Самоубиство на македонската демократија

17.03.2016 15:17
Самоубиство на македонската демократија

Зошто седницата на Уставниот суд не била отворена за јавност, прашува на Твитер Американската амбасада. Затоа што почитувањето на принципот на јавност е карактеристично само за демократските држави, а Македонија тоа одамна не е. Всушност, демократијата во нашата држава дамна изврши самоубиство.

Можеме само да спориме околу датумот, дали тоа беше на седницата на која опозицијата беше исфрлена од парламентот пред неколку години или многу порано. Џон Адамс, вториот претседател на Америка, човек кој го сакал научното медитирање за политиката повеќе одошто нејзиното практицирање напишал:

„Запомнете, демократијата никогаш не трае долго. Многу бргу таа се троши, се истоштува и се самоубива. Немало демократија досега која не се самоубила. Залудно е да се тврди дека демократијата е помалку суетна, помалку горда, помалку себична, помалку амбициозна или помалку алчна од аристократијата или од монархијата... Овие страсти се исти кај сите луѓе, во сите форми на владеење, и, кога не се контролирани, ги произведуваат истите ефекти на измама, насилство и свирепост. Кога на суетата, гордоста, алчноста или на амбицијата, ќе им се отвораат јасни перспективи за лесно задоволување, тешко е и за најобзирните филозофи или најсовесните моралисти да му одолеат на искушението“.

Во самиот корен на македонската политичка криза, повторувам подолго време, е неконтролираната власт. Таквата власт отвори лесни перспективи за задоволување на најприземните пориви на луѓето, независно од способностите и квалификациите, ставајќи ги сите луѓе во иста позиција на зависност и послушност кон партискиот центар кој ги поставил, од портирот на некоја политичка институција до судиите на Уставниот суд, бојовници кои на командата реагираат подеднакво сервилно. Исто како што нашите научници не се трагачи по вистината, така и нашите правници не се трагачи по правдата, сите тие, имено, се борци за партиската, односно личната кауза.

Бидете уверени, и да беше седницата на Уставниот суд отворена за јавноста не ќе слушневме полемики за правото и слободата во Македонија и во светот. Политички осакатената институција нема таков капацитет. Можеби тоа ќе го потврдат стенограмите од седницата.

Слики: Mojo Wan

Извор: Плусинфо
 

ОкоБоли главаВицФото