Единствената вистинска црква: мрачниот век на сциентизмот

09.03.2016 03:46
Единствената вистинска црква: мрачниот век на сциентизмот

„Има три видови Атеисти.

1. Ништожен глупак. Тој открил една од малите тајни, ја прегрнал и ги презира сите оние кои гледаат повеќе од него, или кои ги набљудуваат работите од различно гледиште. Затоа тој обично е вообразен фанатик, нетолерантен и кон самата толеранција.1

2. Очаен бедник, кој барајќи го Господ насекаде и не наоѓајќи го, мисли дека сите се слепци како него и дека ако тој не успеал - баш тој, трагачот по вистината! - тоа е затоа што не постои цел. Во неговиот плач има болка, додека кај ништожниот глупак има самозадоволство и надуена горделивост. Обајцата имаат заболено Его.2

3. Филозофски адепт, кој спознавајќи го Бога вели „Не постои Бог“, мислејќи „Бог е Нула“, каков штo и Е кабалистички. Тој се држи до атеизмот како до филозофска теорија која е исто толку добра колку и другите и малку е веројатно дека ќе го заведе човештвото, или дека ќе направи некоја друга практична штета како штo може да се направи со другите теории.3

Постои и четврт вид на атеист кој всушност и не е атеист. Тој е само патник во Земјата на Не-Бог и знае дека тоа е само фаза во неговиот пат - фаза која не е премногу оддалечена од целта. Овој човек, кој не е постојан атеист, туку моментален (на поминување), е многу погоден субјект за иницијација. Тој раскрстил со илузиите на догмата.“

Aleister Crowley, “An Essay upon Number” Equinox Vol. I No. 5 (Temple of Solomon the King)

 

Конечно, на почетокот од 21-виот век, сведоци сме на појавата на нов, петти вид атеисти, или поправо, сосема нова комбинација од претходно споменатите три вида. Тие се нарекуваат себеси „нови атеисти“ и претставуваат едно движење во подем, кое политички се спротивставува на организираната религија, но исто така и културно ги стигматизира сите облици на духовен интерес како неразумни и застарени. Повеќето ги категоризираат едноставно како анти-теисти. Јас понатаму ќе ги категоризирам позајмувајќи термин од „Новата Инквизиција“ на Роберт Антон Вилсон: „фундаменталистички материјалисти.“

Социо-политички, новите атеисти може да се разгледуваат како долгоочекуван, би додал многу потребен и одамна задоцнет одговор на заканата од второ поврзување меѓу Црквата и Државата, особено во САД, со обновувањето на Креационизмот и другите религиозни школи за „интелигентен дизајн“. Имајќи го предвид подемот на „политичката коректност“, (само) цензурирањето и „новоговорот“, отворено да се зборува за нешто, што и да било, е секако подобро отколку да се биде лицемер. Освен тоа, грабнувањето на Исламот како идеолошка основа за терористички и самоубиствени бомбашки напади дополнително ги поткрепува аргументите на новите атеисти. Како такви, тие се преклопуваат со оние на движењето за секуларен хуманизам, особено делот со отфрлање на религиозната догма како основа за моралот и процесот на донесување одлуки. Како и да е, треба да се забележи дека секуларизмот треба да се одвои од каков и да е атеизам од повеќе причини. Прво и основно, овие два „изми“ едноставно не се синоними. Првиот пред сè се занимава со политика, додека вториот со (анти)метафизика. Во својата суштина, секуларизмот е длабоко сомничав за какво и да е испреплетување меѓу власта и религијата. Вистинскиот секуларизам е поборник на религиозна слобода подеднакво како и за слобода од религија.

Социо-културно, новите атеисти пристапуваат кон разбирањето на реалноста од чисто рационална, научна гледна точка, тврдејќи дека „Хипотезата за Бог“ е валидна научна хипотеза, која има ефекти во физичкиот универзум, и како секоја друга хипотеза може да биде тестирана и фалсификувана. Новите атеисти веруваат дека науката е во состојба да истражи некои, ако не и сите, натприродни тврдења, па оттука ги отфрлаат сите други аргументи како псевдо-научни и суеверни. Понатаму, тие се впуштаат во серија логични побивања за постоењето на Бог во своите кампањи да го намалат влијанието на организираната религија и духовноста во јавната сфера, обидувајќи се да промовираат еден вид културна промена. Ова исто така доаѓа како предвидлива реакција на еклектичното њу ејџ движење, најновиот облик на Западна езотерија кој доживеа процут за време на хипи ерата.

Но, наместо како чисто интелектуално движење, овој активизам честопати изгледа како само уште еден облик на преобратување, укажувајќи на парадоксалната „евангелистичка природа“ на новиот атеизам. Тие претпоставуваат дека имаат некаква Добра Вест за споделување, по секоја цена, за конечната иднина на човештвото, преку преобратување на што е можно повеќе луѓе. Дел од тоа да се биде ваков вид атеист значи да се проповеда на неверничката толпа и да се бара начин како да се спасат од нивните лажни богови така што ќе ги преобратат кон Вистината. Точно, имајќи ги предвид алтернативите, либералните општества заслужуваат да бидат бранети. Но, не постои причина да се мисли дека овие општества се алфа и омега на некаква целокупна секуларна цивилизација за која сонуваат евангелистичките атеисти. Борбата за секуларизам најмногу од сè бара повеќе либерализам, а не повеќе атеизам или каков и да е друг „изам“. Новите атеисти всушност може да се разгледуваат како огледални слики на нивните пандани, религиозните фундаменталисти, нетолерантни и дискриминаторни до точка на фанатизам. Оттаму нивните вообичаени прекршувања на општествени норми за пристојно однесување додека одат наоколу силеџиски малтретирајќи ги луѓето дека се во заблуда, нивниот интерес за барање и создавање конфликти кои ќе придонесат за медиумски публицитет, на тој начин надминувајќи ја својата релативно мала бројност со поголемо јавно внимание и поттикнувајќи го впечатокот дека тие се легитимните претставници на неверниците воопшто. Не е чудно што некои ги нарекуваат и „милитантни атеисти“.

Лично мислење на авторот е дека објективната наука е едноставно некомпатибилна со догма. Како и да, со заземање догматски пристап кон старата дебата, новиот атеизам дегенерира во некаков вид слепа верба, или можеби дури и верски фанатизам во материјалистичкиот рационализам, отфрлајќи ја метафизиката како остварлива алатка за разбирање на природата на битието, отфрлајќи секаков критицизам и прогласувајќи некаков вид монопол за вистината. Новиот атеизам е преполн со нетолеранција и новите атеисти се едноставно премногу емотивно инволвирани за да бидат објективни, не разбирајќи ја когнитивната дисонанца меѓу нивните реални дејства во светот и нивните мисли, идеи и верувања за атеизмот.

Дополнително, логичкиот позитивизам, кој го имал ставот дека само оние изјави кои може логично или емпириски да се потврдат се когнитивно значајни е веќе философски банкротиран. Исто така, тука е епистемолошкиот проблем на сциентизмот – идејата дека нашиот единствен пат кон правилно спознавање на нешто е (природниот) научен метод, став кој класичниот атеизам грчевито се обидувал да го избегне имајќи ја предвид неговата философски несигурна основа. Обидувајќи се да ја третираат религијата во целост како научна хипотеза која научните методи би можеле да ја побијат е дискутабилна. Науката всушност не може да ги отфрли натприродните тврдења на религијата бидејќи овие тврдења се надвор од нејзиниот опсег. Науката епистемолошки е ограничена на натурализмот, така што сè што може да направи е да каже што би можело, а што не би можело да се случи во склад со нејзиното тековно разбирање за физичките закони. Магичарот би рекол дека ова е едноставно „мешање на плановите“. Науката и религијата поставуваат различни прашања за различни работи. Онаму каде религијата се обраќа на онтологијата, науката се бави со онтички опис. Впрочем, токму строгото откажување од метафизичките претензии е она што им овозможува на науките да ја вршат својата работа. Од друга страна, религијата, или духовноста воопшто, во голема мера зависи, или би требало да зависи – од волевото потиснување на неверувањето.

Враќајќи се назад кон идеолошката рамка на новиот атеизам, идентификувавме една метафизичка компонента: „нема натприродна или божествена реалност од каков и да е вид„; една епистемолошка компонента: „религиозното верување е ирационално“; и конечно доаѓаме до моралната компонента: „постои еден универзален и објективен секуларен морален стандард“. Во овој миг, сакам да го повикам на помош ужасниот бауч на релативизмот. Зарем присуството на повеќе морали значи дека не може да има вистина во етиката? Ако ги оставиме на страна сите гледишта за човештвото кои се позајмени од монотеизмот, ќе се соочиме со луѓето онакви какви што се, со нивните постојано променливи вредности. Ова не е прославениот релативизам на пост-модернистите, кој смета дека човечките вредности се само културен производ. Универзални вредности не прават универзален морал. Таквите вредности честопати се спротивставени, и различни општества ги разрешуваат овие конфликти на различни начини. Религијата е еден од нив и како таква е дефинитивно човечка. Иако не сите човечки суштества ѝ придаваат големо значење, секое општество содржи пракси кои се препознатливо религиозни. Новите атеисти без исклучок тврдат дека се следбеници на Дарвин, а сепак тие никогаш не се прашуваат каква еволутивна функција има овој феномен? Постои една непомирлива контрадикција помеѓу натуралистичкото гледиште за религијата – адаптација на живеењето во светот – и нејзиното осудување како грешка и илузија. Што ако конечниот резултат на научното истражување покаже дека потребата за илузија е вградена во човечкиот ум? Ако религиите се природни за луѓето и им даваат вредност на нивните животи, зошто да се потроши животот во убедување на останатите да се откажат од нив? Отфрлањето на религијата не е сигурен пат кон доблест; поверојатно е да доведе до само-задоволна идеолошка ароганција.

Новите атеисти се научници кои реално не разбираат речиси ништо за философијата, а сепак се впуштаат во философски расправи како да се експерти. Во ова светло, презирот на новите атеисти за дисциплината философија на религијата личи на хибрис или дури анти-интелектуализам. Една заедница која инаку гласно повикува кон критичко мислење би требало да ужива во критиката за тоа како да стане подобра, или во најмала рака би прифатила ваква критика. Наместо тоа, новите атеисти, се чини, мислат дека да се биде разумен значи да се согласуваш со нив во сите нешта, мали и големи, во спротивно, не си разумен. Севкупната перцепција за новите атеисти е дека тие му се приклучиле на движењето со цел да ги задоволат сопствените чувства на супериорност над оние кои ги омаловажуваат како глупави. Тие не оддаваат впечаток дека се заинтересирани за оној вид тековна интроспекција и постојан сомнеж кои се бесценети за личниот развој. Наместо тоа, тие се тука само за да ги каменуваат „ретардираните“, честопати без никакво разбирање за сложената историја, култура, психологија, литература, уметност, антропологија, социологија, ниту пак современите гео-политички и социо-економски сили. Новите атеисти не би требало да сметаат цела една верска заедница одговорна за постапките на владите и фундаменталистичките државни религии, а сепак тие некако успеваат својот презир кон религијата да го претворат во презир кон религиозните, и тоа во време кога реакционерниот фанатизам ги зафаќа и Америка и Европа. Проблемот со нивниот одговор не е дека тој е фактички неточен, туку поправо длабокиот недостаток на емпатија за субјективната важност на верата. Ова автоматски не ја исклучува можноста за религиозна критика, туку го прави остриот критицизам непродуктивен за двете страни на расправата.

Говорејќи логично, отсуството на вера е токму тоа; тоа не имплицира активна промоција на неверување, ниту пак инволвира оспорување на духовните верувања на другите. Зошто да се троши време и енергија во дебата за нешто кое наводно не постои? Ако новите атеисти искрено веруваат дека главниот проблем на нивните противници е неприфаќањето на фактичката вистина и доказите, тогаш зошто поголем дел од нив се ограничуваат само на конфронтација со организираната религија и духовноста воопшто? Луѓето имаат мноштво разновидни ирационални верувања за реалноста и светот – вклучувајќи и идеи кои се поштетни за човештвото од религиозните. Најпосле, културата не е ништо друго освен еден збир на арбитрарни илузии кон кои сите се приклонуваме во одреден степен и облик. На пример, што е со заблудата дека социјализмот е на некој начин одржлив, митот за демократијата, екстремните леви или десни политики, глобалното перење мозок за прифаќање на потрошувачката утопија? Поентата е дека догмата и идеолошката индоктринација не се ограничени само на религијата. На луѓето не им треба религија за да бидат неразумни; се чини дека успеваме да бидеме сосем неразумни и без неа. Чудно е како општеството успева да толерира луѓе кои имаат ирационални гледишта за политика, економија и културни традиции. А сепак, се чини дека новите атеисти не се толку загрижени за овие идеи и честопати дури и ги почитуваат.

Навраќајќи се на почетокот, во својата „Нова Инквизиција“ Роберт Антон Вилсон вели дека „...фундаменталистичкиот материјалист – дали поради непознавање на философијата или поради просто расфрлање со храброст – прогласува дека материјализмот е Единствената Вистинска Философија и дека сите кои имаат сомнежи или колебања во врска со неа се луди, изопачени или намерни измамници. Оваа Единствена Вистинска Философија е модерниот облик на Единствената Вистинска Црква од средниот век... Фундаменталистичкиот материјалист е модерниот идолопоклоник, тој направил слика за светот и сега клечи пред неа во обожување. Фундаменталистичката наука е слична на кој било друг фундаментализам, со недостаток на хумор, сомилост и одреден степен на сомнеж, таа се однесува нетолерантно, фанатично и дивјачки спрема сите еретици... Новите Фундаменталисти се цврсто вкоренети во структурите на моќ насекаде во модерниот свет и делуваат како Нова Инквизиција против сите кои ќе го отфрлат нивниот Идол.“

Признавам, тој користи премногу драматична реторика и иако не ја делам со него страста за завери, последните акти на цензура и всушност клевета против Руперт Шелдрејк4 сериозно ме разочараа и загрижија. Можеби не сум толку загрижен како што би бил кога би бил современик на Вилхелм Рајх, но дали нашите полици со религиозни, духовни или „окултни“ книги ќе бидат запалени во Мрачниот Век на сциентизмот? Дали некому ќе му биде дозволено да проговори против материјалистичката догма?

Мрачниот век е симбол за прогласување на лажна светлина во кое било доба. Ако науката е подготвеност за откривање на вистината, тогаш да се љуби вистината не значи истата да се поседува, дефинира или контролира, туку да се биде слободен во идентификувањето на заблудите и нивното отфрлање. Сепак, ако науката во вистинска смисла престане да биде движење за жива љубопитност и дегенерира во сциентизам, таа кај и да е ќе се заплетка во сопственото инфлатирано его, или чувството за себе како моќ сама по себе. Така ќе ги замениме „работните модели“ со Реалноста. Како и да е, дури и ако доволен број луѓе ја споделуваат истата психолошка пристрастност, дури и ако тие имаат 99% консензус, тие нема да бидат ништо повеќе валидни во откривањето на вистината од „самотникот“ кој ќе се осмели да истапи напред и да не биде замолчан од страна на „консензуалната реалност“. Кога би било поинаку, Сонцето сè уште би се вртело околу Земјата.

Еден поскромен, поинклузивен и далеку попартиципативен пристап кон самата свесност, и човечката свест како конструкт во неа, останува достапен за љубопитноста да се предизвикаат „вистините“ кои поседуваат особини на страв, вина или менталитет на контрола. Роберт Антон Вилсон зборуваше за лавиринти на реалноста, каде „постоењето се смета како тест на интелигенцијата со повеќе избори; вкупниот збир од тунелите на реалноста кои се достапни за еден човек со отворен и не-фундаменталистички ум во даден момент и место.“

„...сè уште постојат луѓе кои веруваат дека здраворазумската наука има во најмала рака пријателски став за Атеизмот и Материјализмот во нивните груби и помилитантни облици.“

Aleister Crowley, “Science and Buddhism” Collected Works Vol. II

____________________________________________

[1] Mr Daw, K.C.: M’lud, I respectfully submit that there is no such creature as a peacock.

[2] Oedipus at Colonus: Alas! there is no sun! I, even I, have looked and found it not.

[3] Dixit Stultus in corde suo: “Ain Elohim.”

[4] TEDx Whitechappel, January the 13th 2013 e.v.

 

Слики: Дина Голдстајн

ОкоБоли главаВицФото