Ќе играат пиштоли!

21.03.2016 02:21
Ќе играат пиштоли!

Работата во ДПМНЕ, да знаете, е стигната до вадење пиштоли. Не, не се работи за недоразбирања од идеолошка или од политичка природа, или за возбуда заради уривањето на правниот и уставниот поредок на земјата. За тоа во ДПМНЕ владее Нирвана. Причините се поедноставни: се работи за пари. Многу пари.

Имено, моите извори од владејачкото подземје – читај: врвот на партијата – ми велат дека револуционерната организација во последните месеци е длабоко поделена на две бизнис крила: едното, кое со години живее од директно цицање на државниот Буџет; и другото, кое со години живее од индиректно цицање на Буџетот, со добивање работа од овие што директно го цицаат Буџетот. Така, во последната половина година, од милионите што се крадат од буџетските извори од десетина компании околу врвот на партијата, сè помалку пари и со сè поголеми доцнења се префрлаат (односно, воопшто не се префрлаат) кон партиските локални бизнис-пајташи. Како што ми велат, скопското бизнис крило во партијата е под силен притисок на „подизведувачката“ партиска бизнис-структура од Штип, Битола, Охрид, но и од помали фирми во Скопје... Додека секојдневно милиони евра се позајмуваат на пазарот на државни обврзници и – логично, пред падот на режимот – приватно се префрлаат во странство, помалите партиски компании, наводно, се на работ на пропаст заради ненаплатените долгови од неколкуте партиски бизнис-буџовани. Повторно наводно, и самиот Груевски во неколку случаи бил повикан да арбитрира околу поделбата на пленот. Без видливи резултати.

СРЕЌНО, ЈУНАЦИ!

Кога ми ја раскажуваа, целата оваа апокрифна приказна ми звучеше сомнително и по малку неуверливо, озборувачки и злобно, но и како релативно нормална внатрепартиска препирка пред прогласување завршен фајронт во локалот „Македонија“ што се наоѓа на третата палуба на бродот Титаник... додека пред десетина дена не ја прочитав веста за тоа што го одлучил гувернерот Богов. Имено, Народната банка на Македонија на 10 март годинава – значи, пред неполни десетина дена – донесе сосема неочекувана и „ничим изазвана“ одлука (која стапи на сила на 11 март), со која првпат се дозволува македонски државјани да можат да отвораат сметки во странски банки. И тоа не кои било граѓани, туку оние што располагаат со две патни исправи (македонски и нечиј друг пасош – бугарски, чешки, хрватски, американски итн.), како и оние лица што работат или некогаш работеле (?!) за странски фирми и меѓународни организации. Со други зборови, половина ИК на ДПМНЕ, плус цела нивна влада.

Читам – и не ми се верува! Додека ние се тресеме врз Уставот, се крстиме со Избирачкиот список, се патиме со медиумските (анти)реформи; додека се делиме на „двоглави орли“ и „крстоносци“; додека анализираме што рекол некој странски амбасадор или каде се ставени запирките во извештајот на Венецијанската комисија и жестоко се препукуваме за други дребулии во одбрана на правната и демократската држава – Фамилијата не може да постигне, не може воздух да земе од префрлање наши пари по приватни сметки во странство! И тоа до таа мера што, оставени на цедило, и подизведувачите на Фамилијата веќе се фаќаат за пиштоли!

Можеби е време граѓанските протести од пред зградите на Владата, Уставниот суд и Собранието, да се преселат пред зградата на Народната банка на Македонија. Да се бара од гувернерот Богов да го објави списокот на оние лица што побарале и добиле дозвола за отворање приватни сметки во странство. Да се направи увид во трансакциите. И да се воспостави регистер на овие трансакции, паралелно со регистарот на задолжувањата со кои Ставрески ја носи Македонија во неизбежен банкрот. Па да се види дали меѓу тие два регистра има некакви индикативни совпаѓања.

Ако има, време е да се даде масовна поддршка на нервозното, подизведувачко бизнис-крило во ВМРО-ДПМНЕ. Среќно, јунаци!

„СУВЕРЕНА ДЕМОКРАТИЈА“

Сепак, пред ваквиот развој на настаните, не е лошо работите да ги ставиме во одреден контекст...

Има едно опскурно типче во Москва, се вика Владислав Сурков, мое годиште (51), кој делува како некаков распутиновски шарлатан излезен од некое руско телевизиско реално шоу. Неспорно многу паметен, темелно образован, со бунтовен карактер, со карактеристики на врвен компилатор-манипулант и со извесен стаж во руското воено разузнување, човекот зад себе има набиено толку многу високи функции во првиот круг околу Путин, што веројатно и не може да се сети на сите. Тој е еден од најистакнатите постсоветски „технолози на власта“ во Кремљ. На неговата работна маса, покрај сликата на Путин, стои и врамената фотографија на американскиот гангста-рапер Тупак Шакур. Ете, тој Сурков, во 2006 година ја измисли кованицата, а и главната содржина, со која почна да се објаснува доктрината според која до денес владее Путин во Русија: „Суверена демократија“.

Ако треба накусо да се објасни оваа теориска бесмислица од „суверена демократија“, таа во својата основа ја промовира тезата дека во демократијата не постојат универзални, компаративни стандарди, развивани и потврдени во столетната историја на развојот на ова политичко уредување, туку дека таа, демократијата, треба да се сфати во своето изворно античко значење – како власт на мнозинството, точка. Тоа, мнозинството, ја крои и управува со стварноста според – во Русија – „руските искуства“. Во центарот на разбирањето на овој „модел“ се наоѓа тврдењето дека власта произлегува од демократскиот „суверен“ – народот – и дека само претставниците на така произлезената демократска народна власт можат да толкуваат што е демократско, а што не. Доколку Уставот или некој домашен закон и регулатива, или пак некој утврден меѓународен стандард, ги попречува во спроведувањето на така сфатената демократија, тие имаат „суверено“ право да дадат нови или продлабочени толкувања на таквите одредби и да донесат нови закони кои, ако е потребно, правната држава ја доведуваат до апсурд. Со тоа, де факто, претставниците на „суверенот“ (народот) се ставаат над законите и над Уставот во државата. Зошто? Затоа што – како во приказната за тоа што е прво: јајцето или кокошката – законите се под „суверенитетот на народот“ чии претставници се, фала на прашање, тие, односно Путин! Кому не му е јасно, за толкување да се обрати кај – Путин. Ако Законот, по некоја случајност, многу натисне, кризата се решава со одење на избори, па кој ќе победи, тој има право да го толкува Законот – како што се докажувала вината во мрачниот среден век: ставаш рака во зовриено масло, па ако кожата не ти изгори, бидуваш ослободен од вината!

Во практична политичка смисла, ова значи дека со државата управува една мега-партија со својата партиска структура (вклучително и судството и тајната полиција, како супер-потпартиски структури!), па иако во овој еднопартиски систем постоењето и на други партии е дозволено, тие се сосема ирелевантни. Владејачката партија ги пропишува, толкува и спроведува (односно, наметнува, преку директно и секојдневно уредувачко насочување на големото мнозинство руски медиуми) политичките и моралните стандарди во општеството. „Стабилноста“, „ефективноста“, „патриотизмот“ се постојаните мантри на режимот, наспроти од Запад финансираните „предавници“, кои сакаат да ги нарушат „стабилноста“ и „ефективното владеење“, како и „угледот“ на Мајка Русија. Власта спонзорира сè: од најалтернативните уметнички движења, до најретроградните православни секти; од авангардните списанија и книги, до нивното протестно палење на плоштадите – не е важно кој е и што е, ако е под контрола на власта. Избори има, редовно, а по потреба и вонредно, но со оглед на концентрацијата на моќта во владејачката партија, на нив секогаш победува владејачката партија. Својата кадровска и идеолошка репродукција режимот ја обезбедува преку сојузот на младите сили во партијата, кој се вика „Наши“.

Просто. Еден постмодерен авторитаризам, една претставничка тиранија на која илјадници глупаци низ светот искрено ѝ се воодушевуваат. Искреноста, се разбира, не е замена за интелигенција. Тоа на глупаците тешко им се докажува.

АНАТОМИЈА НА РАСПАДОТ

Секоја сличност на методите на руската „суверена демократија“ со доктрината на владеењето на Груевски во Македонија е намерна. Па и овој Сурков (во релативна смисла) многу ме потсетува на нашиот Протуѓер, или обратно. Ако руските гасни и нафтени резерви се споредат (во релативна смисла) со напорот на Ставрески неопходните македонски ресурси за владеење да се пронајдат во секојдневното, милионско задолжување на државата; и ако на тоа се додаде Унијата на млади сили на ДПМНЕ како копија на „Наши“ – мислам дека компарацијата сосема се заокружува. На Латас и Ивона најдете им, по ваш избор, место во оваа авторитарна формула.

Затоа е анатомијата на падот на режимот на Груевски толку занимлива содржина за разни меѓународни фактори, источни и западни, кои македонската ситуација ја третираат како лабораторија за распадот на моделот на новата „суверена“ автократија. Напорот овде да се обнови функционирањето на правната држава ја надминува локалната важност на самата демисија на режимот на Фамилијата. Дали во тоа ќе се успее, примарно, по институционален пат, или сепак ќе мора да заиграат и други „вонинституционални“ методи (нервозата на подизведувачкото бизнис-крило во ДПМНЕ, да речеме), останува да видиме. Но, едно е извесно: со нашиот деспот е завршено, сега и засекогаш и за вечни времиња. Аман!

Другото е фолклор, прашање на време и прилагодлива технологија. Избори? Нема да има додека не се воспостави правната држава. Затоа, без вишок возбуда, молам. За да не дојде до несакано испукување.

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото