Следниот пробив во книжевноста...

30.04.2010 11:46
ralph-gibson.jpg

Следниот голем пробив во книжевноста: Да знаеш дека знаат дека ти знаеш

За да го илустрира највозбудливото, ново поле за научно истражување – според сè поголем број книжевни теоретичари – професорот по англиски јазик од Универзитетот Кентаки се повикува на епизода од ТВ серијата „Пријатели“.

(Следете внимателно; зборуваме за науката за англискиот јазик). Откако Фиби и Рејчел сфаќаат дека Моника и Чендлер се во тајна врска, прават заговор да се мајтапат со нив. Во меѓувреме, вљубениот пар ги открива нивните намери и се обидува да ги сврти картите во своја корист, но Фиби ги разоткрива повторно и повратно се обидува да пронајде начин да ги надмудри. Како што самата и’ кажува на Рејчел, „Тие не знаат дека ние знаеме дека тие знаат дека ние знаеме“.

Овој повеќеслоен процес на разбирање за тоа што Другиот мисли – процес на читање на мислите – е вообичаена литературна алатка, но и основна вештина за преживување. Од каде способноста кај човекот, и која мозочна активност е одговорна за неа, се прашања кои ги преокупираат пред сè когнитивните психолози.

Денес истиве прашања ги поставуваат професорите и студентите на постдипломски студии по англиски јазик. Тие се убедени дека науката покрај тоа што неочекувано проникнува во индивидуалните ракописи и текстови, може да го даде и одговорот на прашањето во однос на основната причина за постоењето на литературата: зошто читаме белетристика? Зошто сме загрижени и зошто емотивно се приврзуваме за ликови кои не постојат во реалноста? Кои се основните ментални процеси што се активираат додека читаме?

Г-ца Лиза Заншајн, специјалист за британска литература од 18 век, се запознала со работата на еволуциските психолози во деведесеттите години додека посетувала постдипломски студии на Универзитетот Калифорнија во Санта Барбара. Вели дека во моментот кога се сретнала со нивната работа помислила „дека станува збор за најинтересното нешто што некогаш ќе може да го научи“.

Во време кога катедрите за книжевност на универзитетите се соочуваат со драстични намалувања на буџетите и со сè позачестена анализа и сомнеж во вредноста на хуманистичкото образование, калемењето на англискиот и психологијата ја нуди потребната ревитализација и вдахнува нов живот во академското поле.

Џонатан Готшол, кој обемно ја користи еволуциската теорија за да ја објасни белетристиката, вели дека денес, кога сите зборуваат за „смртта на хуманистичките науки“ овие научни истражувања се нов момент „кој дава надеж“. Според него, научниот пристап може да ги спаси катедрите по литература од неповолната положба во која се најдоа во последниве петнаесетина години.

Ревносниот ентузијазам за политички оптоварените и неретко мистериозни теории кои ја даваа енергијата на катедрите по хуманистички науки во седумдесеттите, осумдесеттите и деведесеттите – Марксизмот, структурализмот и психоанализата – постепено исчезнува. Оттогаш па наваму новата генерација универзитетски професори е во потрага по следното „Големо нешто“.

Човечкиот мозок може да биде одговорот. Според Готшол, продирањето во основите на човековата фасцинираност од белетристиката и фантазијата е како „скицирање на земјата на чудата“.

Во последно време литературата и другите академски полиња, вклучувајќи ги историјата и политичките науки, се користат заедно со технологијата на скицирање на мозокот и принципите на еволуцијата во обид да се добијат емпириски докази за недокажливите теории.

Интересот за пристапот порасна во последнава деценија. Елејн Скери, професор по англиски јазик на Универзитетот Харвард, има одржано околу 2000 семинари на тема когнитивна теорија и уметност. Низ годините учесниците на семинарите истражуваат, на пример, како функционира делот од мозокот кој е одговорен за визуелноста, во обид да објаснат зошто делата на импресионистите ни изгледаат како да треперат. Психологот од Харвард, Стивен Кослинг, наскоро ќе одржи предавање за создавањето на менталните слики и меморијата – двете функции на мозокот кои се повикуваат да помогнат секогаш кога читаме.

Во 1999 година, г-гица Заншајн заедно со десет свои колеги добила одобрение од Здружението за модерни јазици да формира група која ќе го применува когнитивниот пристап кон литературата. Минатава година групата броела 1.200 членови. Но, за разлика од Готшол, Заншајн верува дека когнитивните истражувања може да ги надополнат постојните литературни теории, но не и целосно да ги заменат. Г-ца Заншајн особено е заинтересирана за „теоријата на мозокот“ која ја вклучува способноста на личноста да ја интерпретира менталната состојба на Другиот и да го открие изворот на одредена информација со цел да ја процени нејзината валидност.

Во романите на Џејн Остин дејствието често се гради врз основа на погрешни толкувања. На пример, во романот „Ема“ истоимената хероина претпоставува дека вниманието на г-динот Елтон значи дека тој е романтично заинтересиран за нејзината пријателка Хариет, и покрај тоа што тој всушност има намера да се ожени со Ема. На сличен начин таа погрешно го толкува и однесувањата на Френк Черчил и г-дин Најтли и пропушта правилно да ги препознае кон кого тие се наклонети.

Според Заншајн, луѓето можат истовремено да следат само три различни ментални состојби. На пример, пропозицијата „Петар рече дека Павле верува дека Мери сака чоколадо“ не е премногу тешка за следење. Но, доколку додадеме четврто ниво, наеднаш станува многу потешко. Зајнштан вели дека експериментите покажале дека кога ќе се додаде и петти слој разбирањето опаѓа за 60 проценти. Модернистите од рангот на Вирџинија Вулф се особено тешки за разбирање, зашто Вулф бара од читателите истовремено да следат и по шест ментални состојби – или како што научниците ги нарекуваат, нивоа на намери.

Заншајн претпоставува дека оваа човечка вештина е поврзана со интригата на сексуалното парење. Што мислам, му се допаѓам јас или му се допаѓа таа? Без разлика која е основата која го предизвикува ова, Заншајн смета дека заемното дејство помеѓу три ума е привлечно за луѓето, но и потребно. Таа вели: „Доколку имав идеолошка агенда, ќе креирав приказна која вклучува триаголник од умови, зашто ваквиот сооднос на луѓето им предизвикува најголемо задоволство“.

Г-ца Заншајн е дел од истражувачкиот тим кој вклучува професори по литература и когнитивни психолози кои го скенираат мозокот за да испитаат како функционира механизмот што стои зад читањето. Проектот кој е финансиран од Фондацијата Тигл, а е организиран од Лабораторијата Хаскинс од Њу Хевн, има за цел да ја подобри способноста за читање на студентите.

„Тргнуваме од претпоставката дека постои разлика во начинот на кој луѓето читаат кога го читаат, на пример, Марсел Пруст или Хенри Џејмс и кога читаат весник. Веруваме дека постои одредена когнитивна вредност која се додава кога читаме сложени литературни текстови“, вели Мајкл Холкист, почесен професор по компаративна литература на Универзитетот Јејл, кој го води проектот.

Неговиот тим потрошил речиси една година само за да одредат како воопшто да ја тестираат и измерат комплексноста. На крајот заклучиле дека тоа може да го направат со „читање на умот“ или, со мерење на способноста одредена личност истовремено да следи неколку извори. Во пилот студијата, која тој се надева дека официјално ќе почне следнава пролет, ќе учествуваат 12 субјекти. „Секој од нив ќе биде ставен во магнет“ – машина за магнетна резонанца – „и ќе има за задача да чита текстови чија комплексност постојано ќе се зголемува, додека ние следиме што се случува во нивниот мозок“, објаснува Холкист.

На другата страна на земјата, доцентот по англиски јазик на Стенфорд, Блејк Вермејл, пристапува на теоријата за мозокот од малку поинаков агол. Таа поаѓа од претпоставката дека еволуцијата е одговорна за нашата љубов кон белетристиката и потоа се обидува да ја истражи наративната техника, попозната како „слободен индиректен стил“ во која се преплетува гласот на нараторот со гласот на ликот. Индиректниот стил во литературата овозможува читателите истовремено да се вдомат во менталниот склоп на неколку ликови.

Според Вермејл, стилот кој е карактеристичен за романот од почетокот на 19-от век и кој стана препознатлив со Џејн Остин, еволуирал зашто го задоволува човековото „силно интересирање за тајните, мислите и мотивациите на другите луѓе“.
Патот помеѓу двете дисциплини – науката и книжевноста – може да оди во два правци. „Белетристиката нуди нова перспектива во процесите на еволуцијата“, вели Вилијам Флеч, професор по англиски јазик на Универзитетот Брендајс.

Според него, прозата ни помага да разбереме како алтруизмот еволуирал и покрај нашите себични гени. Замислените јунаци тој ги нарекува „алтруистички санкционери“ или луѓе коишто ги исправаат неправдите, иако самите немаат никаква корист од тоа. Според Флеч, за да нè „поттикне да продолжиме да соработуваме еден со друг, природата нè потпомагала со непријатните чувства на шок и бес“ кон измамниците, и чувството на задоволство кога истиве ќе бидат казнети. Луѓето уживаат да читаат белетристика, токму затоа што белетристиката е преполна со „алтруистички санкционери: Едип, Дон Кихот, Хамлет, Херкул Поаро...“.

Според Вилијам Флеч, „еволуцијата не ни помага да проникнеме во белетристиката,туку белетристиката ни помага подлабоко да проникнеме во механизмите на еволуцијата“.

Извор: New York Times

Превод: Ана Ангелова

Фотографии: Ралф Гибсон

ОкоБоли главаВицФото