За да успееш на сцената со поразлична музика, мора да бидеш проклето упорен

17.03.2016 11:05
За да успееш на сцената со поразлична музика, мора да бидеш проклето упорен

Штотуку го објавивте вашиот прв албум. Досега публиката имаше само позитивни критики за вашите настапи и музика. Сметате ли дека албумот ќе ги оправда очекувањата на слушателите?

Со оглед на тоа дека правиме музика која, грубо кажано, не е за сечие уво, мислам дека слушателите кои доаѓаат на концерти или го слушаат нашиот албум, веќе отприлика знаат за што се работи. Што се однесува до нивните очекувања, не сме баш запознаени кои се тие, па затоа не би знаел дали ќе ги „оправдаме“.

Колку време постои Minstrel’s Gallery, кои се луѓето кои го прават бендот она што е?

Бендот постои веќе три години, од март 2013, а поставата не е изменета оттогаш. Членови на бендот сме јас – гитара и вокал, Слободан Танасковски – флејта, клавијатура, вокал, Даме Јовановски – бас и Кристијан Тодоров – тапани. Текстовите ги пишувам воглавно јас (освен In the Shadow of a Mountain, кој е на Слободан), иако потоа заедно ги разгледуваме и секој може да даде свој предлог доколку сака нешто да се измени. Истото важи и за музиката, било кој може да искомпонира одредено парче, а потоа заедно го работиме, секој со свои предлози за тоа како да се вклопи во дадена композиција. Во секој случај, сите четворица имаме еднаков придонес во сè што се случува – Minstrel’s Gallery не би бил ист без било кој од нас.

Зошто Minstrel’s Gallery, какво е значењето на името на бендот?

Кога прв пат извадивме демо снимка, беше крајно време да смислиме и име. Поради влијанието од средновековна музика, предлог на Кристијан беше „Minstrel“. За да не биде толку кратко, се решивме за „Minstrel’s Gallery” (Балкон во внатрешноста на замокот каде што свиреле минстрелите). После година дена, кога решивме дека ќе додадеме и визуелен аспект на музиката, односно слика за секоја песна, она „Gallery” си доби ново значење.

Создавате музика која има тврдокорни почитувачи, но кај нас е малку застапена. Сметате ли дека во Македонија има публика за еден прогресив/арт рок бенд да опстане на сцената?

Мислам дека кај нас, а веројатно и секаде во светот, луѓето функционираат по некои навики, шаблони. Доколку сакаш да понудиш нешто што не е толку застапено, мора да бидеш проклето упорен.

Каква е состојбата на алтернативната сцена кај нас воопшто? Колку е тешко младите музичари да „се пробијат“?

Зависи кој што подразбира под „пробивање“. Тука би го повторил одговорот од претходното прашање.
На промоцијата на албумот беа изложени ваши текстови, слики, цртежи и графички прилози инспирирани од музиката, или музиката од нив.

За чии дела се работи, што сé беше изложено?

Сите цртежи и слики (и една макета) се мои и на Слободан. Идејата беше секоја песна да има свој визуелен приказ. На изложбата беа подредени сите текстови по ред како што одат на албумот, со соодветната слика до нив, а така е и во booklet-от на самиот албум.

Минатата недела го промовиравте албумот-првенче. Работите ли на нов материјал? Што да очекува публиката наредно од вас?

Сега за сега има само идеи коишто треба да се работат. Како и да е, наскоро ќе почнеме со подготвување на нов материјал, а втор албум би извадиле отприлика за една година.

Извор: http://www.radiomof.mk/

ОкоБоли главаВицФото