Наместо роденденска честитка

12.03.2016 17:58
Наместо роденденска честитка

На Оливера Николова

Првата македонска поетеса канонизирана во македонската книжевност, Даница Ручигај, почина на 29-годишна возраст во земјотресот што го зафати Скопје во 1963 год. Во овој настан постои симболика со која сè до денес ќе биде поврзана македонската литература пишувана од жени, но јас би го истакнала нејзиниот историски стих „Ова е моето последно молчење“ кој на парадоксален начин, преку реален и метафорички земјотрес, го одреди и не-молкот на сите останати жени-авторки.

Истата 1963 година излезе прозната книга за деца „Зоки Поки“ од Оливера Николова која стана класик во македонската литература и референца на детството на сите деца во Македонија. Во Македонија не постоеше дете кое ја немаше прочитано книгата „Зоки Поки“.  Ако некои од моите другарчиња беа среќни што родителите им дале имиња според популарни пејачи или ликови од филмови, јас бев среќна што се викам Лидија токму поради ликот од книгата на Николова. Во мојата генерација многумина го носат името Зоран, а блиските нагалено ги викаат Зоки. Кога Оливера Николова книжевно ја роди Лидија, несвесно стана и моја книжевна мајка.

Во меѓувреме ги прочитав сите нејзини книги, повеќе од двасеттина, а таа ми сплете црн шал за да не се стресам од студ секогаш кога ќе ја сретнам – имено, мојата огромна почит кон нејзиното дело при секоја средба преминува во треперење на целото мое битие. Со шалот кој ми го сплете со истите раце со кои ги пишува своите извонредни романи, книги за деца и драми, Оливера Николова го демистифицира митот за писателот како над-битие. Само под такви раце се раѓа литература жива, пулсирачка како човечко срце, страсна, реалистичка, индивидуална и универзална, а токму такво е писмото на Оливера Николова.

Oд Оливера Николова лично не научив да пишувам ни поезија ни проза – туку нешто многу поважно: дека пишувањето е начин на живот без разлика на сè. Оливера Николова не е авторка на бестселери со блескави корици, не е јавна личност на ТВ, не се насмевнува од билборди или насловни страници на весници, не седи по кафеани со македонските писатели, не патува по светот, не држи предавања на универзитети, не е кандидат за Нобелова награда, дури ни во Македонија не добива многу награди за своите книги, а досега се случи и да не прифати една од нив поради игрите и сплетките на членовите на жирито.

Оливера Николова е par excellance не-прототип на современиот писател кој својот идентитет пред сè го доживува во зависност од неговата глобална перспектива. Во романите на Николова кои речиси секогаш ја земаат за појдовна раскажувачка точка и матрица, историјата станува интересна, привлечна, возбудлива. Историските личности во романите на Николова ни се претставуваат во своето реално, немистифицирано светло – како луѓе од крв и месо, подложни на грешки, заблуди, страсти, љубов, исто какви што сме ние, современиците на Оливера Николова.

Николова раскажува за минатото кое несомнено има последици врз сегашноста, за историските факти и вистини преку преплетување на фактот и фикцијата, на животот и уметноста. Колективното сеќавање кое се однесува пред сè на македонската суштина, но сè почесто и на универзалната, во романите на Николова за секој лик станува индивидуално и со тоа уште поавтентично. Нејзиното раскажување е лесно, заводливо и едноставно иако совршено документирано и отвора прашања што ги засегаат најдлабоките човекови потреби. Со својата проза Оливера Николова си обезбеди „сопствена соба“ во македонската книжевност. Како жена-авторка таа во своето творештво се служи и со своето женско искуство, но и со менталните слики во кои растела и се развивала, ги сонувала, замислувала или предвидела. Нејзините ликови не се рамнодушни кон ништо, па ни кон сопствената полова припадност и во неа се поставуваат како личности кои се повеќе во хармоничен одошто во дисхармоничен однос со својот полов идентитет.

Секоја книга на Николова е посебен свет во кој животот и смртта се „поживи и помртви“ од вистинските животи и смртти. Денес Оливера Николова полни 80 години, понекогаш може да се сретне во библиотека, на пазар или во книжарница, страстен читател на македонските и светските писатели, понекогаш посетува промоции на книги на своите колеги, но речиси секогаш седи во задниот ред, тивка, молчелива, божем присуството и неприсуството ги споила во едно, во своето животно кредо: „Ако е уметност ќе остане, а ако не, нема“, во апсолутното присуство. Оливера Николова пишува само добри книги, книги што ќе останат засекогаш. И ѝ посакувам уште многу!

Слики: Kaatje Vermeire

Извор: Фејсбук профилот на авторката

Слични содржини

Општество / Книжевност / Став
Книжевност
Книжевност / Став
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото