Чија е државата?

18.03.2016 10:04
Чија е државата?

Комични се дебатите на претставниците на албанските политички партии по медиумите. И во нив е вткаен истиот репресивен модел на политички приоритет, па и јазична репетиција на тоа дека „Македонците ги крадат Албанците преку даноци“. Таков е генерално ставот на „опозициската“ албанска партија. Згора на тоа, уште на Албанците им „всадуваат“ во дворот крст на раскрсница. Одговорот од страна на претставник на албанската партија во власта на ова гласеше дека Албанците припаѓаат на три религиски деноминации и дека Албанците немале проблем со крстот како верски симбол туку, еве, со неговата политичка злоупотреба. Етничкиот приоритет кај албанската политичка клика останува јадро на креирање и осмислување политики но, пред се, и како политички пристап и политичка мобилизација. Тема на дневниот ред е секогаш недоволното заштитување на Албанците од страна на партијата којашто е дел од власта. Демек, Албанците се жртва на Македонците и како такви се репресирани. Нивните пари ги трошат Македонците по споменици, а Албанците немаат изградено ниту еден споменик. Демек, доколку се поделеа парите 50-50 по споменици македонски и споменици албански тогаш парите на Албанците, според лицето коешто ги „растураше“ цифрите во етер, би биле задоволни со намената на тие пари. Над милијарда евра се „гостеле“ Македонците, а Албанците не добивале ништо.

Тоа што Албанците како популација во оваа држава се жртва на истиот ретрограден политички наратив и популизам е една работа, а логиката на истиот ги создава интерферира во секојдневните активности на Албанците како другост на Македонците, односно на Македонците како другост на Албанците. Меѓутоа, со претставување на Албанците како жртва на Македонците, пристап кој постојано се промовира и кај македонските политички партии, особено онаа од власта, е воспоставена таа повеќедецениска хегемонска политичка карикатура. Таа карикатура на коректно поставеното прашање „Чија е државата?“, нуди некоректен пристап, метод на доаѓање до одговор и одговор кој не соодвествува со реалитетот на наодите и на односите на моќ во општеството.

При здрав разум да кажеш дека Македонци ограбуваат цело едно албанско население, или треба да не живееш во Македонија или да си политички дилентат и крајно неписмен човек кој не знае да препознае како се одвиваат политичките процеси во оваа држава.

На прашањето „чија е државата?“, политичката десница опиена од националистичките приказни за создавање на поим за другиот – не како што другиот се гледа самиот себе, туку како што јас/ние го гледам(е) другиот – хара со логички грешки и така од грешка во грешка создава крајно неврзани претстави и поими за политиката и политичкото.
Одговорот е краток и одамна познат.

Државата е на политичките елити, особено оние коишто раководат со државата, но и оние коишто раководеле своевремено со државата. Оние коишто го злоупотребуваат и го злоупотребувале буџетот, оние коишто го приватизирале јавниот сектор, оние коишто јавното го злоупотребиле за интереси на приватното.

Оние коишто ги растегнаа границите на партиското и државното и за на крај да ги снема истите. Оние коишто јавниот сектор го раскрчмија и го опустошија, со пари „заработени“ инвестираа во болници, во високо образовни установи, во фабрики, некои па купија туѓи фабрики притоа млатејќи ги постојните сопственици како слама – секако да потпишат дека ја продаваат фабриката за контрола на ресурсите. Оние коишто купија куќи, вили, љубовници, кози, кучиња, авиони, си ја присвоија полицијата, судството, платија обвинители. Нив може каменот само од блиску да ги удри, тие не завршуваат во ендек, нивните деца не бркаат професори за потписи – оти нели студираат во странство, не чекаат по два-три месеци „мој термин“ за операција на малигни ткива – оти си плаќаат приватни лекари и болници – оти имаат пари што си ги заработиле.

Државата не е на оние родители коишто секој ден, ако не и секој час потегнуваат акции по социјалните мрежи за собирање на парични средства на деца и млади (па и постари) за лечење или оперирање од некоја посериозна болест во или надвор од границите на оваа радиоактивна државичка. Државата не е на оние приматели на социјална помош кои треперат пред секоја банкарска трансакција „од ваму од таму“ – оти 2000 денари им се премногу за преживување. Државата не е на оние кои по сите основи се дискриминирани, девалвирани, исклучени, расно профилирани, убивани (фрлани во Вардар), прогонувани, враќани од граница, поточно Ромите. Само Ромите во оваа држава според сите можни норми и нивоа на дискриминација се репресирани, пред сè од нивните политички претставници (читај лакеи=подлизурковци) правејќи пазари и злоупотреби. Државата не е на вработените во текстилната и кожарската индустрија, на вработените кои не добиваат К-15, на прекарните работници, на работниците врз кои се врши мобинг, на работниците на кои не им се плаќаат ниту придонеси ниту плата со месеци и со години – затоа што не функционира инспекторат, органи, тела, полиција, обвинителство, судство итн. Државата не е на луѓето кои чепкаат по контејнерите со цел да дојдат до храна.

Државата не е на понижените и навредените, туку на оние коишто навредуваат, повредуваат, оние коишто постојано пледираат дека државата е на другиот/другите (во случајов Албанците или Македонците). Државата не е ниту на Албанците, ниту на Македонците, туку е на политичките претставници на Албанците и на Македонците кои со години ја ограбуваат државата, со години злоупотребуваат сè живо и диво од државата и со години го вперуваат прстот во другиот, било тоа да се Албанци, било тоа да се Македонци.

Устројувањето на системот каде политикантите и богаташите ќе живеат багатела секојдневно, заштитени со сите нишани и салтанати уште еднаш говори дека прашањето чија е државата – со интенција да се докаже етничката (националистичката) доминација на другиот/другите е само реторско прашање. Во вакви општествено-политички собитија тоа претставува промашено прашање кога доаѓа од редови на националистички мотивирани говори и организации, партии и поединци.

Слики: Свирачиња

Извор: http://slobodna.mk/