За Брејвик, Миленко и другите разумокркачи и утроболокачи

15.03.2016 10:26
За Брејвик, Миленко и другите разумокркачи и утроболокачи

Широко е познат случајот на Андреас Брејвик кој во јули 2011 година уби 77 луѓе; 8 во Осло и 69 главно млади луѓе (најмладата жртва имаше 14 години) на островцето Утоја. Кај нас веројатно не е доволно познат „Манифестот“ на Брејвик, каде што тој го образложува својот идеолошки светоглед и нуди своевидна когнитивна мапа за истражувачите кои сакаат да го разберат неговиот несомнено поматен ум. (Психијатријски тим во ноември 2011 година донесе заклучок дека Брејвик во моментите кога го извршил нападот бил непресметлив, односно дека бил во состојба на параноидна шизофренија. Во 2012 Брејвик беше осуден на 21 година затвор, ама за него и денес пред сè се грижат психијатри.)

И покрај лудилото на авторот, „Манифестот“ со име „2083: Европска декларација за независност“ е важен документ и книга според која се изучуваат современите политички патологии кои сè повеќе се шират, прво под влијание на светската економска криза, а сега и под влијание на бегалскиот бран. „Манифестот“ има околу 1500 страници и по мејл беше испратен на околу 1000 адреси само 90 минути пред извршувањето на нападите. Брејвик верувал дека неговиот манифест и неговата акција ќе бидат искра за граѓанска војна во Европа, која ќе трае со децении, низ три различни фази, и ќе кулминира 2083 година кога ќе бидат истребени марксистите, а муслиманите ќе бидат протерани од Европа.

За нас е интересно што политичко-идеолошките резони на Брејвик во неговиот „Манифест“ неодоливо потсетуваат на неверојатните историско-политички конструкции на некои овдешни „конспиратори“, конобари на фашизмот и цицачи на крв од типот на Мирка Велиновска, Ацо Станковски, Миленко Неделковски... На пример, љубовта кон Путин (кого Ацо Станковски го споредува со архангелот Михаил) ја дели и Брејвик кога за рускиот претседател вели дека е „фер и одличан лидер, кој заслужува почит“. (Верувам дека и почитта која Брејвик ја има за Радован Караџиќ, убиецот на босанските муслимани, исто така ја дели Ацо Станковски кој неодамна им најави „масакр“ на македонските Албанци предводени од партијата ДУИ; и покрај тоа што Груевски - според Станковски: „најголемиот македонски владател последниве 1000 години“ - е во мошне стабилен сојуз со ДУИ цели осум години.)

Непосреден повод да се повикаме на „Манифестот“ на Брејвик е еден застрашувачки глуп и мрачен антисемитски памфлет што некни го објави Миленко Неделковски на својот портал „Дудинка“. Самото објавување на најизвртени фашистички небулози кај нас можеби и не е толку страшно само по себе, особено кога доаѓа од страна на потврдени имбецили. Многу пострашно е што тие интелектуални, културни, политички и морални гниди, трубите што шират најбесрамни антицивилизациски варварства, веќе десет години се главните медиумски пулени на еден сосема забеган режим. Брои ли некој колку само повеќечасовни интервјуа истера „владетелот и пастирот“ изминативе десет години кај тие наци баналитичари кои ја претворија Македонија во инкубатор за дебили.

Еве што вели Миленко Неделковски во својот текст
„Има огромен број на докази кои велат дека Ашкенази се идеолозите, финансиерите и организаторите на холокаустот. Со цел да биде истребено ривалското еврејско племе. Племето Ашкенази е творец на митот за 6 милиони погубени евреи во Втоата светска војна, иако таа бројка никогаш не е докажана. На пример, и за време на Првата Светска војна евреите излегле со “планот“ дека се истребени 6 милиони од нивниот народ. Тогаш, моќните империи (Отоманска, Руска, Британска и Австро-Унгарска) не ја дозволиле оваа манипулација. Семејството Ашкенази се креатoри на перцепцијата дека евреите се најголемите жртви на нацистичката солдатеска заради 6 милиони мртви. Но, вистината кажува дека русите губат 20 милиони луѓе, што е три-и-пол пати повеќе. Адолф Хитлер во себе има еврејско потекло. Ашкенази се причина што во Кулите близначки немалу ниту еден евреин за време на колапсот на трите згради во Њу Јорк.“

На речиси истиот лудачки начин на кој Миленко меша баби и жаби и создава халуцинантни џиновски заговори, и Андреас Брејвик го конструира непријателот, комбинирајќи неспоиви делови: марксизам, мултикултурализам и исламизам. Секој од тие елементи припаѓа на различен политички простор: на марксистичката радикална левица, на мултикултурниот либерализам и на исламскиот верски фундаментализам. Брејвик, како и Миленко, во ново руво ни ја враќа старата фашистичка навика на непријателот да му се припишуваат меѓусебно исклучувачки карактеристики („болшевичко-плутократска еврејска завера“). На сличен начин и Мирка Велиновска го создава „македонскиот непријател“ како монструозен микс од „Сорос“ („Милчиновите језуити“), СДСМ, Албанците, ЕУ и Америка.

Иако главната омраза на Брејвик несомнено е насочена кон муслиманите, интересно е што Брејвик е едновремено и антисемит, како што забележува Славој Жижек. Притоа, парадоксално, го поддржува Израел, бидејќи израелската држава е прва линија на одбрана пред ширењето на муслиманите - дури и ја поддржува обновата на ерусалимскиот Храм. Според Брејвик, Евреите се прифатливи под услов да ги нема премногу; или, како што пишува во сопствениот „Манифест“: „Во Западна Европа не постои еврејски проблем (освен во Обединетото Кралство и Франција) бидејќи во Западна Европа има само милион Евреи, додека 800.000 од нив живеат во Франција и во Обединетото Кралство. Од друга страна, САД со повеќе од шест милиони Евреи всушност има сериозно големо еврејско прашање.“

Како разумните луѓе да им се спротистават на ваквите брејвиковски чудовишности, на „костурчињата разумокркачи, костурчињата утроболокачи, костурчињата цицалчиња“ (Славко Јаневски) што се шират насекаде? Можеме да се спротиставиме на многу начини: со разум, храброст, одговорност, вера, пријателство... Славој Жижек опишува еден интересен настан од 2012 година кога на окупираниот Западен брег се случило вистинско мало чудо: „на Палестинките кои протестирале против Ѕидот им се придружиле еврејски лезбејки од Израел. Првичната меѓусебна недоверба меѓу групите исчезнала веќе при првата пресметка со израелските војници кои го чувале Ѕидот, а од тој настан се родила возвишената солидарност во која Палестинки во традиционална облека гушкале еврејски лезбејки со фризури обликувани во виолетови шилци - тоа е жив симбол за тоа како би требала да изгледа нашата борба.“

Својот есеј „Враќањето на злата етничка ствар“ Жижек го завршува вака: „Сегашната пат позиција може да се реши само со оживување на европското наследство на радикалната и универзална еманципација. Затоа треба да се надмине нивото на обичното толерирање на другите и да се тргне во насока на сосема еманципаторската Leitkultur (преовладувачка култура, заб. Н. Г.), која и самата може да ги поддржи автентичниот соживот и мешањето на различните култури. И ние самите треба да се ангажираме во претстојните борби за таа Leitkultur. Немојте просто да ги почитувате другите, туку понудете им и заедничка борба, бидејќи најголемите и најитните проблеми со кои денес се соочуваме воедно се и наши заеднички проблеми.“

Слики: Свирачиња

сроден текст
Шепотења од авенијата Медисон - Шутка

ОкоБоли главаВицФото