Крај за големите магариња

14.03.2016 11:45
Крај за големите магариња

Прускиот крал Фридрих Втори многу уживал во тоа сите луѓе да му бидат потчинети и понижени. Тоа потчинување не му успеало кај славниот композитор и диригент Јосеф Кванц, кој гордо се држел, особено во присуство на кралот. Тоа многу го нервирало Фридрих, кој еднаш дури организирал голем концерт на својот двор, со цел јавно да го понижи композиторот. Пред да почне концертот кралот земал парче хартија и напишал „Големо магаре“. Наредил ливчето да се остави врз нотите над славниот композитор. Концертот почнал под диригентство на Кванц, кој се преправел како да не гледа ништо. Дури се однесувал уште погордо. На крајот на концертот Фридрих веќе видно изнервиран со арогантен тон извикал: „Зар не го видовте писмото над нотите“? На тоа Кванц му возвратил: „Ваше височество, таму немаше ништо. Таму стоеше само името и презимето на испраќачот“.

Интервјуто на нашиот претседател на државата дадено за германски „Билд“ немаше баш конмзистентен текст, ама имаше име и презиме. Беше пример како не треба да изгледа шеф на државата. Шеф кој крај себе има бројни други шефови на држави. Логиката „сите нè мразат, сите се против нас“, е очајнички говор на тој што по своја вина тоне. Можеби претседателот е лут поради тоа што веќе никој не верува во светското лидерство под „Дуинг бизнис“, оти стасавме до најсиромашна земја на светот. Претседателот наш пред неколку месеци „со голема радост“ рече: „Со радост можам да кажам дека денес Македонија има најбрзорастечка економија од целиот наш регион, се отвораат нови работни места за младите што не можат да чекаат години и години да се решат проблемите што други ни ги наметнуваат“! Добро, ама луѓето насетуваа дека нивната среќа завршува на скалите на неговата резиденција. И сега оправдано е лут, оти луѓето никако да ја споделат среќата со него. Сега сè живо напаѓа!

Арно ама, шефот на државата пола збор не им кажал на граѓаните за тоа како другиот дел од извршната власт ја растури нивната држава, ги исели луѓето, ги опљачка граѓаните! Не кажа пола збор за тоа како власта понижи живи души за да подигне бездушни споменици! Не кажа пола збор за астрономскиот криминал, за „Македонска банка“, за „Актор“, за „Загорац“, за кинеските фирми, за братот Субрата, за насилното преземање успешни фирми, за Белизе, Кипар и Лугано, за невидениот егзодус. Сè уште пола збор нема кажано за најчудниот Избирачки список на светот, кого угледниот весник „Хералд Трибјун“ го опишува како нешто невидено во историјата. Па тој не е таму само за да биде среќен!

Не чувме ништо од претседателот за тоа како обвинителството и судството се полнеле со големи магариња, кои сè уште слепо се прикачени за давеникот што пушта душа заедно со нив. Не чувме пола збор за тоа како власта уништила илјадници души и милиони судбини. Не чувме ни што кажал за намерните тепачки, за монтираните судски случаи, за кумановските фингирани настани, за договорената битка меѓу орелот и крстот! Луѓето ја прочитаа приказната дека тие служат само за владин спас. Коалициските партнери со години братски функционираа по сите прашања - за изборот на претседателот (датумот и „бојкотот“), за уставните измени за легализирање на милијардите, за тивкото отстранување на евроатлантската агенда, за Калето, за цар Душан, за договорениот криминал. Разбрале дека кога се во прашање власта и парите сите стануваат браќа по крв и месо! Разбрале дека глумеа борба „око за око“ за да нè ослепат сите.

Полека но сигурно се создава критична маса за радикални промени. Власта одвај стои на стаклени нозе. Паметните сè повеќе се свртуваат за да фатат ред додека сè уште има време. И МАНУ се обидува да се испере од големите мани, а и поткупените интелектуалци и интелектуалки, освен ако не се плавуши. И во самите владејачки партии состојбата е хаос, така што само големи магариња сè уште се појавуваат пред камерите во одбрана на режимот што умира. Лажна надеж влеваат само тие новинари што веќе имаат планирано бегство. Брзо ќе останеме без медиумски шарлатани, без козари и бурекчии што цело време ги напаѓаа Брисел и Вашингтон, иако тие оваа држава ја создадоа, а и сè уште ја чуваат од локалните власти, кои со години ја силуваат својата држава и луѓето во неа.

Од Минхенската конференција за безбедност па наваму, Македонија повеќепати била експлицитно спомнувана како опасна зона. Вакви координирани квалификации по ниедна логика не се случајни. Конечно и Германците дигнаа раце од ваквата македонска власт. Сега се очекува силна антикриминална бура, која криминалците ќе ги разнесе. Вака завршуваат сите диктаторски режими кои владеат со лаги, манипулации и сатанизации. Секогаш сатанизациите завршуваат кај ѓаволот. Брзо ќе заврши и силната пропаганда што создаде народ што добро слуша ама ич не гледа! Ама сега прогледа! Брзо се наближува критичниот момент по кој веќе нема спас ни за обвинители ни за судии од секаков ранг, кои биле дел од злосторничкото здружување. Тоа сè уште не го разбираат само едни магариња од Уставниот суд. Луѓето веќе се сити од празнината на животот поради празното владеење на празни души со празен морал - ама со полни џепови. Брзо тендерите, раскошните вили, големите хациенди и црните сметки ќе добијат уста и ќе проговорат за нивните газди.

Избори можеби ќе има на петти јуни, но ако тие во нијанси бидат нефер и недемократски (што е сосема очекувано), тогаш веројатно меѓународната заедница ќе даде лоша оцена, со што граѓаните ќе добијат легитимитет и сигнал дека самите треба организирано да решаваат за нивната судбина. Тоа ќе добие масовна поддршка и однатре и однадвор. Тогаш можеби и злосторничките партии ќе треба да се избришат од регистарот, оти ја газеле секоја уставна и законска норма. Тогаш на сите ќе ни биде јасно дека сме имале многу луѓе ама не и човек. Дека сме имале многу политичари ама не и водач. А и на сите ќе им биде јасно дека „таткото на нацијата“ ни ја е... мајката! Два мандата не напишал ништо, само име и презиме.

Слики: Свирачиња