вода, во која змиите бараат да бидат подоени со млеко, еден споменик од волна и свила исчезнува. Во него влегоа, минатата ноќ, сите жени носејќи ја со себе својата слабост. Светот не беше создаден за нивните постојани прошетки, за нивното копнежливо однесување, за нивното барање на љубовта. Голема земјо од бронза, направена според облиците од крајот на минатиот век, по твоите патишта што се искачуваат со блага угорница избега вознемиреноста.

Треба да се одречеме од гестовите поблаги од мириси, од очи посветли од моќ, ќе има крикови, солзи, колнења и чкрипења со заби.

Луѓето што ќе легнат во своите постели ќе бидат отсега само родители на заборавот. Крај нивните нозе безнадежноста ќе ја има убавата става на победи без утрешнина, и под убавото сино небо ќе ги носи ореолите со кои некогаш сме биле ние украсени.

Еден ден тие ќе се изморат од тоа, еден ден ќе се разгневат, тие стрелки од оган, тие маски од смола и од синап, и жената ќе се крене, со своите опасни раце, со своите очи што носат пропаст, со своето опустошено тело, со своето тело што ќе блеска и дење и ноќе.

И сонцето ќе процути одново, како мимоза.

Превод: Влада Урошевиќ

Пол Елијар (1895-1952) бил учесник во Првата светска војна, сведок на ужасното крвопролевање во кое западнало човештвото. На 29-годишна возраст, во 1924 година, уморен од западната цивилизација, неочекувано заминал на патување по егзотичните земји. По Шпанската граѓанска војна, им се приклучил на комунистите, а за време на Втората светска војна бил член на француското движење на отпорот против нацистите. Во тоа време неговата поетска книга „Поезија и вистина“ е фрлана од авионите на Сојузниците во илјадници примероци врз окупираната Франција. Првата збирка поезија ја објавил во 1917 година, кога имал 22 години.
Елијар е еден од основачите на надреализмот. Во 1926 година ја објавил „Престолнина на болката“ - ремек-дело на надреализмот, по што следувала и „Опачините на еден живот или човечка пирамида“.
Поезијата на Елијар е, во најголем дел, пофалба на љубовта. За него љубовта е неразделно поврзана со поривот насочен кон сеопфатно ослободување на човекот од сите видови стеги што неговиот дух го врзуваат за социјалната положба и за материјалното постоење.

Слични содржини

Книжевност
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото