За албумот „Политика“ на Bernays Propaganda

22.03.2016 13:21
За албумот „Политика“ на Bernays Propaganda

Новиот четврти албум на Bernays Propaganda, Политика, претставува музички документ на актуелните политички проблеми, но и документ на долгиот мачен транзициски период на Македонија. Покрај улогата на цензор, државата најчесто се поврзува со музиката со цел да има пропагандна улога. А националните химни се типичен пример. Политика се отвора со краток мотив од химната на Македонија Денес над Македонија, и се затвора со микс од химните на СФРЈ Хеј Словени и на Македонија, со што се рефлектира комплексниот пат кој никако да се заврши, односно да се излезе од „полошиот систем“ и да се влезе целосно во „подобриот систем“ на државно уредување. Од друга страна, пак, останува отворено прашањето за ефектот на соединување, сплотување на нацијата преку химните, начините како се избрани, се занемаруваат информации дека дел од музичките теми на одредени химни не потекнуваат од фолклорот на конкретната нација туку од друга.

Генерално Политика преку 9-те песни нуди музичка креација инспирирана од локалната политичко-социјална и културна состојба во последниве неколку години. Веќе во песната Политика која го отвора албумот има сублимација на претходно кажаното, на пример, пролета е одлично време за војна, или некој пие виски и нарачува смрт. Музичкиот концепт на албумот е динамичен, разновиден, во комбинација на разни музички стилови, или дијалози меѓу инструменталните делови и соло вокалот. На пример, Повеќе почнува пожестоко со гитарски рифови, но понатаму следи посмирен тек на мелодијата кај вокалот, па рецитирање, и иако трае 6 мин, брзо поминува бидејќи цело време нè анимира музички и текстуално. Повеќето ангажирани текстови, креирани и испеани од Тина Горовска, се испреплетени не само со рок, туку и со нови музички елементи за бендот од областа на електро-поп. Разбирливо, има периоди на промена, а освен Васко Атанасоски и Тина бендот има нов член - Дени Крстев, и плус враќањето на стариот член Саша Павловиќ. Истовремено се слушаат, чувствуваат и лични (женски) размислувања на Тина од кои секако може да пронајдеме одреден сегмент кој е дел и од нашите животи. На пример, во песните Не сум веќе убава, Јалова, Сакав да се заљубам, Армија. Армија е интересна песна базирана на игрива музичко-ритмичка база, во текстот има приказна во повеќе делови, на почетокот може да се залажеме дека слушањето може да помине поопуштено, но тоа е краткотрајно, завршува кога таа се спрема да оди во војска. Во транзицискиот период исполнет со корупција, скандали, убиства, атентати, протести, политички кризи, се создадоа одреден број песни или албуми кои се директно инспирирани од одредени политички проблеми. На пример, песната Атентатот врз Киро од Нулта позитив, чиишто стихови и после 20 години се актуелни и денес, албумот Детето и белото море од Мизар инспириран од одбивањето на Македонија да биде примена во НАТО во 2008 г., песната Студентска 2014 од Телемама инспирирана од студентските протести, албумот Ex You на PMG Kolektiv, од 2015 г. во кој има критички став кон проектот „Скопје 2014“. И во Политика има коментар на последиците од грандоманскиот проект „Скопје 2014“, во песната Сакав да се заљубам преку стиховите „калта е новата граѓанка“ или „граду, веќе не те познавам“. Ова е продолжување на приказната за „Скопје 2014“ на Bernays Propaganda, а таа започна со песната Булдожер од 2010 г. која беше вовед во сè што следува или сè што нè чека со проектот „Скопје 2014“. Пораката на Булдожер не само што ја прикажува тогашната и сегашната иста актуелна политичко-социјална и културна состојба на градот, туку таа ја рефлектира и политичката моќ на власта, истовремено, според ставот на Атали, ја прикажува врската помеѓу музиката и политичката моќ - музиката е опозиција на доминантната културна политика. Истовремено овие две песни на Bernays Propaganda се пример на живеење со „културната меморија на сегашноста“, живеење со едно минато кое никако да заврши, минато кое секојдневно го променува, изобличува нашето секојдневие.

Пред официјалното излегување на албумот, имавме најава за истиот со видеото за Лажи ме, лажи ме, песна која се базира на певлива нежна мелодија во рефренот, која лесно се запамтува, иако се чувствува и одредена меланхолија. Се случи Лажи ме, лажи ме да биде неколку недели најбарана и на прво место на Мак топ листата на Радио Антена 5, но и број еден на Зависна листа на Радио Канал 103. Оваa состојба претставува дијалогична комуникација на разните музички сцени - комерцијална и инди или меинстрим и алтернативна. Исто така е пример за квалитетната песна, но можеби има и надеж дека ќе привлече повеќе слушатели (помлади) на рок или инди рок музика. Политика како имплицитен атак на доминантната политичка, социјална и културна состојба може да биде и поддршка за сите индивидуалци или групи кои се стремат за подобрување на нашето општество.