Џихад made in Белгија

22.03.2016 15:47
Џихад made in Белгија

По минатогодишните терористички напади во Париз, Белгија ја биеше глас на упориште на радикалните исламисти во Европа. Многу белгиски градови оттогаш се обидуваат да ја спречат радикализацијата на младите муслимани.

 

Еден ден по својот 18-ти роденден, едно момче од Антверпен отпатувало во Сирија каде им се приклучило на единиците на т.н. Исламска држава. Неговата мајка Фатима не знае дали син ѝ е жив или не. „Секој ден плачам. Мојот живот стана хорор филм“, раскажува оваа жена. Неколку денови по неговото исчезнување добила писмо во кое синот ги објаснува своите намери. „Тоа за мене беше како погреб. Знам дека никогаш повеќе нема да го видам.“

Фатима, мајката на момчето кое заминало во Сирија, не сакаше да го задржи тажниот израз пред камера.

Тажен рекорд во Вилвоорде

„Радикализираните момчиња кои заминуваат во Сирија не се само конкретна опасност на боиштето, туку и тешко бреме за своите семејства кои ги оставаат во Европа“, вели социјалниот работник Моад ел Будати од гратчето Вилвоорде покрај Брисел. Ова гратче го држи неславниот рекорд, не само во Белгија туку и во цела Европа. Одовде 28 момчиња заминале на боиштата во Сирија и Ирак. Во 2014 градските власти покренаа проект кој би требало да ги спаси младите сограѓани од радикализација. Програмата е успешна, бидејќи оттогаш ниту еден млад муслиман не се приклучил на Исламската држава. Ел Будати објаснува како градот сега се обидува да им пружи некаква перспектива на младите, да им даде смисла во животот, некакво занимање. И околу верските прашања се разговара со младите. Толкувањето на Куранот повеќе не им е препуштено на селафиите. „Исламската заедница призна дека во минатото направила грешка во односот кон младите. Сега нудат верски курсеви. Само оној кој ќе ја признае грешката може да промени нешто“, заклучува социјалниот работник Ел Будати. Неговиот најдобар пријател пред неколку години отишол во Сирија, каде што загинал. Секое муслиманско семејство во Вилвоорде знае некој што се приклучил на ИСИС. Во меѓувреме, постои повисок степен на сензибилност на првите појави на радикализацијата.

Барт Сомерс, градоначалникот на Мехелен

„Тоа е како секта“

„На успех можат да се надеваат само оние кои тесно соработуваат со џамиите“, смета и градоначалникот на блискиот гМехелен. Барт Сомерс многу пред Вилвоорде или некој друг белгиски град презеде чекори за спречување на радикализацијата. „Имавме среќа. Од Мехелен никој не замина да се бори во Сирија“, вели Сомерс за Дојче веле. Тој ги објаснува методите на борбата против радикализацијата. „Важно е да му се пристапи на младиот човек во раната фаза и да се поврзе со лица од доверба. Најлоша е изолацијата. Зашто и сектите се обидуваат да ги изолираат своите жртви од останатите кои можеби би можеле да се вратат во општеството.“ Еден од инструментите на таа борба е и проектот „Полиција од соседството“ каде преку постојан дијалог со граѓаните постои обид да се открие проблемот и да се спречи во фазата на настанување. Но, Ив Богарт од полицијата во Мехелен признава дека им недостасуваат полицајци со муслиманско потекло. Полицијата во овој град веќе има искуство и во борба против радикализацијата на младите неонацисти. „Станува збор за постојана борба помеѓу хуманоста и демократијата од една и тоталитаризмот од друга страна“, вели градоначалникот Сомерс и го споредува денешниот исламизам со фашизмот од триесеттите години на минатиот век.

Антиисламски знак во Вилвоорде, гратчето-носител на неславниот рекорд.

„Во исламот се почитува желбата на родителите“

Во другите белгиски градови борбата против радикализацијата не е толку успешна како во Мехелен. Речиси 500 млади Белгијци заминале во Сирија и Ирак. Многумина дополнително радикализирани се враќаат дома. Општините како Моленбек во Брисел предоцна го открија опасниот потенцијал на повратниците. Освен тоа, во поголемите градови како Брисел е полесно да влезете и да исчезнете во масата. Од овој дел на градот потекнуваат и напаѓачите и овде се планирани нападите на Париз во ноември минатата година.

Фатима од почетокот на приказната во меѓувреме е активна во здруженија кои се борат против радикализацијата на младите муслимани. Таа им ја раскажува на заинтересираните семејната приказна, што, како што вели, не ѝ паѓа секогаш лесно. И сè уште му се лути на синот кој, во случај да е сè уште жив, во меѓувреме наполнил 20 години. „По телефон, веднаш откако пристигна таму, ми рече дека го прави тоа поради мене и дека ако загине, ќе се сретнеме на небото. Му реков: лично ќе те однесам во пеколот. Зашто во исламот мора да ги слушаш родителите. Ме правиш многу тажна.“

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото