Неквалитетното образование не создава активни граѓани туку поданици

23.03.2016 02:25
Неквалитетното образование не создава активни граѓани туку поданици

И покрај континуираното реформирање и вложување во нови проекти, квалитетот на образованието во Македонија е на рекордно ниско ниво и во континуиран пад. Системот првенствено ја девалвира наставничката струка и притоа продуцира ученици лишени од применливо знаење, изгубени во хаотичните лавиринти од реформи кои не се базираат на реалните состојби и потреби на образовниот систем. Образованието не создава активни луѓе способни за критичко размислување, а поданичката свест и дури и национализмот се дел од учебниците.

Статистиките се поразителни и од аспект на техничките услови во кои се одвива образовниот процес, како и во поглед на знаењето кое учениците го стекнуваат во училишните клупи. За сето време наставниците и професорите кои што се обидуваат да укажат на лошите состојби се соочуваат со игнорантски однос од надлежните институции.

Ова беа заклучоците од дебатата „Како да создадеме образование кое гради активни и бунтовни граѓани“ која се одржа на 19 март во Скопје, во организација на платформата „Заслужуваме подобро“. Дебатата беше своевиден сумарум од разговорите со граѓаните за проблемите во образовниот систем кои досега се одржаа во Битола, Охрид, Куманово и во Делчево. Беа изложени резултатите од теренските истражувања за состојбите во образованието, во организација на Центарот за меѓуетничка толеранција и Здружението на просветни работници во Македонија, почнувајќи од септември минатата година па сè до минатиот месец.

За 42 училишта распишан тендер, изградени само 27

Од 42 нови училишта за кои Министерството за образование и наука (МОН) имаше распишано тендер за изградба, досега се изградени само 27, од кои само 3 се пуштени во употреба со технички прием. Осумнаесет училишта работат без технички прием, додека пак другите воопшто не се пуштени во употреба иако се изградени, рече Владо Димовски, професорот во основното училиште „Алија Авдовиќ“ во Скопје.

- Замислете, 87 училишта во руралните средини воопшто немаат санитарни јазли, а 62 училишта во Македонија имаат решение од санитарна инспекција за затворање, но до ден-денеска работат без прекин - вели тој.

Според него, истражувања кои треба да добијат финална верификација во април, покажале дека една четвртина од наставниот кадар во Македонија е нестручен, односно без завршено високо образование.

- Некои од нив предаваат и до седум предмети и тоа од областа на природните науки! Во моментов има 6.860 такви наставници на државно ниво. Практично, една четвртина од наставниот кадар во Македонија е нестручен кадар – тврди Димовски.

Државата бара професори-поданици, губат учениците

Актерката, професорка на Факултетот за драмски уметности и активистка, Синоличка Трпкова, говорејќи за притисокот од системот врз професорите, сведочеше дека од нив се бара да се редуцираат на тесно специјализирани повторувачи на една иста материја, одвоена од поширокиот политички контекст. Ова, според Трпкова, е невозможно и неприфатливо, исто како и регрутирањето на професорските кадри за владините контрапротести.

- Во кратките биографии низ кои ја презентираме нашата стручност, нема графа за тоа колку си бил општествено активен, колку колумни си напишал, дали си чесен човек... Но, јас никогаш нема да се откажам од тоа да бидам пред сè човек – рече Трпкова.

Реферирајќи на слоганот „Заслужуваме подобро“, таа истакна дека луѓето го заслужуваат она за што самите ќе се изборат. Во тој контекст, ја нагласи и улогата на професорите во градењето на општествено свесни граѓани.

Душко Стојановски, професор во средното училиште „Орце Николов“ во Скопје, вели дека улогата на образовниот процес е пред сè да градат личности, а не безлични објекти.

- Ако наставниот кадар не размислува слободно и не ги следи општествените текови, тогаш не може ниту да ги научи учениците да бидат активни општествени чинители. Кое е тоа знаење, какви се тие лекции кои што потоа немаат никаква примена во функционирањето на животот на луѓето? - прашува Стојановски, кој беше активен како дел од Средношколскиот пленум и ги поддржа протестите на средношколците во 2015 година.

Тој првенствено ја лоцира вината во државните политики, бидејќи наставниот кадар долго време е потценет, а системот нема слух за квалитетни професори.

- Поинтелигентните и поспособните со тек на време проценуваат дека таков потценувачки однос не им одговара и не одбираат такви професии. Кон оваа професија гравитираат луѓе кои што немаат големи способности и на кои што тоа им е последна шанса и немаат други опции – рече Стојановски и заклучи дека државата губи многу на долг рок ако смета дека триумфирала со тоа што полесно воспоставила контрола врз неквалитетниот наставен кадар.

Европа нè потсетува – прво анализа, па реформи

Дона Костуранова од Младински образовен форум рече дека многу од препораките од последната резолуција на Европскиот парламент за Македонија се однесуваат токму на образованието.

- Се потенцира потребата од стратешко планирање на идните реформи и легислативни промени, како и вклучување на студентските и ученичките организации и движења во процесите на одлучување – рече Костуранова и додава дека е загрижувачки тоа што сме стигнале до фаза Европскиот парламент да ни укажува на вакви основни работи.

Таа ги издвои и клучните точки од извештајот на Светска банка кои се однесуваат на образованието.

– Извештајот на светска банка од 2015 година посочува дека образованието во нашата земја се влошува и покрај тоа што се зголемува обемот на средства кои што се трошат за него. Во 2013 година ние сме први во регионот по инвестиции во образованието, а имаме резултати кои што се под просекот во регионот, односно и тие средства кои што ги вложуваме не ги користиме правилно.

Според едно неодамнешно истражување на МОФ, 76 отсто од средношколците не мислат дека реформите произведуваат квалитетно образование. Половина од испитаниците сметаат дека образованието не создава активни луѓе способни за критичко размислување. Дури и самите содржини на учебниците се кочница за создавање активно граѓанство, рече Костуранова и објасни:

- Во учебниците се пласираат информации кои што на децата им ја прикажуваат власта сликовито како мускулест маж надвиснат над сите останати од кој треба да се плашиме, или дека добриот граѓанин треба да се откаже од своите права. Меѓу другото, се воспева и национализмот.

Родителите збунети, наставниците на отчет пред инспекција

Помеѓу присутните на дебатата, имаше и многу родители, како и наставници од основните и средните училишта. Родителите се пожалија дека по воведувањето на новиот Кембриџ систем, нивните деца се принудени од прво одделение да совладуваат материи коишто се за деца од трето одделение.

-Децата ни се комплексираат, а ние не знаеме како ода им помогнеме, ништо не ни е јасно од новиот систем. Исто така, не им е јасно и на наставниците – се пожали мајка на дете во второ одделение, кое учи по новата програма.

Наставниците пак, посведочија дека едно работат за пред инспекцијата, која практично ги заплашува и постојано им стои над глава, а друго работат со децата, не можејќи да се потпрат на лошите програми кои им се наметнати.

- Во МВР нема ваква контрола. Постојано треба да ги сликаме сите активности, за да докажеме што работиме. Треба да напишеме во која минута од часот што ќе се прави, како да не работиме со деца, со жива материја. Имаме интегрална и каква ли уште не инспекција, која пишува цели реферати за нашата работа и нè казнува. Практично сме сведени на писари, кои не стасуваат да ги приложат потребните документи за инспекторите, а најмалку време останува да се посветиме токму на она што треба, на потребите на децата – рече изреволтирана наставничка од едно скопско основно училиште.

Родителите, наставниците и професорите се свесни дека машинеријата на образовниот систем одвај ги врти своите запчаници од непрописно одржување. За тоа се свесни дури и самите ученици, кои не го добиваат она што би требало да го добијат за сите години минати во образовниот систем – знаењето и просторот за критичко дисецирање на општеството. Прашањето е како да се спречи слободниот пад кон дното и кои итни чекори да се преземат за постепено да се исправи болното образование на здрави нозе.

Извор: Слободен печат
Слики: Zev Hoover