Аеродром и Лисиче ќе се задушат со уште 40 згради

11.03.2016 02:33
Аеродром и Лисиче ќе се задушат со уште 40 згради

Додека се исцртува новиот лик на Аеродром и на Лисиче, граѓаните и поборниците за здрава животна средина панично реагираат дека се прават непроценливи штети за градот, кој сè повеќе се задушува со згради, без да се размислува за инфраструктурните, транспортните и еколошките проблеми што ги носи ваквата урбанизација.

Според измените на деталните урбанистички планови, во Аеродром се предвидуваат 11 висококатници со по 9 ката, а на потегот од Ново Лисиче до Долно Лисиче 31 зграда со по 5 ката. Претседателката на зелената партија ДОМ, Лиле Поповска, вели дека е шокантна информацијата оти во најзагадените населби дополнително ќе им се краде воздухот на граѓаните.

- Станува збор за рамно подрачје и кога ќе се наталожи загадувањето од возила, од индустриските капацитети и од загревањето, тоа таму останува со денови - вели Поповска.

Според Поповска, урбанизацијата на Скопје што секојдневно го менува ликот на градот е само поради бизнис-интересите на владејачката гарнитура и затоа се одбиваат сите предложени законски решенија со кои би се обезбедила зелена и современа урбана средина.

- Ние предложивме законски измени, со кои ќе се врати институцијата градски архитект. Тоа беше поддржано од две здруженија, едно блиско до опозицијата и едно блиско до ВМРО-ДПМНЕ. Се одржаа и многу јавни дебати, но пратениците од владејачката партија не го поддржаа овој предлог. Уште од 2009 година почнавме со иницијатива за закон за зеленило. Сегашниот министер за транспорт и врски Владо Мисајловски, ланскиот септември јавно кажа дека законот е важен и дека ќе го поддржат, но тоа не се случи - вели Поповска.

Архитектката Даница Павловска нагласува дека е недозволиво во зелен појас да се изгради и една зграда.

- Што се однесува до предвидените згради во веќе урбанизиран простор во Аеродром, потребно е покрај законски предвидената јавна презентација, да има и широка јавна расправа за да се преиспита густината на населението и дали сите параметри одговараат на таа густина - вели Павловска.

Универзитетскиот професор за инфраструктура Вулнет Палоши објаснува дека крајниот збор околу урбанистичките планови го дава Министерството за транспорт и врски.

- Измените се анализираат врз база на влезни податоци, нумерички и графички. Има податоци за густина на населението и врз тоа се цени капацитетот на инфраструктурата и на канализацијата, водоводот. Министерството врз основа на тие анализи ја дава согласноста - вели Палоши.

Од ЕВН објаснуваат дека сега не се соочуваат со проблеми какви што имале порано кога инвеститорите побарувале моќност за цела зграда, затоа што од мината година, со законски измени, Регулаторната комисија за енергетика ја одреди моќноста што е неопходна за секој стан.

И сега одвај се стига на работа од Аеродром

Граѓаните од Аеродром велат дека и сега се соочуваат со низа инфраструктурни проблеми.

- Знаете ли колкава е турканицата во автобусите наутро до 10 и потоа кога се враќаме од работа? Значи, може да се случи воопшто и да не влеземе во автобус. Е сега, замислете што тоа значи за еден човек што тргнал на работа или, пак, да заврши некоја друга обврска поврзана со термин. Не верувам дека кога ќе се догради населбата со нови згради, ќе се пуштат и нови автобуски линии. Видовме што се случи во Кисела Вода откако се изградија згради во Расадник - револтирано вели жителка од Аеродром откако ја чула информацијата во медиумите за новите згради во населбата.

Каде ќе се градат новите згради?

Единаесет деветкатници ќе се градат во населбата Аеродром. Конкретно, ќе се преполови паркингот кај зградата на „Неоком“ во општината Аеродром и тука ќе „никне“ една зграда. До самата Железничка станица има маркички за четири згради. Зграда ќе има и на местото на рибниот ресторан, кој ќе се урива. На просторот од „Тинекс“ кај „Вучко“ покрај Вардар до Пензискиот фонд се предвидени три маркички за згради. Згради се предвидени и во зеленилото на просторот од црквата кај „Мајчин дом“ до „Три бисери“.

Триесет и една петкатница, пак, ќе се гради од последната автобуска станица на „петка“ во Ново Лисиче, јужно покрај Вардар до самите куќи на селото Долно Лисиче.

Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото