Монолог на песот вплеткан во историјата

21.03.2016 13:36
Монолог на песот вплеткан во историјата

Има кучиња и кучиња. Јас бев пес избран.
Имав добри документи и во жилите волчја крв.
Живеев на височинка и ги вдишував мирисите од погледите
спрема ливадите на сонце, смреките на дожд
и грутките земја под снег.

Имав чесна куќа и луѓе да ми служат.
Ме хранеа, миеја, четкаа,
изведуваа во пријатни прошетки.
Ме имаа предвид, ама немаа доверба.
Секој знаеше чие сум куче.

Која било мочана џукела може да има господар.
Чекај – застани, чувај се од споредби.
Мојот господар беше господин од посебен ков.
Поседуваше големо стадо за во чекор да го следи
и да го гледа со богобојазлив восхит.

Мене ми упатуваа насмевки
со лошо скриена љубомора.
Оти само јас имав право
да го дочекувам рипајќи во воздух,
само јас се поздравував влечејќи го со забите за ногавици.
Само мене ми беше дозволено
со главата на неговите колена
да ги примам милувањата и чешкањата зад уши.
Само јас пред него можев да се преправам дека спијам,
а тој тогаш се наведнуваше и ми шепотеше.

На другите им се лутеше често и гласно.
Ржеше на нив, касаше,
трчаше од ѕид до ѕид.
Мислам дека ме сакаше само мене
и веќе никогаш, никого.

Имав и обврски: да чекам, да му верувам.
Тој се појавуваше накусо а потоа долго го немаше.
Што го задржуваше во долината, не знам.
Затоа нагаѓав дека тоа се важни работи,
барем толку важни
колку што е за мене борбата со мачки
и со сето она што непотребно се мрда.

Има судбина и судбина. Мојата наеднаш се промени.
Дојде една пролет
а него го немаше крај мене.
Во домот настана чудна мешаница.
Сандаците, ковчезите, торбите, беа набуткани во колите.
Возилата трубејќи се спуштаа удолу
И се губеа зад свиокот.

На терасата гореа некаков отпад, крпи,
жолти блузи, повези со црни знаци
и многу многу искинати кутии
од кои испаѓаа знаменца.

Се моткав низ тој метеж
повеќе зачуден отколку лут.
Врз влакното чувствував непријателски погледи.
Како да сум ничиј пес,
Наметлив уличар
Кој веќе на дното од скалите треба да се исшутира.

Некој ми го скина сребреното ремче.
Некој ја шутна чинијата со денови празна.
И тогаш, последниот некој, пред да тргне на пат,
Ѕирна низ стаклото на автомобилот
и пукаше во мене два пати.

Дури не умееше ни да погоди ко што треба,
бидејќи умирав уште долго и болно
во зуењето на раздразнетите муви.
Јас, песот на својот господар.

Препев: П. В.

ГИФ: Александар Јосифовски
Слики: Свирачиња

Оригиналната песна

Шимборска на Окно

Вислава Шимборска (Wislava Szymborska, 1923-2012) е родена во Курњик покрај Познањ. Најголемиот дел од животот го поминала во Краков. Како поетеса, дебитирала по Втората светска војна. Остварила по обем мал, но значаен опус. Околу 350 песни во текот на шеесет години пишување. Овенчана е со најголеми признанија во Пoлска и во светот. Во 1996 ја доби Нобеловата награда за литература. Преведена е на сите позначајни јазици на светот.

Посебност во секој поглед. Апсолутна препознатливост. Пред сè во областа на јазикот и стилот, втемелена во нејзината неверојатна дистанца спрема светот кој го опишува; спрема историските настани, биолошката условеност на човекот, општествената улога на поетот, филозофските системи, идеологијата, вистината, навиките, стереотипите, фрустрациите, масовната култура...
Кога станува збор за јазикот на Шимборска, тој е наизглед едноставен. За преведувачот, меѓутоа, тој спаѓа меѓу најсложените. Таа сложеност се покажува во мешањето на високиот и нискиот стил, во посебната употреба на зборовите, во звуковните повторувања и, пред сè, во примената на парадоксите. Таа е вистински рационалист. Нејзините судови и чувства се крајно одмерени, дури студени, но благодарение на иронијата во песните тие делуваат исклучително разиграно. Со оглед дека ретко објавувала, без претерување може да се каже дека секоја нејзина песна е мало ремек дело.

Поетски збирки: Зошто живееме (1952), Прашања поставени на себе (1954), Довикувањето на Јети (1957), Сол (1962), Да умреш од смеење (1967), Секој случај (1972), Големата бројка (1976), Луѓе на мост (1986), Крај и почеток (1993), Момент (2002), Две точки (2005) и Овде (2009).

Слични содржини

Книжевност / Уживање / Култура
Книжевност
Книжевност
Книжевност / Стрип / Култура

ОкоБоли главаВицФото