Дојденец

10.03.2016 16:27
Дојденец

Може само да си префрлувам на мојата несмасност поради незапаметувањето на името на тој виден господин кој беше дел од друштвото во кое се движев. Се надевав дека некој случај ќе ме потсети на него, присилувајќи се да најдам некаков начин на извлекување секогаш кога се јавуваше неопходноста да го изговорам. Некоја едноставна и нејасна алузија, некој гест, некој шепот честопати беа достатни за веднаш да се знае за кого станува збор, толку таа личност беше на истакнато место во нашите редови. Но ‒ како плод на заговор или на обложување? ‒ набргу забележав дека другите како да учествуваат во некаква игра која се состоеше во тоа никогаш да не се изговори неговото име во мое присуство. И уште повеќе, непознатиот (морам да се одлучам така да го наречам) стана моја најдраг пријател, природно, не стануваше збор да го запрашам за неговото име, да признам дека не сум го ни знаел, зашто со тоа тешко би го навредил. Еден ден тој исчезна. Чекав извесно време, а потоа почнав да ги испрашувам сите негови познати, кои беа истовремено и мои пријатели. И каква беше општата збунетост и какво моето изненадување, кога заклучив дека името на овој пријател толку скап за сите како и за мене, никој никогаш не го знаел!

 

Марсел Беали (Marcel Béalu, 1908-1993) Поет, раскажувач, романсиер. Поетски збирки: „Напишано во градот“, „Љубовта ми ја крие онаа што ја сакам“, „Од каде доаѓа погледот“. На кратките поетско-прозни форми им посветува особено внимание во книгите: „Сеќавања на сенката“, „Дневник на еден мртовец“, „Тајни гласници“, „ Приказни од полусон“. Романи: „Ноќно искуство“, „Одгледувалиште на јастреби“, „Прашецот на сонот“. Автор е на една обемна антологија на француската еротска поезија.


Превод: Влада Урошевиќ
Фотографија: Hengki Lee

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото