Гласач воскресе - ваистина воскресе!

10.03.2016 01:04
Гласач воскресе - ваистина воскресе!

Најновата точка на Циркусот „Македонија“ се вика „гласање на духови“. Откако пред една недела Државната изборна комисија излезе со веб-апликација за проверка на избирачкиот список со што секој граѓанин доби можност директно да се провери на истиот тој список, во малечката земја со библиско име, настана вистински урнебес. Што кај моите секогаш духовити граѓани, чија духовитост ескалира правопропорционално со откривањето на владините будалаштини, предизвика серија неодоливи коментари, главно објавени на ФБ и твитер. На пример, традиционалното прашање – како сте по дома, веќе е заменето со – колку гласачи ви се точкаат низ дома. Една од најкомичните пораки на твитер гласеше: „Уште Каспер и дружината ги нема во избирачкиот список“, проследена со прашањето: Па шо дека умрени гласаат? Дур беа живи добри ви беа, а?“. Ако на целата оваа работа ѝ се погледне в очи малку посериозно, состојбата е поразителна. Ужасна. Која отвора неколку фрустрирачки дилеми.

Прво, сосема јасно е дека не се работи за нашата типично балканска административна небрежност и неажурност, туку за минуциозно и до најситни детали испланиран процес на лажирање изборни резултати. Не станува збор за никакво случајно поклопување на податоци предизвикани од некакви печатни или технички грешки, туку за МАСОВНО ФАЛСИФИКУВАЊЕ на лични податоци на живи и починати лица. Зборувам за кривичното дело – изработување лажни документи, односно фалсификување, бидејќи некој требало не само да измислува имиња, презимиња и непостоечки матични броеви, туку и претходно да провери и на кои адреси ќе ги постави. За тоа е потребна цела бригада оперативци што ги знаат сите куќи во сите маала, сите бараки во сите населби и сите солитери во сите квартови, како и сите лица кои живеат во нив. Освен познатите „месни комитети“ на една партија, не ми текнува кој друг би можел теренски да ја спроведе оваа акција, која претставува заговор против сопствената држава. Зборот „заговор“ не ми излета случајно, бидејќи во целата акција учествувале и службени лица, кои теренските податоци подоцна требало да ги обработат и внесат во една централна база. А освен Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, јас не познавам друг орган кој би можел да го спроведе истото. Колку што лаички се разбирам во кривичната материја, ваквата колаборација се нарекува ЗЛОСТОРНИЧКО ЗДРУЖУВАЊЕ.

 

Второ, секој човек со способност за логично расудување не мoже да не се посомнева дека процесот на масовно уфрлање непостоечки гласачи на постојни (некаде богами и непостојни) адреси, е инспириран, осмислен, организиран и координиран од еден центар. Кој претходно требало да осмисли стратегија, начини, форми, методи, како и соодветна динамика на спроведувањето на акцијата. Од „бомбите“ на Заев веќе дознавме некои периферни подробности за спроведувањето на оваа активност, што не е доволно да се откријат нејзините вистински размери. Тоа допрва треба да го стори СЈО и Катица Јанева. Без оглед на сите опструкции, притисоци и саботажи на кои е изложена.

Трето, а според мене најважно, но и најтажно. Изборите, барем оние од 2011 година па наваму, биле нерегуларни. А со тоа и власта е нелегитимна. Нелегитимни се нејзините претставници во Парламентот, нелегитимни се сите нивни гласања, нелегитимен е претседателот на државата, нелегитимни се и сите одлуки на Владата, а посебно оние за именувања „одговорни“ лица во судството, во органите и телата, во инпекциите, секаде, секаде... Да потсетам – нелегитимно е она што е нерегуларно, а нерегуларно е она што е нелегално. Дури страв ме фаќа од заклучокот дека последниве пет години ние живееме во земја врз која е извршен државен удар, бидејќи димензиите на злосторот со избирачките списоци, се токму тоа.

Ова мора веднаш да прекине. Петти јуни е добар датум за тоа.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото