Светлина (2)

09.03.2016 03:07
Светлина (2)

На 01.01.2013 на порталот Глобус објавив еден текст кој тогаш го презеде и Окно. Текстот беше со наслов СВЕТЛИНА.

 
Еве што ми изложи во еден разговор проф. Биљана Перчинкова за природата на светлината: „...За физичарите светлината има двојна природа: партикуларна и бранова. Дури некои, сакајќи да нагласат дека природата на субатомските честички зависи од начинот на којшто ги набљудуваме, честичките ги нарекуваат 'observables' (нешто што набљудуваме) наместо 'particles'. Други ги нарекуваат 'бранички' составувајќи нов збор од 'честичка' и 'бран'. Всушност, во зависност од тоа во каков контекст ќе ја поставиме светлината - добиваме еднаш интерференција и поведение на бран (кога таа минува низ два минијатурни процепи) или сноп од честички (кога минува низ поширок процеп). Ова само покажува дека ние работиме со контекстуалните својства на материјалните објекти, а не со она што е суштинско, односно информационите својства. Со други зборови, ние работиме со контекстот што самите сме го поставиле, наместо со она заради што нештата постојат: нивното информационо својство.

Древните Веди велат: Материјата постои за да се спознае самата себе. Ако е така, информационото својство на материјата - она за што таа постои - е да се спознае самата себе. Следствено, ние ќе работиме со информационото својство на материјата (или светлината) само ако ја вклучиме нејзината спознајна компонента: со други зборови - свеста.“

Да обрнеме внимание на две работи: „контекстуалните својства“ и „информационите својства“.

Ако и светот и планетата Земја ги восприемаме така (како едно големо уметничко дело), во таа перцепција сме и ние самите.

Ние самите како Индивидуална Свест се посматраме себеси како Проширена Универзална Свест или Трансцендентна Свест или Материјална Свест... Објектот на перцепција е свеста - светлината, субјектот кој перципира, исто така, е свеста –светлината. Пак се надминува ригидната граница меѓу субјектот и објектот! Не во смисла на десубјективизација, туку во насока на доближување до нештата такви какви што се, нивните информациони својства. Ние се нурнуваме во структурите за да спознаеме, а не само од дистанца да го набљудуваме контекстот, релациите во одредена ситуација, макар и тие треба да се земат предвид за да ја составиме големата слика во мозаикот!

Со други зборови, Реалноста повеќе не се перципира низ централната перспектива (веќе одамна), туку симултано низ повеќе агли на перцепција. Нема ништо лошо ни во централната перспектива, но таа повеќе не е единствена перспектива во опсервирање на нештата!

Било како и од каде било да се тргне, на крај се стигнува до истиот клучен поим – СВЕСТ!

Сега некој внатрешен глас ми кажува дека откритието на гравитациските бранови е епохален настан и „голем доказ“ за таа СВЕСТ кое ги побива сите страшни сомнежи на агностиците. Не е напразна мојата возбуда, бидејќи, како што ни изложуваат научниците, тие бранови, за разлика од светлината, ја содржеле ИНФОРМАЦИЈАТА за својот ИЗВОР, можеби назад сè до Биг бенг!

„Ваууу“, се фаќам за глава, тоа се тие камчиња кои ми недостасуваа!

Јас не ги разбирам нивните сложени теории, но кога ќе видам научник како зрачи со светлина, таа светлина преминува на мене, верувам во неговото „чудо“ и сите негови формули така како да ми стануваат „јасни“.

Човекот како битие има потенцијал да ја спознае „објективната стварност“ која е исто со „субјективната стварност“, кога станува збор за СВЕСТ-СВЕТЛИНА, значи да се спознае себеси, односно да се просветли. Голем процент од неговиот потенцијал е во мрак (99%, во потсвест и несвесното), а, да речеме, само еден процент е во светлина-свест. Според древните Веди, човекот на овој степен од својот еволутивен развој едвај има една година во духовна смисла! Неговата свест има (едвај) само една година! Постои една ЦРТА преку која тој не може да премине, не гледа, нема развиено вид и слух, свест за нештата отаде.

И, ете, затоа човекот наместо да освојува знаења за внатрешни простори, светови и галаксии, сè уште сака многу да освојува територии, дали со орли или крстови, дали да експлоатира рудни богатства - злато и дијаманти само за луксуз и лажен сјај, така уништувајќи цели планини, острови и екосистеми, да голта други народи и цели култури, видови, да консумира многу сешто, уште малку ќе почне да ги експлоатира метеорите, потоа и планетите. Тој сè уште е во голема забуна и заблуда за суштински нешта, за клучни поими, како на пример што е големо, а што мало. Ништожните нешта го привлекуваат како грандиозни, малите а големи не ги забележува. Па сега разберете од каде цела оваа голема омраза, војните итн.

In the ignorance of my mind, I ask of these steps of the Gods that are set within. The all-knowing Gods have taken the Infant of a year and they woven about him seven threads to make this weft. Rig Veda ( I. 164.5.)

Infant of a year, дете од една година е сè уште човекот, но, they woven about him seven threads, исткаени се седум нишки-снопови од светлина околу него, така тој кога живеее со срце и од срце, му се отвора внатрешниот божествен простор, простор без крај и без ограничувања.

Тогаш немаме потреба повеќе да поседуваме „надворешни простори“, го имаме бескрајот во себе.

There is a self that is of essence of Matter – there is another inner self of Life that fills the other- there is another inner self of Mind – there is another inner self of Truth-Knowledge, -there is another inner self of Bliss.

Постои себство кое е есенција на Материјата- постои и друго внатрешно себство на Животот кое го исполнува другото – и уште едно внатрешно себство на Умот - и уште едно на Вистина-Знаење, - постои уште повнатрешно себство – Светлината.
Taittiriya Upanishad ( II.1-5.)

Мракот како претстава за потенцијалот кој сè уште не е развиен, не мора да биде негативно обоен и зло во морална и етичка смисла, нешто спротивно на светлината.

Но, од глупост, незнаење, завист, љубомора, наивност, човекот често прави зло, лоши дела – штетни за сите.

Мистиците разликуваат две небожествени сили: un-divine и anti-divine forces. Првите се такви бидејќи се недоразвиени, необразовани, не го искреирале својот еволутивен потенцијал, останале сирови, неуки (секако, ова се однесува само на човечкиот вид!), во втората група биле не-до-учените, непросветлените, бидејќи во процес на образование срцето не го развивале подеднакво со умот или интелектот и „СЕ СО УМ БЕЗ СРЦЕ“, затоа тие се anti-divine forces, бидејќи свесно се одлучиле да бидат такви. На крајот како и на почеток, и двeте сили се Незнаење (Ignorance), сепак разликата во третирање на едните и другите не е воопшто мала и суптилна!

Првите се третираат така што им се овозможуваат услови да се развиваат хармонично, да се образоваат, да го искористат својот потенцијал, на крај да ја развијат самосвеста, и евентуално да се оформат во силни индивидуи, со интегритет.

Вторите, anti-divine forces, се третираат со Светлина. Бидејќи супстанцата на Светлината е тоа што тие го немаат, оние „информационите својства“.

На крајот на нашиот тунел е Светлина. Таа светлина веќе се наѕира, како по малку да ни блеска во одразот на ДОБРИТЕ ЛУЃЕ. Што треба да направиме ние како општество во следната етапа од нашиот развој? Прво, треба да го расчистиме, деконтаминираме просторот, еден по еден да ги тргнеме елементите кои е натрупале во тунелот кои сега нè блокираат на нашиот пат кон Светлината.

За таа цел, да развиваме отворени умови кон светот и кон универзумот и чисти и убави души, а сите елемети, дали un-divine или anti-divine, кои стојат на тој пат, постепено да ги елиминираме. Да се отвориме за ПРОСТОР БЕЗ КРАЈ, ослободени од гето-окови и сега веќе тажно-смешни приказни околу „верата“ или „етносот“ или што друго. Бидејќи кога живееме ОД СРЦЕ ги опфаќаме сите вери и етноси, во тој, како што реков, простор без крај. Јас, повеќе не се занимавам со тие теми, мислам дека тие се веќе апсолвирани и надминати од најголем број луѓе во Македонија.

Образованието и Културата треба да станат духовни столбови на нашата иднина, бидејќи тие две области имаат иста благородна функција и задача: да оформат млади луѓе со отворен ум и широко срце и да создадат почва на која ќе се развие среќен народ, а не мизерен и зомби.

Секако, економијата, материјалната база е исто така битна. Значи, процесот е многуплански и сложен. Но, кога алчните кои сега го поседуваат целиот простор и сè друго во него, ќе се тргнат, на другите, поскромните, не им треба многу за пристоен живот и да бидат среќни... Барем јас така мислам.

 

Цртежи: Татјана Миљовска, од ликовен дневник, есен 2014