Тишина во студиото!

30.04.2010 12:19
Пинк Флојд

 

(40 години Atom Heart Mother)

Пред точно четириесет години, славната млада четворка наречена Пинк Флојд, полека, но сигурно започнува да го остава својот печат врз богатата музичката историја на светот, притоа пробивајќи еден пат кој дотогаш бил сокриен некаде низ бројните варијациите на звукот. Со четири студиски албуми зад себе, од кој последниот наречен Ummagumma, бендот, во период од март до август 1970-та започнува да го снима својот петти албум (Atom Heart Mother), за кој денеска, гледано од оваа дистанца, може да се каже дека ја дефинирал траекторијата по која бендот ќе патува во иднина.

Иако првите два албуми („The Piper at the Gates of Dawn“ и „A Saucerful of Secrets“) беа преплавени со духот на Барет и LSD звуците на шеесеттите години, а нивниот „Ummagumma“ претставува дефинитивното добредојде на гитарата Дејвид Гилмор, тогаш „Atom Heart Mother“ несомнено е првото чедо на бендот кое, како такво, гордо ќе застане на почетокот на славната низа во која подоцно ќе се подредат едни од најуспешните винили во историјата на музиката.

Но овој албум не само што претставува еден вид предвесник за она што следи, туку тој е и албум кој ќе воспостави нови стандарди во прогресивната музика и нејзиниот подгранок - симфонискиот рок. Се разбира, ваквиот спој на класичната музика и прогресивниот рок воопшто не е нов. Уште пред овој бенд да зачекори во водите на симфо-рокот, на сцената постоеле славните имиња на King Crimson, Emerson-Lake-Palmer, Camel, Yes, Nice, Eloy и ред други. Меѓутоа, она што е различно овојпат е тоа дека класичната музика и оркестарот сега не се тука само да му дадат поддршка на бендот, туку и тие гласно да кажат што мислат.

Албумот, слично како и Ummagumma, е поделен на два дела. Првиот го сочинува маестралниот 24 минутен симфониски комплет од шест секвенци, првично наречен „Amazing Pudding“, кој ќе го достигне првото место на Британската топ листа, додека вториот дел е збир од четири песни – од кој секоја претставува авторско дело на различен член од бендот.

„Amazing Pudding“, подоцна преименуван во „Atom Heart Mother“ (името е преземено од статија во весникот „The Evening Standard“, насловена како „Atom Heart Mother Named“ во која се зборувало за жена на која и бил вграден нуклеарен пејсмејкер), е оркестриран и ко-компониран од страна на Рон Гисин. Комплетот од шест песни, кои подоцна ќе го добијат ова славно име, бил снимен од страна на Пинк Флојд, меѓутоа, пред да стигне до рацете на Рон тој не бил воопшто прецизно дефиниран. Гисин се согласил да соработува со бендот и неговата задача била да создаде една сензитивна музичка наслага врз веќе постоечкиот музички колаж.

Почетната секвенца, за која може да се каже дека претставува и главна тема на ова долго парче музика, е преземена од неколку арпеџа на Дејвид Гилмор. За време на снимањето на оваа комплексна трака се појавиле повеќе тешкотии, започнувајќи од недоволното класично музичко познавање на креаторите на делото, вклучувајќи повеќе поединци, слабите оркестарски изведувачи и завршувајќи со потешкотии во снимањето и диригирањето на оркестарот. Долгоминутното дело се покажало и доста нефлексибилно и тешко за изведување кога станувало збор за живите настапи. Во документарецот наречен „Reflections and Echoes”, посветен на целокупното творештво на бендот, Роџер Вотерс ќе изјави дека денес не би го свирел колажот Atom Heart Mother Suit ниту за милијарда долари! Неколкуте живи настапи кои се документирани, од прв до последен звучат лошо, првично поради лошите снимки, а потоа и поради лошато изведба – пред сè, онаа на оркестарот и дувачките инструменти.

Atom Heart Mother Suit е разнобојно дело во кое може да се најдат многуте карактеристики на музиката на бендот. Првата секвенца наречена „Father's Shout“ започнува со дувачки инструменти и органа, по што следи еден силен влез кој ја навестува главната тема.

Како што споменав и претходно, оркестарот ја води музиката. Во оваа петминутна секвенца, проследена со разни музички ефекти и прекрасна бас линија, се чини небаре органата и гудачките инструменти постојано разговараат, па едни на други си поставуваат прашања и си даваат одговори. Втората секвенца, „Breast Milky“, сè уште ја следи главната тема, но овојпат неа ја предводи нежен женски хор (нешто што ќе послужи како инспирација дури и на метал музичари како Кристофер Џонсон). Во третата секвенца, „Mother Fore“, нагласокот најпрвин паѓа на блуз солото на Гилмор, за подоцна преку чуден машки хор, кој наликува на некое обредно пеење, повторно да се најде во почетната/главна тема на колажот. По кратката завршница на почетната тема започнува четвртата секвенца, „Funky Dung“. Во оваа секвенца се користени најразлични звучни ефекти, некои планирани, а некои сместени таму преку случаен експеримент. Оваа секвенца потсетуваа на некои панични делови од Ummagumma и трае некаде околу две минути, по што започнува „Mind Your Throats, Please“ – секвенца која само тивко започнува како главната тема, а продолжува со бесниот звук на дувачките инструменти. Крајната тема „Remergence“ како да ги собира сите претходни во една, славно ја завршува страната на албумот.

B“ страната на албумот пак, носи звук кој значително се разликува од оној претходниот. Првата песна наречена „If“ е компонирана од страна Вотерс. Оваа песна дефинитивно претставува предвесник за потентната лирика поради која Вотерс подоцна ќе биде прогласен за еден од најголемите рок писатели на денешницата. Песната има фолк елементи и е една од оние кои авторот ќе ги изведува во живо како дел од неговата соло кариера. Наредната, наречена „Summer '68“, е исто така со посмирена динамика. Автор на песната е веќе починатиот Рик Врајт и во неа тој опеал една ноќ на една рок ѕвезда – нешто што во подоцнежниот период во одредена мерка ќе му послужи на Вотерс за создавање на феноменалниот The Wall. Третата песна, позната под насловот „Fat Old Sun“, претставува ремек дело создадено од Гилмор. Во неа можат да се препознаат сите подоцнежни остварувања на Гилмор, почнувајќи од песните како „Childhoods End ” и завршувајќи со неговите соло проекти и свежата „Smile”. Секако, важно е да се напомене дека оваа песна отсекогаш подобро звучела во живо, отколку на албумот. Последната песна на албумот е „Alan's Psychedelic Breakfast“ - тринаесетминутно дело поделено во три секвенци. Низ него може да се чујат блуз солажите на Гилмор, од кој едната ја позајмува темата на “Fat Old Sun“, како и гласот на Ален Стилс, кој зборува за неговиот појадок, додека во позадина преку звучни ефекти се слуша приготвување на истиот.

Atom Heart Mother, веднаш после објавувањето, на изненадување на сите, остварува голем комерцијален успех, иако далеку помал од оној на „Темната страна на месечината“ и „Ѕидот“. Најголемата причина за тоа е, пред сè, недостатокот од лирика и големата тематска варијабилност на албумот. Се разбира, во овој период, бендот сè уште го дефинира својот стил на изразување и она што подоцна ќе биде нивна незаменлива марка, па така албумот, набљудуван наспроти нивното целосно творештво, претставува сосема логична верига во целиот тој синџир.

Обвивка на која стои една крава на зелена полјана ќе се најде и во филмот на Стенли Кјубрик „Clockwork Orange“. Кјубрик сакал дел од музиката да ја искористи за својот филм, меѓутоа бил одбиен од страна на бендот. Еден вид реванш се случува години подоцна, кога Кјубрик не му дозволува на Вотерс да искористи дел од неговата славна „Одисеја 2001“ за еден свој концерт.

Денеска, после четириесет години од снимањето на овој феноменален албум, секој знае да каже по нешто за безвременоста на Пинк Флојд. Успесите кои следат после овој албум заслужено го искачуваат бендот на самиот врв на модерната музика, правејќи од славната четворка бенд за кој многу ретко, речиси воопшто не може да се чуе лоша критика. Иновативноста и креативноста на членовите денес претставува инспирација за бројни имиња и тоа не само од светот на рокенролот, туку и стотици други правци во модерната музика. Едно е сигурно – никој не останал рамнодушен на звуците на овие музички архитекти.

Во 1994 година направен е ремастер на Atom Heart Mother.

Напиша дека од втората

Напиша дека од втората натаму, секоја песна е напишана посебно од секој член. А каде е Ник Мејсон? Или „Alan's Psychedelic Breakfast“ е неговата?

Ник бил задолжен за

Ник бил задолжен за електронските ефекти на песните од „В“ страна, а посебно бил ангажиран на „Alan's Psychedelic Breakfast“ - така да иако поголем дел од работата ја направил тој, на неа се потпишале сите членови.
 
 

Убави нешта си споделил :)

Убави нешта си споделил :) Сепак најмногу ти благодарам што ме поттикна пак да го слушам албумов после долго време. 
 

Баш ми е драго Ана.

Баш ми е драго Ана.

ОкоБоли главаВицФото