Нема место каде да се избега од загадувањето

23.03.2016 03:58
Нема место каде да се избега од загадувањето

Една по една, професорот Трајче Стафилов од Институтот за хемија, ги менува мапите на Македонија на кои е прикажан степенот на загадувањето на почвите од различни тешки метали. Како предводник на поголем тим истражувачи, тој десетина години ги испитува почвите низ државата, особено кај жешките еколошки точки.

Со силна црвена боја се обележуваат најконтаминираните области, потоа се преминува кон посветла црвена, па жолта, па побледа зелена, и на крајот, со силна зелена се обележани најчистите. Во зависност од загадувачката материја, кадмиум, никел, жива или нешто друго, различни региони на мапите се со различна боја. Но ниеден регион во земјава не беше зелен на сите нив. Едноставно, не постои незагаден крај.

Професорот Стафилов е само еден од многуте научници и познавачи на состојбите со животната средина во Македонија, кои добро знаат колку застрашувачки се податоците добиени со истражувањата. Сепак, на земјата сè уште ѝ недостига силна и масовна дебата околу проблемите со загадувањето, како што беше нагласено и на научната трибина што ја организираше Македонското еколошко друштво, а каде што Стафилов, заедно со други излагачи, ја откри предупредувачката, или можеби загрижувачка вистина за тоа во какви услови живее населението.

Јаловишта во рудникот „Бучим“, Радовиш

Македонија, според податоците на Стафилов, годишно создава 19,5 милиони тони индустриски отпад. Од него, 4,6 милиони тони е опасен, токсичен отпад. Околу 90 отсто доаѓа од рударството, а 10 отсто од термоелектраните и од другата индустрија.

Состојбата со жешките точки е особено загрижувачка, пред сè Охис, МХК Злетово и рудникот Бучим. Во Охис, каде што врз депонијата со 13.000 тони линдан е фрлена 20.000 тони земја, со што се создал над 30.000 тони опасен отпад, подземните води се стотици пати позагадени од дозволеното, а почвите илјадници пати.

Охис, Скопје

Околу 6,6 квадратни километри од почвата во Велес, што го опфаќа целиот град и просторот околу топилницата, е екстремно загаден. Истражувањата покажале дека таа е неупотреблива, и треба да се отстрани до 40 сантиметри длабочина.

„МХК Злетово“, Велес

На толкава површина, тоа би значело да се исфрлат 60 до 70 илјади камиони земја. Во реонот на Велес, дури и прашината е 20 пати позагадена отколку што треба да биде почвата. Депонијата од Хемиската индустрија во Велес, пак, која е отворена и напуштена, е радиоактивна.

Арсен, антимон, талиум и многу други штетни материи има во македонските почви, во огромни количества. Десет квадратни километри околу РЕК „Битола“ се складиште за пепел. Тоа е поголема површина и од градот Битола. Во Јегуновце, пак, подземните води биле загадени дури и до 50 метри под земја. Среќна околност е што било утврдено дека тие води не се мешаат со тие од Рашче, од кои се снабдува Скопје.

РЕК Битола

Сите податоци ќе послужат за да се изработи геохемиски атлас на Македонија. За него се земени примероци од 1.025 локации, површински и длабински, во мрежа од пет на пет километри, а во некои места и многу погуста. Земени се 2.050 примероци од почва, и 800 од мов.

Податоците за загадувањето на воздухот, пак, што ги претстави Светлана Ѓорѓева, раководителката на Македонскиот информативен центар за животна средина, се исто така загрижувачки. Особено во грејната сезона. Оваа не е завршена, но според Ѓорѓева, досегашните мерења покажале дека ќе нема голема разлика во однос на претходната.

„Југохром“ – Јегуновце

А во неа, во четири месеци во Тетово имало само два дена во кои загадувањето со честичките ПМ10 било помало од максимално дозволената граница од 50 микрограми на кубен метар. Дури 136 денови во градот имало загаденост од над 100 микрограми, и имало дури четири периоди во кои загадувањето траело по десет или повеќе денови по ред.

Инаку, толерантната вредност на честичките ПМ10 е 50 на дневно ниво и 40 на годишно ниво, и тие не треба да се надминат во повеќе од 35 денови во годината. Но ова е тешко да се достигне. Во Скопје, мерната станица во Лисиче регистрирала дека 76 денови биле надминати 100 микрограми на кубен метар, а таму и во Гази Баба имало по два периода од континуирано загадување над 10 дена.

- Загадувањето е толку големо, што кога ги праќаме податоците во Европа, се случувало да ни ги вратат, мислејќи дека сме направиле грешка – рече Ѓорѓева.

 

Изворите на загадување се познати. Еден е индустријата, и тоа не само големите капацитети, туку и помалите. Потоа доаѓа сообраќајот, бидејќи 80 отсто од возниот парк е стар и е надвор од европските стандарди, а со увозот на стари возила од 2007 до 2014 година бројот на автомобили се зголемил за 40 отсто. Домаќинствата се грејат 62 отсто на дрва, а 29 отсто на струја. Лошата урбанизација и сечењето на зеленилото, пак, уште повеќе придонесуваат.

Интересно е, како што нагласува Ѓорѓева, дека присуството на сите други загадувачки материи во воздухот драстично опаднало со текот на годините, сулфурниот двооксид, јаглеродниот моноксид итн, но ПМ честичките бележат огромен раст. Затоа, препорачува таа, треба многу да се работи на сообраќајот и на греењето во домаќинствата за да се надмине проблемот.

Колку загадувањето ја чини Македонија, според објаснувањето на професорот Драган Ѓорѓиев од Институтот за јавно здравје, се мери во години на загубен живот. Тие се пресметуваат според бројот на луѓето што починале од болести поврзани со загадувањето, колку години им се скратиле од животот. По оваа формула, Македонија годишно губи 11.655 години живот. Економската штета, пак, се проценува на 250 милиони евра годишно.

Односно, ако луѓето што починале или што станале тешко болни, губејќи ја работоспособноста, останеле живи и здрави, и продолжеле да работат и да придонесуваат за економијата, таа ќе била поголема за оваа сума пари.

Извор: www.porta3.mk