Неталентирани писатели

21.03.2016 12:26
Неталентирани писатели

НЕТАЛЕНТИРАНИ ПИСАТЕЛИ

Неталентираните писатели почесто користат телефон од компјутер, почесто чукаат на вратата на кабинетот, отколку на машината за пишување и повеќе се служат со микрофон, отколку со пенкало. Тие повеќе им пишуваат на министерствата, отколку што се занимаваат со поезија. Почесто ѝ пишуваат дојави на полицијата, отколку проза. Подолго пишуваат поздравни телеграми, отколку афоризми.

Ако го пуштите неталентираниот писател во списание, тој сака и во читанка. Ако влезе во читанка, сака и во антологија. Ако влезе во антологија, сака и во академија.

Лошите писатели составуваат антологии за да бидат во нив. Воспоставуваат награди за да ги доделуваат себеси. Основаат списанија, за да се објавуваат себеси.

Неталентираните писатели не читаат ништо, дури ни тоа што самите го напишале. Инаку, не би објавувале толку неписмени текстови.

Тие постојано раскажуваат за своите омилени писатели. А тоа се самите тие.

Писателите без дарба не објавуваат книги кога ќе напишат добар ракопис, туку кога ќе најдат спонзори. Ним не им е битно книгите да се читаат, туку да се објавени. Тие кусокот на талент го надоместуваат со вишок книги. Неталентираните писатели немаат време да пишуваат, бидејќи постојано бараат спонзори. Лошите писатели не ги собираат своите трудови, туку донатори. Тие, понекогаш, ќе напишат и нешто добро. И тоа тогаш кога плагираат квалитетен писател.

Лошите писатели не настапуваат само на книжевни вечери, пладниња и утра, туку и на слави, родендени, академии, журки и приеми... Тие не бараат хонорари. Подготвени се да платат, за да настапат.

Тие држат до туѓото мислење, само ако некој ги фали. Ја чуваат животната средина, зашто не фрлаат ништо од она што го напишале. Писателите без дарба, немаат дарба ниту да го сфатат тоа. Тие се интересни како појави, но здодевни се како писатели.

Сепак, не треба да ги осудуваме! Подобро да пишуваат лошо, отколку да се занимаваат со криминалот добро.

ПИСАТЕЛОТ И НЕГОВАТА СУДБИНА


Цела деценија пишував против диктаторот и неговиот злосторнички режим. Хируршки остро засекував по гнилото ткиво на поранешното општество. Им ги отворав видиците на читателите и покажував какво зло се накотило. Сатрапите на власта поради тоа не ме сакаа. Полицијата ме приведуваше и ме распрашуваше. Судовите ги забрануваа весниците во кои пишував. Со претрес во печатницата ги запленија моите две книги. Трипати морав да платам висока казна според тогашниот закон поради наводна клевета. Ме обвинуваа на своите строго контролирани телевизии дека не му сакам добро на својот народ и дека работам за странски сили. Повремено од врвот на власта ми се закануваа преку опасни криминалци. Неколкупати ми ги кршеа прозорците на станот и ми ги дупеа гумите на автомобилот. Се распрашуваа за мене кај соседите и ги врбуваа да ме кодошат. Ме спречуваа да учествувам во најзначајните книжевни манифестации.

Своите критички ставови не можев да ги објавувам во режимските весници, но ги печатеа независни медиуми. Моите книги не ги објавуваа државните издавачки куќи, но ги објавуваа приватните. Не ги добив Седмојулската и наградата на АВНОЈ, но не ме заобиколуваа престижни алтернативни награди во земјата, како ни угледни признанија во странство. Не можев да се вработам во домашните институции, но затоа добивав стипендии и помош од странските влади.

Ме канеа на книжевните вечери во градовите во кои на власт беше опозицијата. За многумина бев херој. Тајно ги читаа моите сатири, ги копираа, ги прераскажуваа на други. Многумина беа среќни кога ќе ме запознаеја, бидејќи ме почитуваа поради книжевната и човечката храброст. Моите книги ги купуваа и за себе и за пријателите. Благодарение на таквата популарност имав и неколку врски со убавки девојки.

Живеев за денот кога авторитарниот претседател ќе замине од власта. Целиот свој живот му го посветив на тоа. А тогаш диктаторот го причини најголемиот злочин, кој никогаш нема да му го заборавам, ниту да му го простам. Подлецот замина од власт, без поздрав, онака курвински, ненадејно.

Поднесе оставка, а јас останав без тема, без инспирација, без мотив, без работа, без слава, без хонорар, без пријатели, па и без оние девојки...

Ме остави да тагувам и да жалам вечно.

Александар Чотриќ (1964) Српски писател и сатиричар. Пишува хумористично-сатирични раскази и афоризми, кои се преведени на дваесетина јазици. Поважни книги: „Петта колона“, „Кратки резови“ „Раскази пред будење“, „Гола вистина“, „Пострежимски мисли“, „Афоризми за деца“, „Присторување“.

Извор: Присторување, Слово љубве-Букви букс, Скопје, 2015.
Превод од српски: Гордана Јовиќ-Стојковска
Слики: Fra.Biancoshock

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото