Белите дамки на историјата

18.03.2016 10:57
Белите дамки на историјата

На собирот во Сараево, со кој беше одбележана 20 годишнината од масакрот во Сребреница, зборував за историскиот ревизионизам, кој првобитно требаше да се однесува на негацијата на тој настан во размери на геноциден чин. Излезе дека, во методолошка смисла, поимот ревизионизам не е можно да се примени на непишаната историја, па се фокусирав на историјата на Втората светска војна. Причината за тоа се наоѓа во постоењето на корпусот факти кои европската и светската историографија веќе ги елаборирала и затоа, во низата верификувани научни резултати, функционира како аксиома. Со други зборови, таа е несоборлива, колку и да се трудат околу тоа историчарите ревизионисти.

Втората светска војна е добар пример за илустрација на јуришот на ревизионистите кои идеолошки ги мотивира омразата кон антифашизмот а, од друга страна, нашата неодамнешна историја е добар пример за „белите дамки“. Затоа е важно да се истакне разликата помеѓу ревизијата на историјата и непостоењето на историјата.

Генерално, историјата постои преку пишаниот документ, а историографијата преку напишаното дело за некој историски настан. Ако тоа дело го нема, тогаш идните генерации се лишени од знаењето за него, односно тоа знаење го поседуваат само современиците на историјата која е несознајна за историјата. Историчарите во своите истражувања ги селектираат настаните според нивното значење така што, речиси сигурно, најважните настани се и најважната тема на историографијата. Во случајот на југословенската војна, влегуваме во парадоксот вреден за посебна анализа. На скалата на настаните, од втората половина на 20 век, распадот на југословенската држава и тоа 73 години по нејзиното создавање, сигурно нема пандан во нашата историја. Не само затоа што тоа е држава во која сме се родиле ние и нашите родители, а најпосле и нашите деца, туку и затоа што тоа бил проект за кој речиси 200 години се бореле нашите предци: југословенските интелектуалци и јужнословенското граѓанство.

Крвавиот епилог на историски важниот проект дополнително бара посебно внимание од историчарите и историографијата, а тоа внимание изостана. Нема ни успешни ни неуспешни дела на таа тема. Југословенската војна ѝ се извлекува на проблематизацијата и тоа на начин што едноставно ги проголта историчарите и историографијата. И тоа не е само проблем на српските историчари и историографијата. Затоа што минатото ни е „заедничко“, тоа е проблем и на другите југословенски републики, денес посебни држави, односно нивните историчари и нивната историографија. Се разбира, сите ние сме обучени и едуцирани да можеме да се занимаваме со таквите настани во истражувачка и интерпретативна смисла но, едноставно, не го правиме тоа. Очигледно е дека проблемот е во нашите занаетчиски способности отколку во некој вид компулзивно нарушување кој го следи тој вид настани.

Тој вид невротични пречки е карактеристичен за творештвото. Кај сликарите, на пример, тоа е стравот од ненасликаното бело платно, кај писателите тоа е страв од празната, неиспишана бела хартија. Се поставува прашањето што е причината за нашата парализираност, на кој вид нарушувања им припаѓа? За тоа не можеме да ја обвиниме ни неопходната историска дистанца. Затоа што, како што нагласува Агнес Хелер, историчарите стапуваат на сцена кога веќе не се убива и не се страда. Поминаа 20 години од Сребреница, 25 години од распадот на Југославија. Сега сме доволно оддалечени од тоа страшно време.

Сликата на нашата немоќ е речиси иста како и немоќта на иконописецот Андреј Рубљов, во истоимениот филм на големиот руски режисер Тарковски, кој не успева да ги наслика сцените на Апокалипсата и Страшниот суд на празните, бели манастирски ѕидови. Едноставно затоа што и самиот Рубљов преживува апокалиптични искуства на злосторства и рушења кои зад себе ги сејат Татарите во Киевска Русија. Настаните од тој вид го соочуваат човекот со ништожноста на постоењето, сликарот со бесмислата на уметноста, а историчарот, можеби со бесмислата не историјата. Но, што го предизвикува таквиот ненаситен нихилизам? Одговорот е едноставен – тоа е емпатијата. Не е можно да се биде голем сликар, а да не постои чувство за светот кој се замислува на платно, не е можно да се биде добар историчар ако нема емпатија кон луѓето и општествто кое треба да го спознаат во историскиот клуч. Не затоа што историчарот изобилува со вишок човекољубие, туку затоа што без сочувство со луѓето од едно исчезнато време тој не е способен да ги разбере.

Постои уште еден елемент од непишаната историја, а тоа е идејата за Непријателот. Во нашиот случај, иако навидум очигледен, нашиот непријател е без лице или со повеќе лица затоа што нашето зло е бирократизирано, техницизирано, идеологизирано. Борбите не се водеа само на фронтовите, шумите и горите, туку и на улиците, во куќите, со сега бившите пријатели, со новите вредносни системи кои го воспоставија нихилистичкиот механизам на живеењето кој го сведуваше животот на голо преживување од денес за утре. Исчезна идејата за иднината, а времето запре во минатото. На хоризонтот на таа „црна дупка“, ако повторно зборувам во прво лице, напишав докторска теза за создавањето на југословенската држава и улогата на српските интелектуалци во тој процес, во периодот од 1918 до 1929 година. Ја бранев 1996 година во едно бизарно окружуање на севкупна пропаст сведочејќи како историчар за катастрофалниот завршеток на нивните историски напори и фрлањето прашина на сите нивни идеали. Тоа моќно чувство на бесмисла, најпосле го обесмисли и мојот седумгодишен истражувачки труд.

Во правливата и крвава кал од деведесеттите години на 20 век, се валкаше и југословенската историографија со борбената група историчари кои на разорувањето и смртта им дадоа историска причина. И покрај тоа, станаа творци на идеологијата на војната која наплатуваше „стари сметки“ и која требаше да изроди нови држави на етнички прочистените простори. На крајот, нивните визии се остварија, нашиот Непријател или Непријателите, победија! Во смртниот антагонизам во кој се најдоа историографијата и историчарите, сите заедно, станаа само нузпроизвод на делби и конфликти со задача да создадат нова историска свест. На тој начин, борејќи се со разните непријатели и на разни фронтови, историчарите се поделија и денес се дел од посттрауматската сопствена историчност.

Сепак, после сè, дали заедништвото на судбината со југословенската пропаст може да биде доволно добар аргумент за „белите дамки“ кои само нашето сеќавање ги исполнува со содржина. Можеби се работи за нешто друго. На пример, кукавичлук? Ако ја погледнеме европската историографија по Втората светска војна, таа со дигнитет и одговорност ја прифати својата историчност и започна општа проблематизација. И тоа многу брзо. На пример, во Германија, Фриц Фишер веќе во 1957 година почнува да трага по воените цели на Германија во Првата светска војна. Она што го открил го објавува на 900 страници, веќе 1961 година, во книгата „За посегнувањето кон светската моќ“. Оттаму, трагата за континуитетот во Втората светска војна, од што произлегува дека двете војни се резултат на сојузите на германските елити кои ги обединува тежнеењето за светската моќ. Тоа и го сублимираше понатаму во книгата „Сојузот на елитите и тежнеењето кон светската моќ“ во која покажа дека ниедна војна не е можна без тој сојуз. Од времето на Бизмарк до устоличувањето на Хитлер, во континуитет, тој е инспириран од империјалната цел – Drang nach Osten. „Продорот на исток“ треба да се оствари со војна, а дефиницијата на германскиот „животен простор“ се однесува на Источна Европа. Неговото храбро истапување крена многу прашина меѓу германските историчари; во дискусијата се вклучија и европските историчари и во историјата на историографијата тоа е забележано под називот „Фишеровата контроверза“. Денес, делото на Фриц Фишер е под жесток удар на германската ревизионистичка историографија.

Ако размислуваме и за нашиот простор во истиот континуитет, или со „процесите со долго траење“, сите наши политики се „стари политики“. Без разлика дали тие се големодржавни проекти сведени само на амбициите на поедини народи, или универзални јужнословенски или конфедерални-балкански. Но, епилогот од сите нив, изгубените надежи, илузиите и историските победи, се сумираат во најголемиот пораз во нашата 13 векови долга историја на заеднички живот на овие простори. Симболизиран со топонимите на Сребреница, Поточара и сите други полиња на смртта од нашата некогашна заедничка држава, тој сведочи за проектот кој се движи помеѓу рационалното и лудачкото. Од свирепото стрелање до ладилниците кои испливуваат преполни со трупови од мрачните водени длабочини, сите сме фатени во маѓепсаниот круг на нашето минато пред кое стоиме потполно немоќни. Свеста за него му овозможува сè повеќе да расте и историчарите, како и другите луѓе, во интимните монолози се прашуваат дали да го игнорираат тоа или со него да се поистоветуваат? Дали да се каже: „не, тоа не сме ние!“ Следниот чекор е да ги побараме токму тие. Историјата, чии творци биле тие, а ние сме неуспешните противници, е заедничка историја. Ние сме нејзини учесници, ние сме нејзини сведоци, ние сме и нејзини историчари. Бидејќи тоа е нашата историја, дваесет години подоцна, ние мораме да преземеме одговорност за неа.

Од јавниот час во Белград, ЦКЗД, 7 март 2016: Школата на знаењето – Сребреница, мапирање на геноцидот и пост-геноцидното општество, ФАМА Методологија и Галерија 11/07/95.

Слики: Ronald Ophuis

Извор: http://pescanik.net  

ОкоБоли главаВицФото