Белата трака на паланката

30.04.2010 09:08
Белата лента на паланката

„Ви посакувам непријатна вечер“ - така австрискиот филмски режисер Михаел Ханеке ги поздравил посетителите при својата лондонска ретроспектива.

Во слична пригода, пред мошне отмена, деколтирана и фракосана публика слично постапил и еден друг филмски гениј, Алфред Хичкок, вака завршувајќи еден свој говор: „Ми велат дека убиство се извршува секоја минута; според тоа, не сакам веќе да трошам од вашето скапоцено време. Знам дека копнеете да се фатите за работа. Благодарам“.

Човечкото зло е главната тема на Ханеке. Но, корените на индивидуалното зло се во општеството. Дури и кога тоа зло е апсурдно и наизглед немотивирано, Ханеке се труди да прочепка под површината и да ни понуди сосема неочекувани глетки. Тој речиси опсесивно се занимава со мрачните страни на општеството, ги прикажува отуѓеноста и осаменоста на поединците, како и насилството кое се раѓа токму низ тешко согледливите претопувања помеѓу поединецот и заедницата.
За текстов да не биде класична филмска рецензија или посвета на навистина фасцинантниот филмски опус на Ханеке (од неговите филмови мој фаворит е „Скриено“ /2005/, заедно со Трировиот „Догвил“ /2003/ најзначајниот европски филм на изминатата деценија, според мене), решив да напишам неколку зборови за неговиот последен филм, „Белата трака“, кој минатата година ги освои најважните европски филмски награди. Ја избирам „Белата трака“ поради некои многу важни (и се чини безвремени) политички импликации, кои имаат многу врска и со нашите актуелни неснаоѓања во просторот и времето. (Жал ми е што немам простор да се задржам на некои поспецифично филмски аспекти: брилијантната црно-бела фотографија, неверојатниот кастинг, особено на децата, чудесната визуелна реконструкција, до најмал детаљ, на германско село од пред стотина години итн.)

Дејството се одвива во село во северна Германија пред почетокот на Првата светска војна. Во селото се случуваат низа необични несреќи кои постепено почнуваат да наликуваат на некаков казнен ритуал. Низ една „мирна хроника на пеколот“ Ханеке ни го прикажува ригидниот протестантизам, угнетувањето на жените, семејните злоставувања на децата, фетишизмот на силните машки и патријархални вредности, непремостливиот јаз помеѓу богатите и сиромашните, садизмот, инцестот, лицемерството, насилството, религиозниот фанатизам, репресивното воспитување, прифаќањето на власта како да е од бога дадена, недоведувањето на авторитетот во прашање...

Но, сталожениот инвентар на пеколот на Ханеке не му служи за да ги објасни психолошките бездни на поединецот туку патологијата на колективот. Режисерот се обидува да го долови домино-ефектот на урушувањето на една заедница самата во себе, се обидува да го дофати целиот верижен сплет од реакции кој го носи општеството во мрак и бол. Демаскирајќи ја божемната идила на малиот затворен свет, тој ја разоткрива суровоста на заедницата и бедата на апатичната средна класа. Гледаме како сиромашниот народ при страдањето спасот го бара во авторитарноста: во идеологијата или во религијата сфатена како строгост и насилство. Селскиот пастор, на пример, е воспитувач не само на децата туку на целото село. Во систем од прецизно одредени правила, децата растат во постојан страв од казна. Патер фамилиас владее со челична рака: „Христијанска должност ми е да те истепам. Како добар родител, ударите повеќе ќе ме болат отколку тебе, та затоа ми должиш и извинување за тортурата што ја трпиш.“

Како што вели еден критичар, Ханеке во „Белата трака“ го разобличува и митот за детската безгрешност.

Условени беспоговорно да го прифаќаат авторитетот, колку и да не се согласуваат со него, децата развиваат колективен психолошки профил чие олицетворение ќе биде надоаѓачкиот фашизам. Идентификацијата со агресорот ги тера децата меѓусебно да се однесуваат онака како што тиранинот се однесува со нив. Колективните норми стануваат апсолутни, идеалот се става над поединците и нехуманоста изнурнува како неизбежност.

Толкувањата на филмот најчесто ја нудеа тезата дека режисерот се обидува да ги фати најраните корени на фашизмот. Иако филмот навистина може да се исчита и како приказна за патот на германското општество кон тоталитаризам, нацизам и геноцид, Ханеке вели дека не му била намера само да ја раскаже генезата на националсоцијализмот, туку да укаже дека тоталитарните идеологии виреат во општества кајшто луѓето страдаат: „Можев да снимам приказна за денешен Иран и да го поставам истото прашање: како почнува фанатизмот?“

Во годината кога се појави „Белата трака“, ингениозната филмска студија за монструозноста на една паланечка средина, се навршија четириесет години од појавувањето на најважната филозофска книга на овие простори: „Филозофијата на паланката“ од Радомир Константиновиќ. Во еден разговор на почетокот на деведесеттите, обидувајќи се со јавен говор да се спротистави на монструозната политичка агенда на Слободан Милошевиќ, Константиновиќ рече дека рамнодушноста е најголемото чудовиште зашто нè прави неосетливи на чудовишноста и обликува еден чудовишен свет во кој секоја чудовишност станува нормална и природна: „Не само, значи, што секојдневно живееме среде оваа нормална чудовишност и не само што сме свикнати на чудовиштата, што сме ородени со нив, туку, еве, и самите се преобразуваме во чудовишта; да се живее под насилството на тоталитаристичкиот национализам значи, од ден на ден, сè повеќе да се прифаќа тоа насилство“.

„Глобус“, 26.04.10.

Браво! Одличен текст.!

Браво! Одличен текст.!

Белата трака на паланката

Те гледав вечерва на А1/А2, сеедно; не си сам, ти давам максимална поддршка затоа што ова не е време каде треба само да седиме, да се гледаме и да се чудиме. Ова време каде треба да се обединиме, надвор од целокупната ВластоДржавничка  иронија, нихилизмот или -  критицизмот и критизерството.
Ќе пишам пост, овие денови и ќе се потрудам да биде автентичен и спонтан, надвор од ДПМНЕ - овската медиумска спинажа.
(се извунувам за коментарот кој ми натежна, ме напна и кој може е, а може и не е надвор од „Белата трака на паланката“.

 Туку што се вратив од кино,

 Туку што се вратив од кино, гледајќи го „Белата лента“ (изрично не го прифаќам србизмот - трака). Прекрасна статија. Апсолутно надополнување кон целосната моја перцепција за филмот. 

Го видов коментарот на Ненад

Го видов коментарот на Ненад и сега ја гледав дебатата на А1 и ова е крајно вознемирувачки. Тезата на Вангел Божиновски дека луѓето што се на лекување во душевни болници во Македонија, се таму поради тоа што не ја познаваат својата историја, а ќе се излечат кога ќе ја запознаат -  е преседан каков што не сме виделе во Македонија!!! Ова е страшно, луѓе!! Далеку пострашно од спомениците!
 
Баш ова е токму белата лента за секој наш ракав. Што се случува, еј луѓе???

вангел

Коља, три пати до сега те гледав како се мачеше со Вангел. Секоја чест, не можат сите да бидат толку силни како тебе, а како поминува времето ќе треба и уште посилен да бидеш. Се загрижив само малку откако насетив прилична доза на очај кога на Секуловска и кажа дека џабе е веќе се, дека не се слуша твојот глас никаде веќе...за момент помислив да бев на твое место, да имав таква сила на цел глас да вриштам против режимов веќе со години, сигурно и јас би дошла во таа фаза...ма сигурно и многу побрзо би ме совладал очајот....
На моменти, кога ти ги читам текстовите, си наоѓам оправдување, по воодушевувањето од текстовите, дека јас ете сум избрала улога, ќе бидам мајка на две деца, ќе им се посветам максимално, еве Коља , и тие како него нека вриштат и за мене. Не им требам и јас...
Само ова како тргнало, ако сите си наожаме оправдување зошто колективно не вриштиме, Вангел со шепотење сите у лудница ќе не пикне!

Браво Коља за настапот.

Браво Коља за настапот. Одличен беше.
Мислам дека само уште тебе може да ти се верува кога станува збор за бескомпромисност.
 
 

Во еклектичките патрали со

Во еклектичките патрали со кои ја градев својата научна парадигма, стандардно чувствував дека сум далеку од тоа да намирисам добра и комплетна теорија. Вчера на мое големо задоволство г-динот Божиновски ме просветли со својата револуционерна теорија, која ќе си земам за слобода да ја наречам Nonmonumentum Dementia, од неа сме пателе сите Македонци во отсуство на споменик-терапијата.
Верувам дека сите кои не ја споделуваат историската парадигма на ВМРО сме пациенти NonAce35-induced Psychotic Disorder with Hallucinations.
Теоријава со пропишаната терапија ми личи и ефикасна, ако не се лажам со јарболите од 100м се излечиле сите sexual dysfunction ВМРОвските првенци!

intervju so avtorite na

intervju so avtorite na "Srpski film" što e aktuelen denovive:
http://www.bloody-disgusting.com/interview/638

Слични содржини

Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски
Никола Гелевски

ОкоБоли главаВицФото